03/09/2014

Пет супер свирки на Cinedays

Постирано на 11/11/2011 од во Настани

Откако Скопскиот филмски фестивал се претвори во смејурија што ниту насмевка не може да изнуди, во македонскиот главен град се отвори кратер кога се во прашање овој тип културни собири. За редовно одење во кино можеби нема интерес, но салите се секогаш полни за време на вакви манифестации. Не зачудува, уствари, извонредно е што Cinedays забележа дека тој недостиг постои и изминативе, а особено годинава, го пополни со засилена кинематографска понуда. Таа нема потреба да се елаборира, тука е извесно време, сигурно многу од насловите веќе се заокружени и нозете подготвени за трчање и гужвање пред билетарниците. Тоа што изгледа на мнозинството не му е баш јасно е дека на десттиот Cinedays се закажани концерти на неколку интересни и талентирани состави активни на независната сцена во земјава, во регионот и во светот. И пред некој да почне да мава со камења дека бендовите “никој не ги знае”, битно е да се подвлече дека сите свирки се бес-па-ри. А кога е гага, и анонимната музика е блага. Во продолжение е селекцијата на пет концерти што не смеете да ги пропуштите во следниве десетина дена.

Threesome: Најдобрите сурфери од Србија

Датум: 11 ноември 2011
Почеток: 23.00
Локација: Менада (Стара Чаршија)

Сурф-рокот и сите негови варијации изминативе години добија осовременета шминка преку бендови како Girls и прашање на време беше кога овој тренд ќе се пресели и на Балканот. Ние и соседите сме неподносливо бавни при држењето чекор со светот за сè, камо ли за музика, но Threesome од Белград зачудувачки брзо се вклучи во Beach-Boys-манијата. И иако повеќе потсетува на The Soft Pack, иако свири само инструментали, ова српско трио го карактеризира пожестока, понервозна, речиси панкерска, егзекуција на препознатливата сурферска веселост и позитивна енергија. Нивниот звук мириса и на пустина и кактуси, буди слики на грмушки што се тркалаат низ прерија. Освен тоа, како што и се потврдува во спотот, во целата формула се чувствува и силна доза на хумор и шаренило како во текстовите (и кошулите) на Хантер С. Томпсон.

Nadja: Хеви-патешествие во чудесни простори

Датум: 12.11.2011
Почеток: 22.30
Локација: La Kaña

Oткако Џастин Бродрик со Godflesh на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години ја внесе ритам-машината во метал и хардкор-континуумот, неговата студена, мрачна, индустријализирана интерпретација на реалноста ја презедоа и на своите потреби си ја прилагодија низа состави. Таков слаџерски, монолитен, ѕид од дисторзија и бучава врз дигитализирана ритмичка подлога создаваат Ејдан Бејкер и Леа Букареф од Nadja. Како споредбена, но емотивно спротивна точка не може пак да не се спомене Бродрик, ама сега со Jesu. Ако тој со овој проект употребува посветли бои, Бејкер и Букареф тоа го прават со темни, изведени со потези што во исто време се сурови и нежни. Nadja не е за луѓе без трпение или без толеранција кон звучната бруталност, но тие што сакаат фриковска хеви-музика, ова е бенд што го носи умот во чудесни простори.

Fjodor: Балкан-ориент спејс-психоделија

Датум: 15.11.2011
Почеток: 21.30
Локација: La Kaña

Понекогаш си помислувам дека најголемиот проблем на Скопје не е што во него не се случуваат доволно интересни настани, туку дека и кога ги има, градот се однесува како заспана убавица што ја мрзи да го мрдне г’зот и да појде на свирка за 150 денари. Остај што таму можеби ќе најде принц, ќе чуе и бенд како Fjodor. Екипата на Plagij.at на 24 октомври 2008 година ги донесе во македонскиот главен град и иако организаторите, а и тие што се појавија, си пројдоа супер, нашата лепотица од метропола во глобала си одбра да биде игнорантна кон свирката. Што било поминало, загрепскиот состав пак доаѓа во Скопје, а сега билет е нула денари. За разлика од тоа, музиката и тоа како им вреди. Таа е спој на психоделии, ноиз и спејс-рок, со балкански и ориентални звучни елементи, но и џез и електроника. Плус, во живо се под конец.

Foltin doin’ Morphine: Кабаре и меланхолија

Датум: 19.11.2011
Почеток: 00.30
Локација: Кино “Фросина”

Ако не грешам, ова ќе биде прва изведба на проектот со кој “Фолтин” ги интерпретира Morphine. За нешто нечуено нормално е да постои извесна резерва, ама сè некако ми вели дека битолскиот бенд без мака ќе го “скине” влијателниот американски на крајно свој – до точка на непрепознавање – начин, а сепак, верен на суштината на оригиналот. Само како концерт, ова поставува високо ниво на очекување. Кога на тоа ќе се додаде дека пред настапот ќе се проектира документарецот за фронтменот на Morphine, Cure for Pain: The Mark Sandman Story, тогаш надежите и замислите каков провод нè чека следната сабота го уриваат плафонот. Малку е нејасно како темнината на Сендмен и на неговиот бенд ќе се претопи во заразната веселост на псевдоемигрантското кабаре, но тоа најдобро може да се тестира во живо. Само од таа причина, вреди да се истрпи кркљанацот што со тапија е загарантиран за овој концерт.

Midas Fall: Интимни емотивци

Датум: 20.11.2011
Почеток: 22.00
Локација: MCM

Од сите пет наведени, Midas Fall се убедливи шампиони во категоријата “анонимуси во Македонија, но и пошироко”, меѓутоа, звучат изненадувачки профи и искусно, како да се работи за бенд што активно работи десет, а не одвај две-три години. Нивниот корен е во Единбург, сега се лоцирани во Манчестер, најчесто ги споредуваат со Portishead, Bat For Lashes, Explosions in the Sky и досега имаат свирено со Mono. Знаете, составот што на 25 февруари 2010 година здраво нè истреска во “Фросина”. Има многу вистина во листата на групи со кои што Midas Fall се споредени, најмногу поради продорниот и извонредно мелодичен глас на Елизабет Хитон. Музички, композиторски, не се до тој степен развлечени како поголемиот број пост-рок-состави, повеќе газат по патеката на Jeniferever. Комбинација што ветува интимност и емотивност.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>