19/08/2018

Ry Cooder – Pull Up Some Dust and Sit Down [Nonesuch, 2011]

Постирано на 10/10/2011 од во Албуми, Музика

И да не знаев дека Pull Up Some Dust and Sit Down е албум на Рај Кудер, кој има дебело и издржано креативно портфолио, кога видов и чув дека првата песна се вика No Banker Left Behind во иста секунда бев заинтригиран. Едно е од авторот и продуцентот на Buena Vista Social Club (заедно со Juan de Marcos González) да очекуваш класа-плоча. За 64-годишен гитарско-композиторски маг како Ryland Peter Cooder тоа е речиси 100-процентно загарантирано. Таквиот материјал, пак, добива сосема друга димензија кога музичарот, кој е активен од 1967 година, со него, на директен или на симболичен начин, го секцира времето и општеството во кое што живееме. Не станува збор за некаква грандиозна звучна и зборовна изјава од која што вилиците на половина свет ќе треснат од земја.

Се работи за мала, интимна, непретенциозна, соло-беседа што заслужува да се третира величенствено, а во денешнава ера на кусо сеќавање и на гарантирано недоџвакување, ќе биде игнорирана од масовната публика. Тоа не одзема ниту трошка од хранливоста на материјалот, туку му додава, го прави попосебен. И иако е напишано со невидливи големи букви дека Рај Кудер не арчел мисли на тоа дали дискот ќе се распродаде, фактот дека на комерцијално поле успехот е скромен, бара кон 14-те нумери да се однесувате делумно скржаво, прашувајќи се дали, всушност, комуницираат исклучиво со вашите, индивидуални, ставови, искуства, сеќавања и надежи. Во основа, нумерите се акустични, соголени, со незначителни непотребности, но не се насукани во себе налик на Bon Iver.

Да, ова мириса на фолк од преку Атлантикот, има американа и рутс ДНК, но не е, како споменатиот далеку помлад колега на Кудер, меланхолично повлечен. Со овие 60-ина минути кантавторот од Лос Анџелес нишани нанадвор, со бунт типичен за општествени активисти во своите доцни 20-ти, а не на зрел чичко во седмата деценија од животот. Секако, Pull Up Some Dust and Sit Down нема гнев со фасцинантна недоделканост како што се слуша кај Хенк Вилијамс Трети или Ендру Џексон Џихад, меѓутоа, во крвта на албумов несомнено врие протестот и лутината на авторот. Тој е насочен кон банкарите (With champagne and shrimp cocktails and that’s not all you’ll find. There’s a billion dollar bonus and no banker left behind), политиката на страв (Rabble rousing politicians on the TV screen. Sowing the seeds of hate and fear), војната на Буш во Ирак (Take this war and shove it up yourCrawford,Texasass. And then you’ll know it’s Christmas time this year) и уште низа индивидуални и колективни горливи прашања на денешницата.

Убавината е во тоа што бунтовништвото гитаристот не го ограничил единствено на одлично опеани, но генерализирани проблеми. Од држење лекции нема ниту трага, а во тематската разноликост придонесуваат и нумери за ликови како Џеси Џејмс и Џон Ли Хукер, нумери за сонувачи или за воспоставување монопол врз Бога (Republicans changed the lock on heaven’s door. If we ain’t got money we won’t get through), а самиот крај е резервиран за профитирањето од уништувањето на околината (When I go up the highway old trees are dying up that way. You pump out the water and sell it back to me). Ставени вака на купче, ова се теми што создаваат мачнина. Од нив најчесто сите се криеме, ги избегнуваме, но начинот на кој што Рај Кудер на албумов ги обработува, помага да им пријдеме без страв и горчина. На Pull Up Some Dust and Sit Down, тој нè кани да ја избришеме прашината од старите трупчиња во дворот, да седнеме и да го слушаме како ни раскажува. А човек со искуство како неговото има што да сподели. Не мора да ми верувате, со внимание свртете го цедево барем еднаш и потоа обидете се да ме убедите во спротивното.

Оцена: 93/100

Артист: Ry Cooder
Албум: Pull Up Some Dust and Sit Down
Датум на објава: 30 август 2011
Продуцент: Рај Кудер
Издавач: Nonesuch

Листа на песни:
1. No Banker Left Behind – 3:36
2. El Corrido de Jesse James – 4:17
3. Quick Sand – 3:17
4. Dirty Chateau – 5:29
5. Humpty Dumpty World – 4:18
6. Christmas Time This Year – 2:49
7. Baby Joined the Army – 6:35
8. Lord Tell Me Why – 3:01
9. I Want My Crown – 2:37
10. John Lee Hooker for President – 6:08
11. Dreamer – 5:05
12. Simple Tools – 5:07
13. If There’s a God – 3:06
14. No Hard Feelings – 5:52

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>