Двајца без четворица во кино

Читајќи ја веста и буричкајќи низ деталната програма на годинашниот Cinedays, лицево ми се расцепи на два, симетрично подеднакви, дела. Едниот, се израдува на богатата понуда на десеттото издание на манифестацијата. Другиот, кисело се потсети дека киносалите зјаат празни кога во Скопје не се одржува филмски фестивал. Не е ова безвезно цепидлачење. Тука не станува збор за неиздржано покажување со прст кон ваквите собири како виновници за слабиот интерес за големото платно во главниот град на Македонија. Имам недоумица, збунет сум, често се прашувам каде се збоктиса скопската кинокултура за која што моите родители со топлина ми раскажуваа и на која што ме навлекоа во времето кога “Бамби” не беше само име на вкусен кекс.

Објаснувањето по кое што мнозинството гордо ќе посегне е повеќе прашање од два дела без покритие, отколку факт вкопан во реалноста. Тоа гласи: “Зарем во оваа ера на интернет-симнување има луѓе кои сè уште одат во кино и пишуваат жалопојки зашто салите се празни?”. Вакво екстремно, ригидно, анализирање на нештата ми се чини е типично само за Македонија. Точно, интересот за посета на кинопретстави опадна како што се зголемија интернет-брзините достапни во домовите, но едното со другото не се исклучува. Во САД, земја со најраширена и најразвиена киномрежа, изминатава деценија и пол имало подеми и падови во продажбата на билети, но годинава таа е поголема (1.26 милијарди) споредено со 1995, кога публиката купила 1.26 милијарди влезници. Намалување има и по стартот на новиот милениум, ама не е за кубење коси. Во 2002 година, жител со просечни примања во Северна Америка гледал рекордни 5.02 наслови во сезона, додека лани, таа бројка е 3.92 филма. Да ги грицкаме ноктите за разлика од 1.10 остварувања годишно не вреди баш, нели?

Застарената или недозволиво слаба понуда е следната на клупата со обвинети за празнотијата на киносалите кога во нив не се одвиваат фестивали. Тука случајот е чист, ама и заматен. Непобитен факт е дека во Македонија насловите најчесто доцнат или воопшто не се докопуваат до сребрениот екран. Не праиме муабет за артхаус-проекти, зашто тие и во белиот свет не се достапни секогаш и на секое место, без разлика дали е метропола или затуцано гратче. Овдешните играчи во бизнисот со кинодистрибуција се побавни од полжав при носењето на хитовите, на најголемите холивудски блокбастери, што речиси секаде во светот ги полнат столчињата додека да трепнеш. Во оваа точка чистата ситуација се заматува. И кога на репертоарот ќе довлечкаат тазе филм во екот на неговите премиери во светот, публиката најчесто потфрла со посетеноста. Од наш поглед – на обични гледачи – слабо нè интересира, но сите знаеме дека помалку продадени билети носат загуба или мала добивка. Не сме само ние, (не)посетителите, криви, ама не сме и цвеќиња за мирисање.

Гласни сме дека Скопје нема, на пример, 3Д-кино, но доколку некој се з’гне да ја изведе оваа скапа инвестиција, колку од тие што се жалат би одвојувале по пет-шест евра, колку што е реалната цена за влезница за ваков тип проекција. Сè некако ми вели дека тој број нема драстично да се разликува од сегашниот. Тоа, пак, ме доведува до непријатниот, но изгледа, точен заклучок – главниот град на земјава не го чувствува киното како нераздвоен дел од сопствената култура. Фестивалите се супер, ама нека извинат, еднонеделните турканици веднаш би ги заменил со гужви секој ден пред билетарниците. Останува само да се надевам дека мојава метропола некогаш ќе сфати дека наместо пет кафиња и сокче на улица “Македонија”, може да се испијат четири и да се отиде во кино. Додека тоа да дојде на дневен ред, со насмевка ќе се сеќавам на денот кога посакавме да го гледаме True Grit, но не успеавме. За филм со десет номинации за “Оскар”, и покрај тоа што е современ вестерн, во центарот на една земја би се очекувало да постои интерес во секое време. Ние имавме желба, ама бевме двајца. Кој да ти знае дека во Скопје во кино се оди исклучиво во квартет, бидејќи минимумот за проекција се четири продадени билети.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

1 коментар

AlexArcanum 09/11/2011 - 09:51

Абе во главно оди вака: заработуваш пари, ти даваат плата, ги броиш парите, се мислиш што да купиш, сваќаш дека 60 посто од парите ги даваш за сметки, храна и работи за домакинството, останатите ги даваш за да ја замениш искинатата облека, 10 посто од нив ставаш под перница пошто знаеш дека наредниот месец сигурноста да земеш плата е ~5%, излегуваш 2-3 пати во месецот на кафе и на крај остануваатнекои мизерни пари што ќе ги потрошиш на работи што ги сакаш. За некој тоа е филм, за некој музика, за некој електронски уред итн итн… во главно… што се случува во кино салите ја одразува нашата финансиска состојба.
BTW, знам дека секој би уживал да гледа филм во голема сала, на голема платно и со добар звук.

Reply

Остави коментар