Vader – Welcome to the Morbid Reich [Nuclear Blast, 2011]

Досадно е непотребно силен и несоодветен збор, најверодостојно е да се каже дека да биде бидеш фан, всушност, да бидеш Vader, изминатава деценија не е најинтересно. Од објавата на ѕидосмачкувачкиот Litany во 2000 година, полскиот состав, мање-више, се повторува. Само што, наместо да реплицира очаен материјал, бендот издава освежени верзии, на истиот, ѓаволски добар, студиски албум. Ова не е креативна слабост, туку сила. Размножувањето на првичната енергија од плочите што ги дефинираат групите е задача тешка како пренесување камења во изгор летен ден. Успешно или не, одредени артисти се менуваат. Некои се, во поголема или помала мера, вични во одржување на старата формула во живот. Дали и колкав фајт ќе има ако изведувач фати друг воз или се шлепува на позната равенка зависи од личната перцепција.

Претпочитам кога авторите со музиката се предизвикуваат себеси, а со тоа и мене, но сакам и кога тврдоглаво се изразуваат по сопствени, познати, постулати. Сè разбира, тука пресудна е верноста на оригиналот. Најсвежото студиско издание, Welcome to the Morbid Reich, ги прикажува ветераните Vader како чекорат по земјата што самите си ја истапкаа последниве три децении. Со оглед на насобраното искуство, нивните стапки на албумов се полни со самодоверба, длабоки и јасно исцртани. Ова е суров дет-метал што до крајност се држи до вејдеровските правила и принципи. Импресивно е како, да се изразам шик, целиот “ноу хау” е собран во само еден член, најстариот и единствен од основачката постава, Пјотр Вивчарек – Питер. Сепак, материјалот има густина што се среќава кај прекалена група инструменталисти, а не комплетирана годинава.

Во бендот лани дојде гитаристот Марек Пајак, додека квартетот сегашната форма ја доби во 2011, кога се приклучија Џејмс Стјуарт на тапани и Томаш Халички на бас. Сите тројца се значително помлади од 46-годишниот Пјотр. Мудра одлука од негова страна, што резултира со разорен интензитет на секоја песна индивидуално, но и на 38-минутната целина. Vader го набиле Welcome to the Morbid Reich со музика чија моќ е барабар со таа на гигантска дробилка за руда. Ударната сила на овие 12 парчиња дет-метал адамантиум е колку на кран за пеплосување бетон. Овие машини се гломазни, бавни, речиси неподвижни. Во извесни мигови, такви се и нумерите на “морбидниот рајх”. Со вметнување масивни брејкдауни (не во модерна металкор-смисла) бендот го распарчува брзиот костур на албумот, кој најчесто ита како јапонски куршум-воз.

Во поширокиот свет на дет-металот, полскиот бенд не е меѓу експерименталните, ама е во врвот на листата по доследност. И на деветтото цеде во кариерата тие не се чаталат со неразбирливи инструментални трикови како технички напалените имиња во жанрот, туку испорачуваат вжештена лава од свирачка моќ, звучна цврстина и ритмички грув. Материјалот е напрегнат, жесток, да му се невиди, брутален е, ама Пјотр толку минал низ годините за да знае дека дури и во дет-металот, сè не се сведува на претепување на сетилата на слушателот. Без да ја чепне немилосрдноста на жанрот, составот внесува и динамика, и слушливост (токму така), како и мелодија. Нема тука гетеборшки финти, ова мириса на мочуриштата во Флорида и што мене баеги ми прави мерак, под кората крие силни треш-асоцијации.

Дет-металот многупати мава со сета сила, како со токмак, без притоа да прикаже ниту една човечка емоција со која што можеш да се поврзеш. Полската четворка на новиот не само што не го потиснува трешерскиот нагон, туку му го шири полето слободно да вирее. Да не испадне дека забегувам, материјалот е осмислен, напишан и егзекутиран како и секое чистокрвно дет-издание, но во себе носи лутина специфична исклучиво за трешот од 80-тите години. Енергијата што тогаш зрачеше од овој правец асоцираше на кучешко беснило, а истата таа лутина тишти и од Welcome to the Morbid Reich. Со неа Vader ја довршува смесата од чудовишни вокали, демонски рифови, ѓаволски солажи и ѕверски ритми и испраќа експлозивно добредојде во морбидниот рајх. За да не стане збогум, тие со слабо срце или низок притисок, препорачливо е да го избегнуваат.

Оцена: 83/100

Артист: Vader
Албум: Welcome to the Morbid Reich
Датум на објава: 12 август 2011
Продуцент: Војчех и Славомир Вјеславски
Издавач: Nuclear Blast

Листа на песни:
1. Ultima Thule – 0:48
2. Return to the Morbid Reich – 3:26
3. The Black Eye – 4:12
4. Come and See My Sacrifice – 4:44
5. Only Hell Knows – 2:13
6. I Am Who Feasts Upon Your Soul – 4:50
7. Don’t Rip the Beast’s Heart Out – 3:58
8. I Had a Dream… – 3:02
9. Lord of Thorns – 2:38
10. Decapitated Saints – 2:41
11. They’re Coming… – 1:46
12. Black Velvet and Skulls of Steel – 3:19

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар