Sethstat и Vasil Hadzimanov Trio на SJF – До Ел Равал преку Кораб

Убаво викаше Лестер Бенгс, ликот на Филип Сејмур Хофман во “Речиси славни” на Камерон Кроу: “Ако си рок-новинар, прво, никогаш нема многу да те плаќаат, но ќе добиваш бесплатни плочи од издавачката куќа”. Мојата врска со музичкиот (и рок) журнализам од пред некое време има само доброволна, необврзувачка, основа, меѓутоа, можам да потврдам дека симпатичниот карактер во незаборавниот филм е целосно во право. Пишувањето за бендови и за концерти не ти става баснословни суми во џебот, ама ти овозможува, многу албуми да преслушаш пред поголемиот дел од пошироката или потесната јавност. Setshstat и Vasil Hadzimanov Trio пред синоќешниот настап во Салонот на Македонската опера и балет веќе имаа готови нови изданија. Korab и El Raval дојдоа во мои раце пред концертот и по неколку дружби со нив, особено со вториот од овие дискови, знаев дека неофицијалното отворање на јубилејниот, 30-ти Skopje Jazz Festival, ни под разно не смеам да си дозволам да го пропуштам.

Спојот на невоздржаниот brass-attack на “Сетстат” и питомата акустика на триото на Васил Хаџиманов, на прв поглед делува неспојлив на иста бина, дури и кога се работи за фестивал, но вчера пак добив потврда дека очекувањата пред концерт ги градиме за да бидат лесно срушени. За недисциплинираната публика на SJF, стилот на Setshstat е премногу флуиден, нелогично агресивен или едноставно, непотребно бучен. Дефинитивно е ваков, но мерењето на неговата менливост, барањето разум во грубоста и копањето по објаснување за гласноста, нема никаква поента. Џезот, сам по себе, е правец што поттикнува постојана еволуција, дури и кога елементите што се користат за таа да се изведе се конзервативни.

Setshstat, од друга страна, џез-традицијата ја витка како лим, лута од електроника до панк, но никогаш не ги губи од вид основите. Шесторката, синоќа надополнета со гостин, со сета сила удира со триумвиратот тромбон-саксофон-труба кои пиштат и вриштат, но не ги забораваат и мелодиите, кои се како киднапирани од шпионски филм од раните 70-ти години. Дисторзираниот, сиров, бас, го крева подот на оваа градба, а клавијатурата и есид-електрониката го носи и во рејв-халите од 90-тите. Тапаните се тие што дрмаат од сите страни, но не се одделуваат од јасното чувство за ритам. Setshstat вчеравечер можеби си даде преширок простор при пуштањето на композициите од уздите, меѓутоа, си останаа на своето – да ги предизвикуваат и да ги поттикнуваат, а не да им се умилкуваат на присутните.

Ако се држиме до стереотипот, присутен секаде во светот, а очигледен и во земјава, дека џезот е исклучиво сензуална, нежна и ненаметлива музика, која се голта само со скапо вино или виски, тогаш Vasil Hadzimanov Trio се баеги големи умилкувачи. Немам поим дали пијат алкохол, дали се грубијани или чувствителни, но синоќа ми се разјасни тоа што го чув и на албумот El Raval – дека членовите на овој бенд си се умилкуваат себеси, си ја задоволуваат сопствената глад за музика на моментот, а на тие спроти нив, во партерот и во галериите, им даваат дозвола да набљудуваат. Ова е линијата на разграничување помеѓу одличен и феноменален џез-состав. А VHT се токму тоа во секој поглед – единствени, собрани во студио од Тони Китановски и поврзани меѓусебно како заедно да растеле на маалските игралишта.

Оваа хемија во џезот не се лажира. Технички, свирачки, инструментално, неколку виртуози собрани во иста група ќе направат одличен бенд, ќе одржат свирка од која ќе подзинете, но тоа нема да биде од збирот, туку од истакнувањето на засебните елементи. Секој во “Васил Хаџиманов Трио” е мајстор на својот занает – лидерот на пијано, Александар Секуловски на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас – но на синоќешниот концерт тие зграпчија со изведбата како група. Свирејќи стандарди од магови како Џек Дежонет, Орнет Колман, Шпато, но и од Китановски, тројката импровизираше, оставаше секој индивидуално да покаже колку и што знае, но тоа во ниту еден момент не ја засени компактноста што се слушаше кога сите заедно ќе загазеа на патот на акустичниот џез.

Иако музичарите не беа дрва што вегетираат на сцена и не реагираат на реакциите од салата, сите ние што присуствувавме во публиката мора да сфатиме дека бевме само гледачи, еден вид воајери, на мала експлозија музичка генијалност. Тоа уште повеќе ми се искристализира кога и Китановски се качи на сцена. Човекот свиреше, внесе одличен шмек во и онака одличните песни, но од овој концерт ќе го паметам како мирно седи, држи симпатична акустична гитара в рака и едноставно ужива во тоа што се одвива пред неговите очи и уши. Кога гостинот и продуцент на албумот добива шанса да посвири со музичарите што самиот ги собрал, а остава впечаток дека доволно му е и само да ги слуша, стануваш свесен дека си бил на концерт еднакво возбудлив како некое патешествие од Кораб до Ел Равал. А притоа, не си го ни напуштил Скопје.

Слични написи

2 коментари

Марија 18/10/2011 - 13:06

Навистина ВХТ беа фантастични! Баш публиката беше само набљудувач на нивната игра/генијалност/работа/што и да е 🙂

Reply
Игор 26/10/2011 - 03:17

El Raval го имам уште од април,кога свиреа во МКЦ,Васил ми го поклони
моето издание има и две траки кои ги нема на официјалниот албум 😉

Reply

Leave a Reply to Игор Откажи го одговорот