Threesome: Сонуваме за море во Белград

Групи што се пријавуваат за учество на “Битки на бендовите” се тапа, нели? Да, тоа не е кул, го поништува космичкото мачење и жртвување низ кое што мора да минат сите, ама баш, сите уметници. На крај, учеството на натпреварувачки фестивали не е хипстерски. Нормално, како и секој вид генерализирање, така и ова е бесмислено – доколку составот е добар, ќе биде таков и ако тргне по соло-патот и ако ја фати кратенката преку пријавување на компетитивен собир.

Иако членовите на белградската тројка имаат солидно искуство со бившите групи, значи ја газеле трнливата калдрма на самостоен пробив на сцената, со нивниот нов бенд, Threesome се наметнаа со триумфот на познатиот Demo Fest во Бања Лука. И не само со освојувањето на првото место на манифестацијата. Тие за кусо време ја разбрануваа независната сцена во регионот најмногу зашто се стегнат состав на бина и талентирани автори во студио. Тоа може да се чуе на првото EP именувано според групата (за гага симињање кликај тука) објавено лани, како и на деби-албумот Adriatica што излезе во октомври. Скопје вечерва во “Менада” во Стара Чаршија ќе има можност првпат да ги слушне Threesome, што беше доволен мотив за преписка со гитаристот, Урош, кој во бендот свири заедно со Јована (тапани) и Петар (бас).

Секој од вас е прилично млад, а свирите некаков вид на сурф-рок, правец што асоцира на други, минати, времиња во музиката, не и на денешните. Како дојдовте до сегашната форма на звукот на Threesome?
Урош: Кога почнуваш нов бенд, ти треба нова музика. Пред некои две или три години се навлеков на Man or Astro-man? и Slacktone. Никогаш претходно не сум свирел гитара на таков начин, ниту, пак, знаев тремоло да користам. Како помлад забележав дека Ramones и Descendents се под влијание на The Beach Boys, но тој жанр подетално не го истражував сè до неодамна.

Сите свиревте во други групи пред настанокот на Threesome. Ти во Euforia и во Cut Self Not, Јована во Metak za zlikovca и Pera во Spitliver. Сигурно од искуството со овие состави сте научиле нешто. Конкретно, што?
– Јас научив дека е супер да свириш на гитара и да не пееш премногу. Тоа ти остава повеќе простор за дивеење и немам проблем доколку зарипнам. Многу ми значат познанствата и искуствата што ги стекнав. Сега не е толку лесно да ме измамиш.

[quote]Луѓето почнаа сè повеќе да се навикнуваат на неквалитени и брзи нешта, вклучувајќи нè и нас. Јадеме изџвакана храна, слушаме музика со преџвакан квалитет на мобилните уреди и на YouTube[/quote]

Неодамна беше објавен вашиот прв албум, Adriatica. Јасно е дека името го симболизира Јадранот, но тоа е премногу општа интерпретација. Која е врската меѓу вас, ова море и музиката на плочата?
– Ние, всушност, сонуваме за море во Белград. Кога завршувавме сè околу албумот воедно преговаравме за датумите од нашата прва турнеја и тоа токму на Јадранското приморје. Требаше да смислиме и назив на изданието. Бидејќи во тој момент ни се помешаа музика, море и просторите од бивша Југославија некако терминот “Adriatica” беше логичен.

Минатата година Threesome влезе во потесната селекција од 400 бендови на Demo Fest во Бања Лука, каде што и победивте. Како на вас, како група, ви изгледаше да се натпреварувате, но не во спорт, туку во музика?
– Такво нешто претходно немам доживеано со ниту еден состав, дури ни на EXIT. Одлична организација. Во такви услови секоја група мора да даде сè од себе. Така беше и лани, но и годинава. Воспоставивме многу пријателства и познанства низ целиот регион. Поздрав до Vandal од Македонија. Тие се цареви, во секој поглед.

Свирите инструменталки, што изминативе години речиси исклучиво се врзува со пост-рокот. Спротивно од овој правец, песните на Threesomе се баеги покуси, директни и експлозивни. Како го правите тоа без вокал?
– Се обидуваме да останеме, до некаде, доследни на традиционалниот сурф-пристап, но не бегаме ниту од пост-рокот, мат-рокот, ло-фај и останатите влијанија. Предизвикот е далеку поголем кога правиш песни без вокали, но и возбудата расте кога ќе дојдеме до решение со кое што сме задоволни.

