20/06/2018

MTV EMA 2011: Евровизија во Белфаст

Постирано на 07/11/2011 од во Телевизија

Гледајќи ги годинашните European Music Awards на MTV, конечно заклучив дека имам за што да се жалам на Агенцијата за електронски комуникации. И тоа не само на отокот добиен од кампањата. Готово е, решен сум, ќе пишувам претставка. Нема смисла, цела недела, море можеби и месец, Ем-ти-ви ме бомбардираше со реклами дека на 6 ноември ќе бидат доделени Европските музички награди. Букмаркирав во календарот, се организирав да бидам слободен од 21 часот. Се наоружав со семки и сончоглед (поради разновидност), се амебосав во фотелјата, го грабнав даљинското. Во предвидениот термин следуваше дури и најава, на сцената во белфастовската Одисеј Арена се материјализира лошо облечена клинка по што сомнеж почна да ми се прикрадува во умот. Неколку минути подоцна скепсата се претвори во откровение. MTV ме излажа, ме заведе, ме натера да им го купам производот, а тие во магичната кутија ми спакуваа друг продукт – Евровизија.

Не е новина дека Ем-ти-ви изминатива деценија се трансформира во канал за третолигашки реални шоуа, моронски серии и речиси комплетно бришење на музиката од програмата. Церемонијата во Белфаст не навести радикална промена во концептот, само потврди дека дречливите бои, светкавите костуми, настапите на матрица (или плејбек), едноставно, естрадната депонија наречена Евровизија со поголем буџет пристигна во куќата на MTV. Овој канал го допре дното одамна, се откажа од намерата да биде репер за кулоќа, но доделувањето на наградите во Северна Ирска заокружи претпоставка што и за новиов Ем-ти-ви делуваше неочекувана – телевизијата широкоградо, свесно, го прегрнува и ја турка идејата оти токму кичот сега е cool. Комерцијален, меинстрим, медиум како овој уште од старт ја држел вратата отворена за евтина популарна забава, ама дури и во тие мигови, се оставал широк простор за одење спроти течението на реката.

Од тоа во Белфаст имаше само сенки и правливи, минимални, траги. На Queen им беше доделена статуетката за “глобални икони”, а Red Hot Chili Peppers изведоа едно парче од последниот албум. Тоа значи дека во првиот час од преносот беа одвоени пет-шест минути за првокласни ѕвезди со досие чиј број на страници е повеќепати поголем од возраста на водителката, Selena Gomez. Остатокот од сценариото беше остапен за квазирејверски, примитивно електронски кловнови како LMFAO за кои комичните 2 Unlimited се Боб Дилан. Речиси целосно иста, шокантна (аха, се стресов), беше и Lady Gaga, само со поголем буџет и празен, бел, лист од издавачите дека може да прави што сака. Нормално, таа дозвола ја искористи за да стави капак од канта на лице (не беше, знам, ама брилијантно, нели) и за да се растрча на бината со поткрепа од нејзиниот американизиран јуротранс. Сето ова се преслика и кај победниците во категориите меѓу кои беше таа, но и Кејти Пери, Џастин Бибер и Бруно Марс.

Ако мора да се одбере еден момент што наједноставно отсликуваше дека EMA, а и цело MTV е за во Дрисла, тоа беше трчањето во слободен мандало стил од топтан гол Ирец. Демек требаше да се запрепастиме, да се згрозиме, мајките да почнат да вртат телефони до Барак Обама, но дури и тие не почувствуваа таква потреба зашто целата точка беше – точка. Фејк до даска, овој сегмент не беше ниту смешен, туку труеше на мизерија. Стварно, ако до толку биле решени да бидат шокантни, барем да најмеа пијан адолесцент што ќе се дери манијачки, кој ќе ја грабне Хајден Пенитер за г’з и кој на крајот ќе биде херојски соборен од јуначкото обезбедување. Наместо тоа, стокменото типче си напраи лош муабет со актерката од Heroes и си се врати зад сцената како да добил “Оскар”. Божем со некаква симболика, веднаш потоа Лејди Гага се качи за да собере уште една награда. Точно погодувате, врз лицето пак имаше лимена маска, но овој пат таа беше зелена поради што Земјата немаше избор, за секунда мораше да престане да се врти.

