16/08/2018

Хипстер блек-метал: Да или не?

Постирано на 23/11/2011 од во Колумни

Од сите можни музики, изминатиов период најчудно ми е што баш блек-металот е особено високо на пиедесталот на воздигнување во светските храмови на хипстер-културата. Низа влијателни онлајн-медиуми се во првите борбени редови на ова кампањско создавање фама околу жанрот, но тука предничи Pitchfork, централната куќа на богослужение во хипстеријанството. Свештениците од оваа црква, само во 2011 година објавија пофални проповеди за бендови како Liturgy, Locrian, Blut Aus Nord, a Celestial Lineage, последниот албум на Wolves in the Throne Room дури го прогласија за best new music.

Тестото на трендот толку нарасна, што и The New Yorker, 86-годишниот критериум за вистинските уметнички вредности во Америка, а неретко и на планетава, објави опсежна анализа на мрачниот стил. Немам ништо против вилата или њујорчанецот, редовно ги читам, почесто се во право отколку што грешат, но како и сите дувања медиумски балони, така и ова наметнува дилеми и принудува на размислување на кој начин е најдобро да се поставите. Прашање што самостојно се мести, дури и да е неповикано, не е зошто блек-металот се претвора во најнова мода. Тоа е што, по ѓаволите, е НЗС на овој аудиоправец и извиканиот сегашен пристап кон кулоќата.

Одговорот попрост не може да биде – тие немаат допирна точка. Музичкиот жанр е абразивен, брутален и примитивен, а хипстер-културата е стилизирана, нагласено интелектуална и претенциозна. Бранови со џева се издигнувале и ќе продолжат да се креваат од логични до банални причини за сè и сешто, поради што копањето по ср’жта на оваа тема е бесмислено. Единствено релевантен сомнеж што заслужува на него да се потроши време е дали вреди да се слуша хипстерски блек-метал или тој по правило мора да се избегнува.

На секоја сцена собрана околу одреден музички правец се водат жолчни дискусии кои артисти се искрени, а кои шупливи. Во блек-метал-ќошето, што е подземје на широкиот метал простор, кој и онака по правило е андерграунд, овие расправии се присутни од памтивек. Доказ оти се најекстремни е посебниот начин на пишување на зборови од типот “вистински” и “култен” како tr00 и kvlt. Појавата на интернет-форуми и блогови како вирус ја рашири паролата “смрт за лажниот метал”. Кога на тоа ќе се додаде дека и “површните хипстери” вмешаа прсти, виртуелните тепачки за празнотијата или оправданоста на блек-трендот ескалираа. Тоа само е потврда за паганската, самонаметната, изолираност и затвореност на почитувачите на оваа музика уште пред таа да стане тренд, без разлика колку е мал нејзиниот досег.

Некому, а на хипстерите најмногу, ќе делува чудно, но и тие се потполно исти во овој поглед. За култура што наводно се темели на отвореност, неконформизам со меинстримот и нагласок на индивидуалноста, таа е неверојатно племенска. Во неа има место за сè што се продава како инди, но на металот, кој уште од основањето е независен (independent), традиционално се гледа со потсмев. За ова ќе употребам крајно глупав, но баеги точен пример. Модните елементи, како тесните фармерки, за хипстерите се речиси подеднакво важни како и музиката и уметноста, што не ми пречи воопшто. Смешно ми е што сличен, да не речам приближно ист таков тип на џинс беше интегрален дел на треш-метал-сцената во 80-тите години, а на истиот тој жанр и на неговите љубители, денешните хип-генерации гледаат одозгора.

Ова однесување на “вистинските” блекметалци и хипстери ме потсетува на изјавата на Џастин Бродрик од Napalm Death, Godflesh, Jesu и низа други круцијални групи. Тој вели дека трибализмот на музичките сцени доминирал во периодот кога растел, во 70-тите години, но нагласува оти и сега е присутен. Тука, барем за мене, се крие одговорот на прашањето “Хипстер блек-метал: Да или не?”. Како и по обичај, кон сè, а особено кон музиката, кон уметноста, генерално, најбитно е секој да ја зачува индивидуалноста.

Несомнено е дека, помалку или повеќе, сите сме припадници на некакви реални или измислени колективи, ама тоа не значи оти тие се исклучуваат едни со други. Ако на Mayhem се ложиш долго пред Pitchfork да почне со силната промоција на блек-металот, не значи дека е културолошки погрешно да ги сакаш и песните на Bon Iver. И обратно, тие што ги слушаат Wilco пред да добијат чиста десетка за Yankee Hotel Foxtrot, имаат право сега да го откријат и подеднакво да уживаат во Celestial Lineage како и tr00 блек-фановите. Сè помеѓу овие две сфаќања е само безначајна бучава. Таа е создадена од луѓе кои се плашат од свет поширок од ригидните граници на племињата во кои што свесно се заробуваат.

Тагови: , ,

One Response to “Хипстер блек-метал: Да или не?”

  1. Авет 23 ноември 2011 at 14:27 #

    ХИПСТЕРИ: мамини-татини лигуши што никогаш во животот немале муда да научат инструмент, да стават корпс-пеинт и јавно, без влакна на јазикот, да серат за религија на бина пред 300-400 души. И најбитно од се: ОПЕРИРАНИ СЕ ОД УМЕТНОСТ И СЕ НАЈОБИЧНИ ПОМОДАРЦИ И ПОЗЕРИ.

    BLACK METAL: Она што на хипстерите (и останатите обични смртници) им го ебе мозокот заради својата екстремност и агресија, па на овие лигушиве им е очајно криво што не можат да бидат во пакт со Бафомет.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>