Death – Human [Combat, 1991]

Леонардо да Винчи, Џон Колтрејн и дет-метал не е збир од зборови што природно ти доаѓа да ги сместиш во иста реченица. Ренесансниот уметник и џез-саксофонистот и не делуваат до тој степен неспоиви, но екстремниот музички правец боде очи. За тоа има проста причина – предрасуди. Како тече времето, околината ни ги штелува мозоците за тие најподводливо да реагираат на сигнали од воспоставените, прифатливи, сфаќања. Од сите области за кои што средината нè моделира, музиката е меѓу најнезначајните, а сепак, е во врвот по раширеноста. На ова се возвраќа едноставно – со уште поопсежна експанзија на личните граници на согледувањето. Потсетник за вечнава тема најдов во најавата за специјалната статија што американското National Public Radio ја објави по повод 10-годишнината од смртта на фронтменот на Death, Чак Шулдинер.

Текстот прецизно и точно укажува дека откако го напушти хард-бопот, жанрот што самиот помогна да се воспостави, Колтрејн го распарчи со скалила од звуци бидејќи знаеше дека секогаш постои нешто повеќе за истражување. Шулдинер, речиси сам, со со свои раце и креативност, го втемели дет-металот, а потоа одлучи да го пеплоса, но не со фаќање кривина во тињата на жалопојките, туку со надградба каква што ретко кој замислуваше оти е можна во овој конзервативно фанатичен правец. Тоа немаше да се случи ако Шулдинер, како што и вели NPR, не се водеше од кредото на Да Винчи: “Уметноста никогаш не се завршува, таа само се напушта”. Ако гитаристот, вокалист и автор го почитуваше спротивното, ниту ќе го извајаше дет-металот, ниту ќе успееше да го реаранжира речиси комплетно, помалку од една деценија по неговата појава. Овој процес почна токму со Human, четвртиот студиски албум на Death.

Компонирање: На овој план се случуваат најголемите чуда. Пред оваа плоча, бендот од Флорида цврсто се држеше до крвавиот, брутален, примитивизам. Тие самите, под диригентската палка на Шулдинер, му дадоа форма првпат во историјата на музиката. Неприкосновениот лидер на бендот реши сè тоа да пушти низ клозетската шолја и со Human да разоткрие поинаков дет-метал, со силен интелектуален набој и отвореност за жанрови што претходно беше забрането да припарат на екстремната сцена, како џезот и фанкот. Речиси иста важност има драстично повпечатливото, радикално похрабро, отстапување простор на мелодијата во рифовите, лидовите и солажите. Изданијата од првата фаза од опстојувањето на Death расчеречуваа со секири, чекани и пили, како во хорор-филмовите од кои што беа инспирирани, а од Human натаму, таа агресивност, без да загуби од убиственоста, се засили со запаметливост и со уникатно грување.

Ако на Scream Bloody Gore (1987), Leprosy (1988) и Spiritual Healing (1990) групата беше тинејџерски гневна и напалена на Б-продукција, ако со овие три албуми само сакаше да сее страв и црн хумор без зрно суптилност, на Human изведе салто мортале. Бесот остана, првобитната енергија се зачува, но доби контролирана форма, збиеност и епска емотивна димензија. Брзината не ја загуби улогата, ама не беше меѓу првите во најавната шпица. Таа е само еден од елементите на материјалот бидејќи е искршена со ритми потипични за акустичен џез-квартет отколку за жесток дисторзиран дет-метал. Иако има осум нумери и трае 34 минути (годинашното реиздание има бонус песна), во целината се случуваат толку перипетии кои, ако се разредат, како што прават многу состави, сигурно ќе исполнат трипати подолг временски простор. Дисков ги собира поради компонирањето на Шулдинер, кое не се врти во круг, туку гази напред.

Песните се држат до просекот од над четири минути, но тоа создава лажна слика. Тие се значително покомплексни отколку што вообичаено се очекува од композиции што го почитуваат ова, условно кажано, стандардно времетраење. Во нив се напластени повеќе нивоа различни рифови, ритми, лидови, солажи, вокали, мелодии. Бендот на ниту едно од нив не заглавува претерано. Става муниција, нишани, испукува, пак го полни шаржерот и сè така до самиот крај. Секоја од песните е исполнета со огромен број извонредни решенија што плачат да се повторуваат почесто, но аранжманите, едноставно, тоа не го дозволуваат. Движењето напред е насушна потреба. Потрагата по совршено течение е шаманска заповед. Тапкањето во место е непријателот. Со Human, Death го десеткува, а со несмален интензитет ќе продолжи да му ја вади душата и на следните три студиски албуми.

Продукција: Настрана војната со гласноста, што интензивно се разгори изминатава деценија, оргиналната верзија на Human беше солидна за времето во кое што излезе, но беше звучен инвалид, куцаше и затоа не можеше да зададе аудиоудар со сета сила што ја поседуваше. Тоа и не одигра улога во првичната извонредна перцепција на дискот, најмногу зашто песните се шокантно квалитетни, ама уште на следбеникот Individual Thought Patterns (1993), а потоа и на Symbolic (1995) и на The Sound of Perseverance (1998), стана јасно дека преломното издание на Death заслужува за нијанса помоќна продукција. Тоа беше надокнадено со ремастеруваното реиздание на Relapse од јуни годинава. Аперкатите и крошеата што Human ги задава сега се прилично поефектни, што ќе го продолжи и онака загарантирано долгиот животен век на албумот.

Изведба: Ако свирењето беше древна боречка вештина, која не бара само физичка подготвеност, туку и длабоко филозофско познавање на инструментот, Death од Human натаму се вбројуваат меѓу мајсторите великани. Чак Шулдинер на албумов покажува дека некогаш и шест жици не му се доволни, а во тоа приближно го следат и двајцата членови на Cynic, Пол Масдивал (гитара) и Шон Рајнерт (тапани) и Стив Ди Џорџио на бас. Без разлика што е целосно нова споредено со претходните три диска, иако е апансас студиска, наменски собрана, оваа постава прикажува свирачка хемија каква што ретко се среќава и кај бендови што со години се заедно. Сè што е снимено на Human зрачи со злобна комплексност, дава впечаток на недостижност, но и покрај таа техничка набилданост што буди восхит, изведбата на членовите во ниту еден миг не прераснува во отров досадна инструментална маструбација.

Стихови: По засирената крв, раскопаните црева и сè останато што е на списокот на хорор-естетиката, а кое што беше нераздвојно од бендот кон крајот на 80-тите, Чак Шулдинер го пренасочи Death кон почовечки, филозофски, теми токму на Human. Не за џабе така се вика албумот. Колку што групата претходно беше хардкор посветена на дехуманизацијата, толку од четвртата плоча до крајот се посвети кон внесување што поголема човечност во својата екстремна музика. Самото по себе, тоа е парадокс, но кусите, проникливи, мисли на фронтменот, заедно со неговиот специфичен крик, каков што и денес не се среќава во дет-металот, ја брише таа неспоивост и во бруталноста на сосема природен начин ја внесува хуманоста.

Севкупно: Поради поставата и за еден степен похрабрата експерименталност, голем број од тврдокорните фанови на Death чиста стотка, десетка, пет плус или најпросто, перфектен скор ќе му доделат на Individual Thought Patterns, а не на Human. Лично, таа оценка ја давам и на двата, a на Symbolic и The Sound of Perseverance им доделувам нешто помалку поени. Сепак, од овие четири, албумот што бендот го издаде во 1991 година засекогаш ќе отскокнува поради исчекорот чија радикалност и денес, две децении по објавата, делува потресно, шокантно и несфатливо. Со секое слушање, Human нè потсетува дека е албум-споменик на создавањето на целосно нова звучна форма. А тоа никогаш не може да биде уништено, дури и од нешто толку сигурно како човечката смрт.

Оцена: 100/100

Артист: Death
Албум: Human
Оригинално објавен: 22 октомври 1991
Реиздание: 27 јуни 2011
Продуцент: Скот Брнс и Чак Шулдинер
Издавач: Combat (1991) / Relapse (2011)

Track listing:
1. Flattening of Emotions – 4:28
2. Suicide Machine – 4:19
3. Together as One – 4:06
4. Secret Face – 4:36
5. Lack of Comprehension – 3:39
6. See Through Dreams – 4:26
7. Cosmic Sea (Instrumental) – 4:23
8. Vacant Planets – 3:48
9. God of Thunder (KISS cover) – 3:56

Бонус-дискови на реизданието

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

2 коментари

Ѓорѓи Ташковски 14/12/2011 - 12:51

За мене "Spiritual Healing" е најдоброто што го направиле Death. RIP Чак!

Reply
Ицо 14/12/2011 - 16:58

Рецензијава е лудило ама не се сложувам со некои ствари, и стално ке водам војна против овие информаци. Death нит го направија нит го измислија death metalot има мал милион други групи што свиреа ист стил на музика во тоа време, Possessed, Morbid Angel па ако ги споредиме почетоците ја би ги ставил Sodom и Kreator во исто купче. Сите овие бендови заедно со Чак и Death го оформија правецот таков како што е.
Другата работа е што Human не е прв албум кој направил breakthrough и споил октави, полиритмика и jazz делови со death metal… тој трон им припаѓа на Atheist уште од 1989та. Потоа тука се демоата на Cynic и тек во 1991ва заедно со Testimony of the Ancients на Pestilence излегува и Human.
За мене Чак со Death направи златна средина во death metal што ретко кој може да го постигне. Да земеш добри и умерени делови од другите правци а да останеш доследен на себе. За тоа во дискографијата на Death нема ни една лоша песна.
R.I.P. Chuck

Reply

Остави коментар