20/08/2018

Rwake – Rest [Relapse, 2011]

Постирано на 18/11/2011 од во Албуми, Музика

На скалилата на оценување кои жестоки бендови колку ми се допаѓаат, горе, на самиот врв, ако не и на пиедесталот, се тие што поседуваат првобитна, злобна, енергија. Не зборувам за Cookie Monster метал, што, необјасниво, во исто време може да биде и страшно и смешно. Се работи за сеопфатно чувство што групата го емитира, а тоа може да има различни хеви-форми, како што може да се чуе во овие песни од Converge, Death, The Red Chord или Neurosis. Кога во прашање се состави со ваков печат, изминативе десетина години се особено плодоносни. Без да употребам празни фанфари, Rwake се меѓу најдобрите во лоцирањето на оваа мрачна страна на сопствениот и општо, карактер на човечката раса. Тие се уште поимпресивни во сеењето на ова семе во музиката што ја потпишуваат. Нивниот петти студиски албум, Rest, изобилува со тој примален инстинкт, а сепак, некако успева да биде леплив за уво без притоа да се претвори во самопародија.

Поврзувањето на металот со лошотилакот не е откритие на денот, а камо ли пак на векот. Rwake таа карактеристика ја имаат истетовирано во песните, но штом почнат да врват секундите од првата од шестте, се кристализира дека ова не е бенд излезен од најсовремената лента за сериско производство. Шесторката од Литл Рок албумот го отвора како да се Andrew Bird, а не мрсни слаџери од Арканзас. Со фолк од кротка акустична гитара и женски глас, Souls of the Sky милозвучно подготвува терен за челичните гасеници на It Was Beautiful But Now It’s Sour бавно да се стркалаат и да го мелат асфалтот од конфликтни чувства и мисли. Нема нуклеарна физика во индивидуалните изведби на членовите, но комплексната и компактна целина има ударна сила од повеќе мегатони. Океј де, вистински да имаше, текстов сигурно немаше да го читате (вам неколкумина ви се обраќам) зашто пепелот не пишува, ама јасна е приложената единица мерка.

Rwake се гадни слаџери, што носат маички од непознати бендови со логоа што не можат да се прочитаат. Се фотографираат под мостови или слични структури со р’ѓа наместо боја, опкружени со сено и со ѓубре. Истетовирани се. Брадата им е начин на живот. Во поставата имаат жена, која пее прекрасно, ама вреска исто толку застрашувачки како и мажите. На аутсајдерите, сето ова сто отсто ќе им изгледа како бедна, шуплива, иконографија, но само едно вртење на трака како An Invisible Thread и станува јасно дека кај Rwake тоа што го гледаш, тоа и го слушаш. Оваа песна, а и албумот, нормално, е повагнеровски апокалиптична од самиот Вагнер (Ларс Фон Трир треба да се преиспита). Освен што и тој и тие се мрачни, данскиот режисер нема заедничко тло со групава. На Rest може да се почувствува и прочита одредена метал-интелектуалност, но добро е што таа е држена под контрола од примитивноста, што доминира на плочата.

The Culling е супер пример. Почнува акустично, се проширува до некакви нивоа на амбиенталност, тера така околу седум, а остатокот од вкупните 16 минути се модифицира во исто толку бесен, ама значително успорен Халк. Забрзување има дури на крајот, во вид на перфектно темпирана солажа, која е технички силен и емотивно нужен мост до разорното финале на нумерата. Самостојните гитарски испади се појавуваат на три-четири места, но со албум од четири песни и три куси воведно-преломни парчиња, тоа е логично. Сепак, солирањата на дисков не се никаков вишок, во нив нема кочоперење. Тие испливуваат во највистинското време на највистинското место во песните. Почесто се среќаваат како куси, лид-рифови, како на стартот на Was Only A Dream. Во таа форма, тие се однесуваат како трактор што ја завлекува композицијата додека таа не почне на своја рака да ора нови и да ги прекопува старите бразди во мозокот. Имајќи предвид дека се од јужните делови на САД, аграрнава паралела делува, ама не е предрасуда на сметка на луѓето што печалат леб од оваа дејност. Тоа што Rwake го прави на Rest најверодостојно се дефинира како музичко земјоделие. Резултатот е богата жетва на природен хеви-звук што годинава има разредена конкуренција.

Оцена: 93/100

Артист: Rwake
Албум: Rest
Датум на објава: 27 септември 2011
Продуцент: Санфорд Паркер
Издавач: Relapse
Преслушување: Bandcamp

Листа на песни:

1. Souls of the Sky – 1:27
2. It Was Beautiful But Now It’s Sour – 11:44
3. An Invisible Thread – 8:44
4. The Culling   16:06
5. Ti Progetto – 0:56
6. Was Only A Dream – 13:50

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>