Со провидно изрежираниот Penisgate шоуто акна наглавечки во дното на треш-бунарот. Како почна и како течеше, немаше дилема дали, туку на каков начин ќе тресне од земја годинашното доделување на Европските музички награди. По ова, нормално, Мис Гагаџика повторно собра статуетка, замина како севкупна победничка, а на Брајан Меј и на Роџер Тејлор им беше препуштен обидот манифестацијата да се заврши на нота што сигурно ќе биде мизерна, ама барем да не е претерана. Се обидоа, не дека не, придружувани од некаков Бруно Марс wannabe со готик-варијанта на Ванила Ајс-фризура, но не можеа ниту да го подзачистат ѓубрето насобрано од претходните, помлади, колеги, како и од продуцентите во MTV. Денешниве клинци можеби конечно дознаа дека постоела музика и пред да се појави Дејвид Гета, меѓутоа, ако се суди по EMA 2011, тие од утре тешко дека ќе ги заслушаат Queen. Искрено, оценувајќи според понуденото во Белфаст, ќе им биде попаметно да се пренасочат кон Евросонг. За било кој друг музички канал ова би било трагедија, а за Ем-ти-ви, тоа е избор за сегашноста и план за иднината.

Тагови: , , , ,

7 Responses to “MTV EMA 2011: Евровизија во Белфаст”

  1. Ангел 7 ноември 2011 at 02:33 #

    Секоја чест за освртот! Подобро не можеше да се опише падот на MTV и општо на вредностите у денешното труло општество.

  2. Publishermkd 7 ноември 2011 at 03:04 #

    Коментар од гледна точка на човек кој не сфаќа дека шоуто е она кое публиката го барала во текот на годината. Ако кај нас од тепка се става водител на музички шоуа, во странство прават анкети за популарност помеѓу младата публика. Затоа Селена (која и јас не ја почитувам) беше водителка на шоуто.

    • Александар Саздовски 7 ноември 2011 at 08:02 #

      Имаш право, ја сум од тие човеци што не сфаќаат 😉

  3. Дарко 7 ноември 2011 at 11:18 #

    Ваљда отсекогаш било тоа така друже, еднакво чкарт како Евровизија, која е уште подоле поради тоа што е "натпревар". Што бара натпреварување во музика, фак..

    MTV е уште ок ако фаќаш MTV Rocks (порано MTV2).

  4. Simona 7 ноември 2011 at 13:26 #

    Многу добро напишан текст. Ја не знам зошто, можеби затоа што сакам да го пуштам мозокот на пасење на неколку саати, ама скоро секоја година гледам по некој од овие MTV настани ама ова вчера беше навистина тажно. Иначе типот што пееше со Queen е Adam Lambert, мислам дека крајот на ЕМА беше добар 🙂 Чекам текст за АМА (тоа се американските награди 🙂 )
    поздрав

  5. Ангел 7 ноември 2011 at 16:08 #

    абе Бибер земал за 'најдобар ' машки изведувач, a ? апокалипсата е близу. а на Гага и даделе награда “Најголеми фанови“ – нешто мора да сум пропуштил у последните ногу години на поп сцената, кај и да е ќе не удри астериоид, вака не ја бива више.

  6. AlexArcanum 8 ноември 2011 at 15:09 #

    Супер напишан пост. Се изнасмеав за суровата вистина околу MTV, иако неам гледано 7-8 години како што треба (изгледа баш поради фактот што не е музичка телевизија веќе). Инаку, убаво се имаш подготвено за настанот, само уште они да се спремиле. Џабе фрлање пари за сончиглед и семки. Како и да е, ова за ум нека ти биде 🙂
    Поздрав


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>