19/08/2018

The Ex – Ослободени од музичките догми

Постирано на 20/10/2011 од во Интервју

Труби и панк не идат заедно, нели? Чекај, идат, инаку немаше да постои ска и ту тоун. Добро, тогаш, етно и панк нема теорија да бидат смешани? Грешка, The Ex успешно го прави тоа со децении. Гледате како (не)умешно илустрирав дека ставањето музика во херметички стилски кутивчиња е излишно. Ако слепо се држеа за спротивното, бендот од Холандија, основан во 1979 година, никогаш немаше да мрдне од анархо-панкот со кој што се идентификуваше на почетоците. Групата ги задржа слободарските основи на оваа сцена, но во својот израз внесе сè џез до разновидни национални звучни традиции. Составот в недела ќе настапи на 30-тото издание на Скопскиот џез-фестивал, а пред тоа да се случи разменив неколку размисли со најновиот член на бендот, Арнолд Де Боер, кој во поставата е од 2009 година.

Оваа недела (23 октомври) The Ex ќе дебитира пред македонската публика. Во земјава доаѓате откако лани ја надминавте бариерата од 1.500 концерти во текот на кариерата. Какво е значењето на ова достигнување?
– И по 1.500 свирки сето ова сè уште го чувствуваме како ново. Настапите во земји во кои што никогаш претходно не сме гостувале и пред непозната публика, исто така, ни помага да го задржиме ова чувство. За мене, лично, е лесно, бидејќи сум релативно нов во бендот, но знам дека и Тери, Кат и Енди го чувствуваат истото.

Во моментот кога една сцена ќе стане тврдоглава и догматска, навистина е лесно од неа да се ослободиш

Лани, исто така, излезе и последното цеде на групата, Catch My Shoe. Изјавивте дека музиката на оваа плоча ви делува посилна, пооригинална, поразновидна и побогата од кога било претходно. На кој начин?
– Верувам дека никогаш немаше да ги снимиме композициите и да ги ставиме на диск, ако не го имавме споменатото чувство. За да напишеме нови песни и да создадеме нов сет од нумери за настапи, секогаш ќе бидеме во потрага по свежи звуци, поинтересни форми на штимување, оригинални ритми, разновидни мелодии. Или едноставно, нови начини да ја славиме музиката.

Последниот студиски материјал го снимивте со Стив Албини во Чикаго. Знаејќи го неговото огромно професионално искуство и работата со долга низа навистина различни музичари, што очекувавте од оваа соработка?
– За мене ова беше прво снимање со Стив Албини и беше прекрасно искуство. Стив е брз и создава извонредна атмосфера за креирање музика. И тоа го прави со лента, што сметам дека е посупериорно во споредба со дигиталниот начин на работа. Тери, Кат и Енди веќе го знаеја ова и одлуката да се оди во Чикаго беше лесна.

Во 2010 година свиревте на седум големи ворлд-собири, седум познати рокенрол-фестивали и седум славни џез-манифестации. Оваа листа е неверојатно шарена. Како, лично, ги искуси овие различни настани знаејќи дека, во суштина, The Ex баш и не се вклопува во нивните програми?
– Ги доживеав совршено. Ова беше прекрасно искуство кое што целосно се вклопува во нашата идеја за создавање музика и преминување на границите. Ако музиката реши да се прилагодува на програми и на формати, Земјата набргу потоа ќе престане да се врти.

На почетокот на минатата година одржавте турнеја од 10 концерти во Британија како The Ex and Brass Unbound. Тогаш напоменавте дека дувачката секција сте ја избрале сами и сте ја составиле од меѓународно познати џез-имиња. Со која цел го почнавте овој конкретен проект?

– Добивме покана да одржиме таква специјална турнеја од нашиот концертен промотор во Велика Британија. Тоа ни овозможи да внесеме промена и да свириме со нашите омилени дувачи во моментот. Настапувавме со песни од The Ex, но ги раскинавме и отворивме простор за дополнителни хармонии и импровизација.

Поголема надеж имам во начините на кои што луѓето во САД, на пример, основаат мали колективни фарми за да произведуваат здрава храна во еден вид паралелен универзум

На почетокот на кариерата, The Ex беше познат како анархо-панк-состав, но со текот на времето се наметнавте како артисти што прават храбри експерименти и се впуштаат во бројни соработки. Што беше најтешко кога се обидувавте да се ослободите од строгите “правила и прописи” на панк-сцената?
– На мене и на сите останати, Кат секогаш ни вели дека панк-сцената била привлечна поради отвореноста и ставот “што биде, нека биде”. Во моментот кога таквата сцена ќе стане тврдоглава и догматска, навистина е лесно од неа да се ослободиш. Само една своеглава песна е доволна да те издели и потоа можеш да правиш што сакаш.

Музиката и особено панкот, често се поврзани со политиката и со постојаните промени или одржувањето на ситуацијата на статус кво во општеството. Каков став имаш во врска со моментните протести Occupy Wall Streetсметаш ли дека тие имаат потенцијал да поттикнат промени на глобално ниво?
– Не знам дали вистинските масовни промени ќе се случат преку протести против институции што се дел од свет што и онака не го сакаш. Не знам дали помага фактот што толкаво внимание се насочува кон Вол Стрит или која било друга берза или, пак, банкарска фамилија. Поголема надеж имам во начините на кои што луѓето во САД, на пример, основаат мали колективни фарми за да произведуваат здрава храна во еден вид паралелен универзум. Секако дека е добро да се изрази гневот против големите злобни корпоративни институции и ако тоа помогне да ги срушиме, сето ова го поддржувам.

Ако музиката реши да се прилагодува на програми и на формати, Земјата набргу потоа ќе престане да се врти

Иако музички еволуиравте драстично со текот на годините, The Ex ја одржа панк-филозофијата на еден начин – функционирајќи независно во свет на музиката што постојано се глобализира. Кои се плусевите и минусите во работата на овој начин од 1979 година до денес?
– Не би можел да дадам детален одговор на ова, но според мое искуство, нема минуси. Работата со менаџери, адвокати, договори и чисто, со луѓе што ги знаеме и на кои што им веруваме е одлично и на сите би им советувал да го направат истото.

Настрана од панкот и од политиката, додека го читав вашиот интернет-билтен, заклучив дека храната е особено значајна во светот на The Ex. Имајќи предвид дека членувањето во бенд значи одење на турнеи и немање време за вистински оброци, како успеавте да ја зачувате потребата за квалитетна храна?
– Секогаш наоѓаме време да застанеме во мал локален ресторан и да изедеме добар оброк. Ги прашуваме луѓето од организацијата или на самата свирка за убаво место каде што следното утро би можеле да наминеме на појадок. Исто така, често свириме на места и на фестивали каде што луѓето размислуваат како нас и тие одлучиле да подготват одлична храна. Освен тоа, внесуваме некакви барања во нашиот рајдер, ги подвлекуваме со црвено, а тоа нè спасува од пиењето на ужасниот Heineken.

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>