The Black Keys – El Camino [Nonesuch, 2011]

Мака мачам, ама не ми текнува кога, а уште помалку зошто, стана нужно рокенролот да биде строго интелектуален, за да се цени. Од музички правец што како локомотива на јаглен се ложеше на страст, бунтовништво и инстинкти, тој изминатава деценија се претвори во поле за напудрен натпревар на умовите. Бендовите и кантавторите не се впуштаат во ултимејт фајтинг мечеви во кои се победува со мозок, а не со тупаници и со клоци. Иритира што голем дел од музичките интернет-магазини и блогери на кои им тежи зборот го дуваат носот на сè што не се вклопува во нивната невидлива шема на автори што создаваат аритметичка гимнастика за интелектот. Моронскиот рокенрол мора да се избегнува (не како ѓаволот, со него секој ден се дружиме), ама за тоа не ми требаат наоѓачи на влакно на просечност во јајцето на било кој состав што најпрво сака да сече, пржи и грува, а дури потоа да соли памет.

Обожувам кога модерните групи ми држат лекции, ми раскажуваат приказни полни со метафори, ми го бодат стомакот со стихови рамни на врвна литература. Сепак, сакам, речиси подеднакво, кога бендовите, како The Black Keys на новиот албум El Camino, роварат по жиците, крварат од ритмите, медитираат на дисторзијата и се вкопуваат во мозочните бразди со вокалните мелодии. Како и комбето на каверот, што, всушност, е Dodge Caravan V6 од 1986 година, а не спортското купе на Шевролет, дуото од Екјрон на најсвежото цеде повеќе ужува во возењето, отколку во крајната дестинација. Тоа не значи дека плочата скита, дека е нефокусирана. Изгледа како бендот да решил целата своја концентрација да ја потроши за да го создаде најпевливиот рокенрол материјал во кариерата. И успеал. Ова е музика заробена во гитарско тело, но е обвиена со дебела поп-кожа. Спаѓа во перолесна категорија, ама удира со сила на автори-тешкаши.

Знаев дека Дејнџр Маус од Gnarls Barkley е продуцент на El Camino, а тоа на терен (во превод: на слушалки) ми се потврди преку сличноста со Broken Bells, неговиот состав со Џејмс Мерсер од The Shins. Не знаев оти бил рамноправен автор со The Black Keys при пишувањето на песните, но уште по првото слушање ми се искристализира дека неговите прсти на позитивен начин го извалкале комплетниот материјал. Тука се крие никулецот на секој мрч напишан за албумот. Тие што негодуваат, велат дека причина за тоа е разводнувањето, потиснувањето на блуз-суровоста, нејзиното заменување со триковите на модерната продукција, за сметка на чистиот, нечепнат, рокенрол-звук од некои други, минати и наводно, поубави времиња. Неспорно е оти групата на седмата студиска плоча кокетира со меинстримот, се упростува себеси, го сече холестеролот од нумерите. Сепак, секој што тврди дека тоа е неподносливо празноглаво, има запек што го спречува да ужива во неоптоварената убавина на овие 11 композиции.

Како и дебито на Broken Bells што, исто така, беше потценето зашто не се фураше на видлива претенциозност, така и новиот диск на Ден Оербах и Патрик Карни мириса на The Beatles, но засилен со глам и соул. Сето ова не го брише гараж и блуз-рокот, кои се печат на бендот од почетокот, туку го надополнува, извртува и освежува на начин што делува како отстапка, како компромис, како основа за вечниот повод за расправање меѓу фановите – дека милениците им се “продале”. Материјалов има капацитет да го одведе составот неколку скалила погоре во меинстримот, ама ни од далеку не е толку блуткав за да се тврди дека тоа со сигурност ќе се случи. Постои голема веројатност за тоа, но поблиска е препоставката дека дуото со него само ќе си ја зголеми видливоста на и онака глобално раширената инди-сцена. Нејзините инаетливи заштитници тоа го сметаат за промена никната од слабост, а не од чиста креативност.

Ова е уште еден заклучок што често се појавува. Има случаи кога е точен, денес тие и не се малку на број. А тука некаде се и миговите кога причина за негово извлекување е склоноста кон неоснована осуда на секој што решава малку да олабави, во втор план да ја стави интелектуалноста и да се префрли на рокенрол хедонизмот. Кога тоа го прават исфалени, но, во суштина, празни артисти, нивната шупливост излегува на површина. Ако на тоа се решат музичари со самодоверба базирана на искуство и на талент, како Оербах, Карни и Маус, резултатот е 38-минутна колекција од 11 песни што можат да станат хитови. Некому тоа му е блуткаво, разлигавено, простачко. Мене сето ова ми е пречка што без мака ја прескокнувам, бидејќи знам дека на другата страна ме чекаат убави, топли, три и пол минутни нумери. Наместо резервирано и здодевно формално, тие релаксирано комуницираат со слушателот. The Black Keys го накрцал своето El Camino со нив, а тоа гарантира исклучително пријатно возење и нетрпеливо нагаѓање – не која ќе биде дестинацијата, туку какво ќе биде следното патување со бендот.

Оцена: 85/100

Артист: The Black Keys
Албум: El Camino
Датум на објава: 6 декември 2011
Продуцент: Дејнџр Маус и TBK
Издавач: Nonesuch

Листа на песни:

1. Lonely Boy – 3:13
2. Dead and Gone – 3:41
3. Gold on the Ceiling – 3:44
4. Little Black Submarines – 4:11
5. Money Maker – 2:57
6. Run Right Back – 3:17
7. Sister – 3:25
8. Hell of a Season – 3:45
9. Stop Stop – 3:30
10. Nova Baby – 3:27
11. Mind Eraser – 3:15

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар