20/06/2018

Miroslav Vitous, Charles Lloyd и Fire! на SJF – Медитација и истерување демони

Постирано на 22/10/2011 од во Концерт, Музика

Потекнува од англискиот, но изреката “Внимавај што посакуваш може и да го добиеш” го означува истото веројатно на сите јазици. Оваа фраза најчесто се употребува во негативен, а со мене синоќа се судри во спротивен, позитивен, контекст. Опишувајќи како го видов и слушнав Wayne Shorter Quartet, подвлеков дека концертот беше фасцинантен, но во многу аспекти остави впечаток како да е саем на математичари, а не на емотивни музичари. Таа нијанса, тој неопислив икс-фактор што секогаш го барам во џез-артистите, синоќа ја добив речиси во прекумерна доза. Втората вечер од 30-иот Скопски џез-фестивал беше од оние во кои што “оверирав” од потресна музика, феноменални инструменталисти и отворање  нови чакри на личната перцепција на звукот. А сè почна така фино, но не којзнае колку изместувачки со квинтетот на Мирослав Витоуш, кој најмногу црпеше од фјужн-фазата на Мајлс Дејвис.

Своерачно, Дејвис повеќепати го промени светот на музиката. За тоа му беа доволни само еден живот и една кариера. Сруши многу бариери, а последната беше таа меѓу рокенролот и џезот. Со Bitches Brew тој поврза два света што претходно не се мирисаа еден со друг и повторно демонстрира оти звукот, навистина, може да биде слободен, само за тоа е нужна храброст, визија и истребување на предрасудите. Витоуш, ко-основач на Weather Report, и самиот има соработувано со Дејвис, а дека многу му должи, односно повеќе дека за него има искрена почит, се почувствува вчера во Универзалната сала. Настапи со квинтет, во кој што освен тој самиот, особено се истакна трубачот Франко Амбросети, а на слично ниво беше тапанарот Роберто Гато. Свирејќи на некаква смалена верзија на контрабас, Витоуш веднаш се истакна со индивидуализиран звук, што често се базираше на педали за ефекти. Неговиот тон беше несекојдневен, но топол, не одеше во екстреми. Таква слика остави и целата свирка – повеќе од солиден фјужн што помогна при растегнување на сетилата за џез-патешествието со Чарлс Лојд.

Разликата меѓу вчерашниот и концертот во четвртокот беа пристапот и бендот. Шортер беше агресивно интелектуален, а Лојд, интелигентно медитативен. Придружните групи на двајцата се составени од виртуози, но тројката што свиреше синоќа груваше феноменално, а триото од завчеравечер речиси и ништо да не покажа на ова поле. Вториот ден од Skopje Jazz Festival слушавме значително помлада, а можеби повешта постава од таа во која што членува великан како Џон Патитучи. Уживав во неговата и во умешноста на Брајан Блејд, но поради апстрактниот концепт на Шортер, нивната ритмичка врска повеќе се основаше на спојување скршени парчиња, наместо на чисто течение. Последново синоќа ечеше од почетокот до крајот на свирката. Џејсон Моран (пијано), Ерик Харланд (тапани) и Рубен Роџерс (бас) не само што имаа интереакција, туку и меѓусебна хемија, без разлика што со овој збор музички ништо не се кажува, а сите знаеме што значи.

Концептот на Charles Lloyd New Quartet беше џезерски традиционален. Составот свиреше заедно и потоа се редеа солирањата. Здодевно? Ниту најмалку. Ќе го отупам можеби, ама пак ќе кажам – кога инструменталистите не го забораваат грувот на влезната врата, секоја, дури и најбесмислената, солажа, по сите кругови, спирали и тангенти, штом се врати на почетната точка, делува како најлогичната река од идеи во универзумот. Додајте ја тука и топлината, медитативноста, мекнеењето, што би рекол Шурбе, и тогаш се добива смеса што го одушевува мозокот и го храни срцето. Лојд во неа има посебен удел. Со неговиот воглавно придушен, прибран, тон на тенор-саксофонот, 73-годишниот музичар буквално беседеше. Само во клучните моменти ги кинеше прангите и напаѓаше со целиот капацитет на своите бели дробови. Сè на синоќешниот концерт беше поетично и филозовски, без да потоне во досада, нефокусираност и бесцелност.