Еден од најпризнатите бендови последниве две години е Girls, кој може да се каже дека, како и Threesome, свири сурф-рок. Овој стил полека завзема важно место на светската сцена. Што мислите, зошто?
– Кога пред две години беше создаден Threesome, тоа не го забележував. Некои луѓе ми велеа да им обрнам внимание на бендови како Girls, Best Coast, Vivian Girls и Wavves, но за нив се заинтересирав во времето кога го снимавме првото EP. Потоа почнав да следам разни групи преку Pitchfork и излезе оти, всушност, сме многу актуелни. Вистински хипстери.

За песната Chasing the Car Bandits направивте одличен, оригинален, но и забавен видеоспот во кој што црквата ја поврзувате со грабеж. Колку од ова е само шега, а колку е сериозна општествена критика?
– Тоа, всушност, е пресек на едното и на другото. Никој кај нас не се осудува да ја критикува црквата, а камо ли да ја исмева. Исто така, сите сме љубители на филмовите и не сакавме да ја пропуштиме шансата да глумиме наместо да направиме “класичен спот” со инструментите во рака и изрази на лицето божем сме несфатени. Таков ќе ни биде вториот спот.

[quote] Јас научив дека е супер да свириш на гитара и да не пееш премногу. Тоа ти остава повеќе простор за дивеење и немам проблем доколку зарипнам[/quote]

Албумот го снимивте во загрепското студио Крамасоник. Причина за тоа претпоставувам е зашто повеќе го сакате аналогниот од дигиталниот начин на снимање. Колку е оваа разлика битна во денешното MP3-време?
– Луѓето почнаа сè повеќе да се навикнуваат на неквалитени и брзи нешта, вклучувајќи нè и нас. Јадеме изџвакана храна, слушаме музика со преџвакан квалитет на мобилните уреди и на YouTube. Терминот “плоча” го нема истото значење како некогаш. Лично, искрено, го сакам звукот, обликот и карактерот на плочата. Се обидувам, секогаш кога имам прилика да одам на концерт на некој странски или домашен бенд и купувам конкретно винил. Тогаш некако сум обврзам да му посветам момент на тој состав. Со оглед дека победата на Demo Fest ни овозможи да го избираме студиото и форматот на албумот, се одлучивме за целосно аналоген процес. Сè снимивме на магнетофон со повеќе канали, миксувавме на стерео-магнетофон, мастерот на албумот го направивме во аналогно студио во Калифорнија, потоа го испративме во фабрика и на крајот добивме 12-инчни винилки како финален производ. Луѓето во Скопје ќе можат да дојдат до својот прв примерок по свирката.

Сурф-рокот е музички стил базиран на прилично едноставна, а некои би рекле ригидна или можеби дури здодевна формула. Како се снаоѓате, каде е креативниот предизвик кога работите на нешто толку издефинирано?
– Сите доаѓаме од многу бучни бендови и групи со “искршени” делници и едноставно ги избегнуваме нештата кои што сме ги слушнале милион пати. Со Петар понекогаш ќе се занесеме, а кога правиме нова песна, Јована е таа што ќе ни каже: “Немојте да го свирите тоа традиционално срање, ме замара и сакам да лупам јако”.

Adriatica е достапен и во Америка, а издавач е Double Crown Records. Какви очекувања имате за успех преку Атлантикот – барем малку да свирите или можеби нешто повеќе од тоа?
– Ние ќе продолжиме да се трудиме колку што времето ни дозволува. Постои интерес за нас во Америка, но сè уште немаме конкретни понуди што би ни обезбедиле патни и животни трошоци. Важно ни е да бидеме присутни на сурф-сцената во целиот свет. Албумот во октомври излезе на цеде, а од пред некое време е достапен и на iTunes, CD Baby, Amazon и на други места. Ќе видиме што ќе се случи. Секако дека Европа ни е прва на картата, и тоа веќе од пролет следната година.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар