20/06/2018

Vasil Hadzimanov Trio – El Raval [SJF, 2011]

Постирано на 04/11/2011 од во Албуми, Музика

Обвивката на El Raval, деби-албумот на Vasil Hadzimanov Trio, е црно, вообичаено, дигипак-пакување. Има убава насловна, неколку фини фотки од бендот во акција и листа со песни со авторите во загради. Ништо спектакуларно, дефинитивно, но дел од картонско-пластичниот пакет е и кус, концизен, опис од Тони Китановски. Како продуцент на изданието, тој имал неспоредлив, ако не и пресуден, увид во целиот процес на создавање и снимање на материјалот лани во скопскиот Дом на армијата. Се работи за одвај неколку реда текст, но со нив македонскиот гитарист ја доловил карактерната особина на ова цеде што малку е потисната од неговиот уметнички и инструментален набој. Китановски не крие оти деветте композиции се снимени со елан, задоволство и со ентузијазам на фанови на музиката, а не на студени музички професионалци од 21 век. Да, сè тоа може да е глума, пресметан маркетинг-потег, но топлината со која е озрачен дискот го треби сомнежот и го ништи цинизмот по кој што денес по автоматизам посегнуваме.

El Raval е носталгичен џез-албум, ама по звучна боја, замисла и реализација, не по филозофија. Иако голем дел од артистите од овој жанр и сега снимаат како и пред четири или пет децении, технологијата и тоа како зема замав во процесот. Ако не грешам, за Васил Хаџиманов ова е првенче на акустично пијано и неверојатен плус е што го изработил старошколски, соголено, без нападна и вештачка аудиошминка. Кога, пак, концептот и неговото остварување е во прашање, Китановски постапил како најбитните џез-продуценти во врвот на акустичната ера – поставата веројатно прво јасно ја видел во својот ум, таму веднаш ја слушнал и го собрал триото во Скопје. Тоа да го направеше некој крут продуцент на кому музиката му се одмилила, ниту ваков состав ќе се собереше, ниту ќе беше до тој степен флуиден, ниту албумската снимка приближно идентично ќе ја доловеше нивната концертна енергија.

Ако начинот на кој што е конципиран El Raval се навраќа на поедноставно време во музиката, стилски, тој силно црпи од совремието. Тоа не звучи баш логично за издание со композиции од гиганти на акустичниот џез како Џек Дежонет (Ahmad the Terrible), Вејн Шортер (Ana Maria) и Орнет Колман (Blues Connotation). Сепак, преку прстите на Хаџиманов, чија “најприродна” средина е електричниот фјужн, се чувствува срцевиот ритам на рокенролот и други неџез-правци. Да, ова е чист, немагнетизиран, исклучен од штекер, старински, џез, но се забележува дека во него струи разновидното слушачко искуство што Хаџиманов, Александар Секуловски и Мартин Ѓаконовски го насобрале со текот на годините. Насловната нумера, потпишана од лидерот на бендот, прибрано, мирно, воздржано дури, манипулира со атмосферата како таа да е пластелин, давајќи неограничена слобода слушателот да ги доврши формите. Таа ја заокружува идејата дека и акустичниот џез може да се присвои, индивидуализира и извитка.

Тоа го става Хаџиманов на истата полица со Бред Мелдау и со генијалниот Есбјорн Свенсон. Всушност, ако се знае дека освен продукциски, Китановски на албумов е присутен и со три песни обработени од бендот, Vasil Hadzimanov Trio потсетува на Esbjörn Svensson Trio во уште еден пресуден сегмент – грувот. Познатиот гитарист е несомнен виртуоз, но никогаш не заборава своите дела да ги исполни со живост, со севкупен збир на елементи за кој што не постои прецизна дефиниција. Песните што го поседуваат тоа се впиваат во секунда, пред и да бидеме свесни дека тоа се случило. Освен со аранжманите, бендот предводен од Хаџиманов ова го постигнува и преку исклучително природна, екстремно инстинктивна, свирачка хемија. Албумов нема ни ѕирка ни проѕирка. Не зашто е пренатрупан, туку оти и кога не е, звучната врска меѓу музичарите не губи од цврстината. Тоа ја изострува сликата дека “Васил Хаџиманов Трио” креирале ѕид ѕидосано, вар варосано издание што значително отскокнува меѓу денешните акустични џез-албуми. Поради географија, голем број се пославни, но со повеќето од нив, El Raval не си личи како јајце на јајце.

Оцена: 91/100

Артист: Vasil Hadzimanov Trio
Албум: El Raval
Објавен: Октомври 2011
Продуцент: Тони Китановски
Издавач: SJF Records

Листа на песни:
1. Ahmad the Terrible – 05:34
2. Walz for Gino – 06:26
3. Ana Maria – 07:04
4. Blues Connotation – 04:23
5. El Raval.flac 06:14
6. Olha Maria – 05:42
7. Bez Povratok.flac 03:29
8. Good Old Story – 04:35
9. Addis Abeba – 04:47

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>