Три децении џез-храна за Скопје

Шетајќи деновиве покрај стотиците постери од разните Џенани Лончаревиќи, “Рибљи чорби” и Саши Ковачевиќи со кои се напастени улиците, сфаќам дека “Скопје” и “џез” не се зборови за во иста реченица. Ова првпат не го заклучувам. На таа точка се враќам редовно, како навиен, во ист период од годината – наесен. Ако од наивна причина, а си ја наоѓам, не дека не, се залажам оти мојот роден град со секоја наредна година барем малку повеќе ќе се подотвори и за светот, не само за балканскиот пашалак, сето тоа ми го побива агресијата од седморазредни настани во културната понуда. А сè така убаво по јануари ќе почне со неколку одлични свирки на анонимци, пролетта можеби ќе донесе уште некоја, потоа ќе стигне OFF-Fest, па налето тазе доза непознати имиња.

Додека тоа се одвива, градежната оператива чиниш работи само за да има каде да се лепат фотошопирани квазиѕвезди од комшилукот, а мене, и покрај тоа, оптимизмот ми вирее. Шлаканицата што го истребува традиционално се лепи на крајот од октомври, кога се одвива Skopje Jazz Festival. Тогаш, во исто време, постерите од овој собир на светски значајни музичари ги делат лимените огради со фолкерите со турбовлијание од Северот. Распарот, нагласен со самиот број скапопечатени колор-материјали, го става шундот во непријатна предност. И во европските и американските центри глава боли од трешерици, ама вагата некако стои на средина или, пак, убавото секогаш успева да задржи некаква, макар и минимална предност пред грдото.

Кај нас, како што минуваат годините така теговите сè повеќе натежнуваат на страната на културниот очај. Еден од ретките поголеми и посеопфатни настани што нуди утеха во оваа ситуација е Скопскиот џез-фестивал, што завчера ја спушти завесата на своето 30. по ред јубилејно издание. Последниве триесет есени оваа манифестација ги делеше заедно со Скопје, но градот (како место и луѓе, а не институција) си остана релативно незаинтересиран за лекциите по напредни идеи, уметност и забава што овој собир непрекинато ги држи. Тие часови не се очекува да донесат драстично омасовување на фестивалот. Џезот и во најразвиените земји си има ограничена, љубопитна, публика, а за среќа, без разлика на сите нејзините мани, таа постои и во Скопје.

Резултатот од 30-годишното постоење на манифестацијата мора да биде промена на начинот на размислување, подигнување на личните критериуми и покажување глад за култура полна значење, наместо значително исполнета некултура. Билетите за Skopje Jazz Festival чинат пари иако просечната цена од 245 денари за еден од 18 концерти не постои на друго место на планетава. Сепак, поуката што овој настан му ја испраќа на градот содржи бесплатна порака. Таа не се однесува само на џезот, туку на сите форми на музика, култура, уметност и забава. Со тоа што три децении носи великани или за нас не толку познати, но секогаш квалитетни имиња, фестивалот одбива да се потчини на сфаќањето дека овдешните потреби по секоја цена мора да бидат ниски оти, нели, такво ни е поднебјето.

Без да се загубиме во луна-паркот на историјата, овој регион можеби и предолго трпел наметната зачмаеност, но од 90-тите години наваму, глобализираниот свет го направи сето тоа излишно. За тоа што сега го сркаме сме одговорни самите и никој друг. Добро, можеби турбозачинетата манџа ни е навистина вкусна, можеби сè уште не можеме да се одвоиме од рецептот на испуваните рокери од бившата држава, можеби трагичните локални тезгари кријат тајна состојка од која што сме станале зависници. Или можеби целосно сме се предале на идејата за безизлезност, безперспективност и помирување со судбината, па си се тепаме да кркаме од бесплатните полутки што се делат наоколу. Не сакам да се мешам во ничии оброци, ама овие што сè полакомо ги консумира Скопје не само што немаат вкус, туку се шупливи, без протеини, витамини и јаглехидрати.

Од друга страна, менито на Скопскиот џез-фестивал отсекогаш било чудно, нетипично и оригинално за нашите навики, но постојано изненадувало и ги задоволувало голем дел од индивидуалните културни потреби. На ова поле, македонскиот главен град (пак ќе кажам, просторно, не политички), инаетливо е решен да се тови со сè што Гранде, Пинк и локалниве ни ТВ-клонови го продаваат како неодолив естраден џанк-фуд. Од Skopje Jazz Festival не може да се очекува своерачно да зготви решение за комплетна промена на гурманско-забавната понуда на метрополата. Оваа манифестација не треба премногу да се грижи дали околината ќе извлече по некоја поука од нејзините рецепти. Следејќи ја успешната формула од изминативе три децении, фестивалот на ум нека има само една работа – како и во следните 30 години (за почеток) да продолжи на Скопје да му подготвува уникатна џез-храна.

Фото: Татјана Ранташа | Plagijat |

[related_posts limit=”5″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар