19/08/2018

Pat Metheny Trio на SJF – Гитарски шаманизам

Постирано на 25/10/2011 од во Концерт, Музика

Има нека тајна веза меѓу Скопје и славните гитаристи. Тоа е, помалку или повеќе, познат факт за луѓето што организираат или редовно одат на концерти. Само во последниве неколку години, публиката во главниот град еуфорично ги дочека Ал Ди Меола и Лери Карлтон, а синоќа со исто одушевување широкоградо го прифати и Пет Метини, веројатно најзначајниот џез-музичар што некогаш свирел на шесте жици. Алката меѓу скопските обожаватели на убавиот звук и гитарските мајстори веројатно е создадена како резултат на нивната експлозија во меинстримот во текот на 70-тите и во 80-тите години. Голем дел од албумите што тие тогаш ги објавиле стигнале и до овие краишта, а дека фатиле длабоки корени во сеќавањето се докажа на вчерашниот двочасовен маратон во Универзалната сала.

Метини во текот на изведбата потсетуваше на шаман со гитара. Пристигна со трио, но концертот го отвори придружуван единствено од басистот Лери Гренадиер. Со Unrequited, композиција на Бред Мелдау од заедничкото цеде, 57-годишниот доктор на гитаризмот (треба да ја измислат дисциплинава) веднаш се пикна под кожа со патентираниот тон на својот Ibanez PM-35. Секогаш мек, дури и überмек, тој лажливо наведува на помислата дека нема карактер и жестина. Тоа го побива самиот Метини, во моментот кога во питоми песни ќе букне со прстите на полињата како во нив да има распрскувачки материјали. Настапот се распламти со влетувањето на тапанарот Бил Стјуарт на бина. Bright Size Life, Change of Heart и Go Get It беа дел од нумерите со кои што триото мошне сликовито, со јасни звучни и ритмички бои, прикажа колку интензивно меѓусебно се разбира.

Очекувано, дури и кога одлично “кликаа” како состав, а тоа се случуваше во текот на целиот концерт, неприкосновен лидер беше Метини. Тоа првпат најдетално се забележа на Question & Answer, кога тој в рака го зеде Roland G-303, со форма на гитара, а всушност, станува збор за синтисајзер. Како во најпопуларните денови на фјужн-правецот, американскиот виртоуз креваше облакодери со инструментот. Со секој тон создаваше нов кат со импровизацијата додека композицијата не еволуира во нешто поинакво, со инстант свежина, по што вешто ја врати на извориштето. На многу начини, тоа што Метини го правеше почнуваше како поточе, по некое време се претвораше во река, таа се разгрануваше, за на крајот да исполни еден цел океан со идеи и аудиоформи. За цело време, гитаристот не ја испушташе диригентската палка.

Најпрецизен доказ за ова дојде со помош на оркестрион, мегаинструмент составен од ксилофон, шишиња, чинели (до толку видов) и што уште не, а кој што реагира на гитарската изведба на Метини. И во такво опкружување, неговата перцепција за мелодија и хармонија беше речиси безгрешна. Универзална сала почна да се дрма од багерот со децибели, но гитаристот не дозволи сето тоа да звучи бесмислено. Со уфрлувањето на басот и на тапаните, целината уште повеќе се прошири, ама сè во неа си дојде на свое место. Тука некаде, по околу час и половина, беше исцртана финиш-линијата на официјалниот дел од концертот, меѓутоа, со оглед на гласните аплаузи од почетокот, и самите музичари сигурно беа свесни оти нема така лесно да се излизгаат од рацете на публиката.

Тоа за што веројатно се излажаа, беше дека протоколарниот бис од две композиции ќе ги ослободи од обврските. За вториот бис присутните на нозе малку се помачија, по што ѕвездата се врати на сцена со акустична гитара и ја изведе својата верзија на And I Love Her на The Beatles, што е дел од неговиот албум издаден во јуни, What’s It All About. Кога еден од најголемите џез-гитаристи изведува песна од најдобрите поп-автори во историјата, тоа е поезија на шест жици. Со суптилен, неисфорсиран и нежен тон, оваа нумера навестуваше дека можеби ќе биде најсоодветниот крај, но доби и следбеник. Славниот инструменталист и третпат ја истрча рутата од задниот до предниот дел од бината за последна доза акустика на најлонски жици. По ова, на листата со спомени од славни гитаристи што го посетиле Скопје, Пет Метини би требало да се зацврсти меѓу највисоките места, ако не и на самиот врв. До следната средба, секако.

Фото: Татјана Ранташа | Plagijat |

Тагови: ,

4 Responses to “Pat Metheny Trio на SJF – Гитарски шаманизам”

  1. Марија 25 октомври 2011 at 10:40 #

    a Pikaso gitarata?

    • Александар Саздовски 25 октомври 2011 at 19:35 #

      Не дека не ја приметив, ама откако го напишав текстот сфатив дека не сум ја спомнал и ме мрзеше да ја убацувам 😛

  2. Zoran 25 октомври 2011 at 19:34 #

    Bravo! Odlicen osvrt na koncertot.
    Za dvoumenjeto na krajot na tekstot okolu gitaristite neskromno bi go svrstil na samiot vrv. Spored performansot, zvukot i mnogu drugi parametri vo nasata zlatna i nikogas neprezalena univerzalna. Na krajot na kraistata i so negovite zborovi koi gi materijalizira minatata vecer. Ne ispocituva do maksimum za toa sto ne bevme udostoeni so negovoto prisustvo dosega.
    Koga se raboti za Metheny ne mozam a da ne prokomentiram za gitarata. Ne e Gibson, Ibanez e. Molim lepo. 🙂 Si zamisluvam samo kakov kje bese vpecatokot bez Question & Answer. Tokmu tuka bese switch-ot na celiot koncert.
    Da go citiram Milan za kraj "Kakav radostan dan, ptice pevaju aleluja".

  3. Игор 26 октомври 2011 at 03:11 #

    http://voodoolounge.blog.mk/2011/10/26/fantastich


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>