Лојд со квартетот цел настап си подигруваше со замисленоста, меланхолијата, трагањето. Тој очигледно силна инспирација црпи од практикувањето трансцедентална медитација. За нас лаиците на тоа поле, ова можеби асоцира на нешто сталожено, тивко и мирно, без никаква динамика и ритмика, но од вакво нешто на концертот немаше ниту трага. Повеќе делуваше како Лојд, со помош на саксофонот, да патува во простори на повисока свест, а ние со него одиме како автостопери. Нема потреба од страв, синоќа немаше попување и обиди за наметнување други религии, но степенот на втренченост до кој што нè доведе музиката направи да изгледаме како да сме членови на секта опседната со саксофонист со качкет и црвено шалче. На највисоко скалило се искачивме по околу два часа свирка без прекин, на првиот бис, кога Лојд рецитираше стихови од Багават-гита, на потресна звучна подлога од неговиот бенд. Потоа се повлекоа и пак беа вратени на бина, продолжија како и претходно, но ненадејно направија засек и го завршија концертот. Не се разјасни дали збеснаа од некој технички гаф или само се шегуваа, ама по таква изведба, никому око не му трепна – делото одамна се украси, крајот беше небитен.

Реално, по незаморниот маратон на Charles Lloyd New Quartet продолжувањето во кино “Милениум” беше излишно, но тие како мене, што боледуваат од опсесија за нова музика, не пропуштаат шанса да ја слушаат во живо. Цедењето на последните џули енергија се покажа мудро. Матс Густафсон и неговиот Fire! беа тотален опозит од квартетот на Лојд. Со бучава што се граничи со насилство врз сетилата, тие не медитираа, туку протеруваа демони, а сепак, како и претходната група во Универзална сала, не се делеа од грувот. Нивниот настап навистина беше запалив или како што би кажал Роберт Дувал, мирисаше на напалм. Тој го сакаше наутро, а ние го доживеавме два часа по полноќ. Fire! со огнот си играше бавно, го префрлуваше од едната на другата страна како движење на тектонски  плочи. Не беше пријатно за сечии уши, ама не беше ниту неартикулиран ноиз. Матс со двајцата компањони свиреа џез, но во форма што го истакнува прималното во човекот. Ја чекав секундата кога ќе ме збесне, ќе ме поремети, ама се изначудив, тоа не се случи. И покрај сè, на некое необјасниво ниво, пламените јазици на Fire! делуваа смирувачки. А можеби и само тоа чувство е логично да следува по синоќешниот музички егзорцизам што траеше од осум навечер до два наутро.

Фото: Татјана Ранташа

Тагови: , ,

4 Responses to “Miroslav Vitous, Charles Lloyd и Fire! на SJF – Медитација и истерување демони”

  1. Игор 25 октомври 2011 at 23:46 #

    Витоуш, ко-основач на Weather Report? грешка си,тој беше првиот басист,и беше викнат од Завинул и Шортер во групата,кои се основачи и мозоци на бендот

    "Не се разјасни дали збеснаа од некој технички гаф или само се шегуваа…" – падна писката од саксофонот и направи галама,тоа беше хаха… тоа се вика You Asked For It, сакавте втор бис-еве ви го…некои работи остануваат недокажани…

  2. Игор 26 октомври 2011 at 00:37 #

    може таму да пишува се, иако сајтот го посетувам и ценам
    отвори ги буклетите од албумите на WR и се е јасно
    Витоуш беше само басист кој беше избркан од групата затоа што многу претеруваше
    самиот Завинул кога дојде тука во Скопје (1994 и 1996) рече дека се скарани и дека секакви работи збори
    доказ има и на новиот албум,каде што внатре во буклетот пишува дека тој имал идеја и дека WR станале ѓубре откако тој си отишол
    тој е избркан од групата од страна на Завинул и Шортер
    остај ти тоа, сајтовите дрн дрн
    гледај документарци за WR и ќе сфатиш

    • Александар Саздовски 26 октомври 2011 at 08:08 #

      Не пишува само таму, од повеќе различни извори е нагласено дека е еден од основачите. А дека големите бендови се поврзани со контрадикторни изјави од нивните членови не е првпат, ниту последен.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>