The Skopje Connection со нов албум во Домот на АРМ

Георги Шарески, Џијан Емин и Лука Аквино, заедно со Ернст Рејсегер, вечерва од 21 часот во скопскиот Дом на АРМ ќе го промовираат албумот The Skopje Connection meets Ernst Reijseger. Првите тројца го сочинуваат бендот “Скопје конекшн”, додека четвртиот е холандски виолончелист кој гостува на нивното второ авторско цеде. Се работи за материјал снимен во октомври 2010 година, во Хилверсум, Холандија, под продуцентската палка на Енрико Блумер. Токму на негова иницијатива во 2009 година беше собран The Skopje Connection и во Чифте амам беше снимено албумското првенче на триото, едноставно насловено, Amam.

Издавачот, Losen Records од Норвешка, во официјалниот опис наменет за медиумите, вели дека The Skopje Connection на вториот диск одржал живата магија на раскажување претходно чуена на “Амам”. Според нив, бендот пак буди кинематографски слики во фантазијата на слушателот. Разликата е што Рејсегер со виолончелото внесува елемент на сочна рафинираност во милозвучните композиции на групата. Од Losen нагласуваат дека тројката го исполнува потенцијалот прикажан на “Амам”. На новото издание тие, во исто време, прикажуваат зрелост и разиграност, воздржување и надмоќност.

Шарески, кој свири на акустична гитара и во составот членува со Емин (мелодион и хорна) и Аквино (труба), вели дека работата на материјалот била посебно искуство.
– Не е лесно со зборови да се опише задоволството и уживањето што создавањето на овој албум ни го донесе. Дента кога првпат го запознавме Ернст Рејсегер беше ден и кога го снимивме материјалот. Музиката ни доаѓаше лесно, како дишењето. Немаше апсолутно никаква напнатост. Песните се инспирирани од љубовта и пријателството, од задоволствата и радостите на животот, од тагата и од надежта, но над сето тоа, од солидарноста и човечноста – вели Шарески за новиот албум.

Пред нешто повеќе од две години, The Skopje Connection настапи на првата вечер на Скопскиот џез-фестивал и во текстот за тогашниот концерт вака ги опишав:
– Во „Скопје конекшн“, Емин го внесува духот на Балканот, Аквино шмекот на Западот, а Шарески ги спојува двата света со акустичната гитара која е и ритмички столб на темите. Главно меланхоличниот тон на материјалот Емин го разигра со виртуозна изведба на мелодион, а Аквино се истакна со специфичната контрола на звукот на трубата, која со придушеноста само ги подвлече емоциите на композициите. Иако во бавен ритам и тон, публиката не загуби интерес за нумерите, а изнуди и бис на кој бендот репризира една од нив.

Слични написи

Остави коментар