Hardfaced, Redound, Deadrise и Mindless Violence во Havana

Есенските музички свечености во главниот град на Македонија продолжуваат и оваа сабота, кога во петтата хала на Скопскиот саем, првпат по 30 години, претседателот на Српската партија на пијаниците, Бора, од голем казан ќе дели порции чорба од риба. Регуларна ќе може да се купи за 300, а супер ВИП, чии додатоци готвачот ги чува во најголема тајност, ќе чини багателни 600 денари. Истата вечер, за трипата помала сума, четири бенда од Македонија и од соседството ќе пржат и печат со рифови, брејкдауни, бластбитови и хардкор-стихови во скопскиот клуб “Хавана”.

Hardfaced од Охрид, Redound од Софија, Deadrise од Белград и Mindless Violence од Скопје се здружија за овој мини-фестивал што почнува во 20.30 часот. Охридскиот бенд на почетокот на 2011 го издаде Show Them What They Fear, вториот студиски албум од основањето во 2007 година. Диме, еден од вокалистите во шесторката, за насоката што групата ја фатила на цедето вели:
– Ќе бидам искрен, новиот албум може повеќе да биде сместен во метал него во хардкор. Ние нè ја правиме музиката за да биде хардкор или да може да биде сместена во некој стил, едноставно, ја правиме музиката што излегува од директно од нас. Во последниве неколку години излезе тоа што е сместено на новиот албум. Луѓето можат да го наречат како сакаат, хардкор, метал, металкор. За нас најбитно е да биде препознатливо, да биде Hardfaced.

По пауза од три години, во Скопје повторно ќе настапи белградскиот состав Deadrise. Основана во 2007 година, оваа петорка ја надополнува својата жестока музика со стихови против сите видови општествени и политички неправди. Меѓу имињата што ги наведуваат како влијанија се артисти како All Out War, Integrity, Behemoth, Hitman, но и автори како Фридрих Ниче, Џорџ Орвел, Питер Кропоткин и други. Redound, пак, ќе се претстави пред скопската публика за првпат. Оваа софиска шесторка до 2008 година се нарекуваше Envy, а по промената на името, во мај 2009 го објави првиот албум. На бината во “Хавана” најмлад состав ќе биде Mindless Violence, што во септември означи една година од основањето. Четворката е позната по комбинацијата на хардкор и треш-звукот од 80-тите со нагласено позитивни текстови.

Разновидноста на четирите наведени групи навестува дека чорбата во “Хавана” ќе биде значително побогата со протеини од таа на Бора, зготвена со бајати и преџвакани риби. Плус, од таа на чичковците од Србија стално постои можност човек да се задави. Не од коските што стално ги забораваат во манџата, туку од расипаниот рецепт што во 2011 прослави двоен јубилеј – три децении од смислувањето и 30 години употреба без ниту најмала промена. Бора тоа го потврди одбивајќи ја примената на ХАСАП-стандардот. Тоа значи дека кај тие што ќе одлучат пак да ја сркаат неговата чорба, постои јасна и присутна опасност од создавање гасови и киселини. Според последните истражувања, такви проблеми не се очекуваат в сабота во “Хавана”.

Слични написи

Остави коментар