20/06/2018

Лелек – Лелек [Pristopmk, 2011]

Постирано на 20/10/2011 од во Албуми, Музика

Иронично или не, од шега или од ќеиф, не е толку важно, фактот дека на деби-албумот ги обработиле Soft Cell, доволно зборува оти “Лелек” не се бенд излеан во метал-калап за масовно репродуцирање. Не оти ова е прв случај од почетокот на времето кога хеви-група се дрзнува да интерпретира песна од синтпоп-состав од 80-тите години, но тој на најдиректен начин укажува дека скопската петорка има отворен ум. Конзервативноста и ригидноста се слабости од кои метал-сцената тешко дека целосно ќе се ослободи, ама изминативе десетина години многу бендови што го практикуваат овој стил пронајдоа дупка во законот. Највештите меѓу нив открија како да бидат звучно ширикогради и во исто време во сопствениот израз да остават барем мало катче за традицијата. На своето прво цеде, именувано според групата, “Лелек” речиси комплетно се потпира на одамна поставените метал-постулати, но умно ги нијансира за да не звучи регресивно.

Материјалот сместен на овој диск, а и сопствениот стил, квинтетот го дефинира како “навидум хевидум”. Бизарнава фраза, сама по себе, не значи ништо, а вториот збор во неа е англиска кованица со македонска транскрипција. А сепак, со оваа мудра игра на букви и термини, меѓу кои doom фигурира двапати, е објаснето речиси сè што бендот се обидува да постигне – и концептуално и музички. Сфатен поедноставено, стилот на “Лелек” е спој на класичен хеви и дум-метал, но со она “навидум”, групата како да сака да нагласи дека нејзиниот израз не треба да се гледа толку круто. Клавијатурите се тие што најдиректно ја кинат цврстата жанровска мрежа. Мрачни, театрални, помалку дури и хорор-настроени, тие ја имаат онаа драматична синтисајзерска боја. Прават алузија на Soft Cell, само што, наместо како нив, да бидат нежни и лесни, тие се груби и тешки. Далеку се од синтпоп, но јасно е дека од таму влечат голем дел од инспирацијата.

“Лелек” филмски ги врзува електронските клавиши со дисторзираните гитарски жици, како нагласувањето емоции и напнатост во трилер-класика од 60-тите години. Секако, синтисајзерот нема главна улога во песните, но не е ниту срамежливо сокриен. Рифот е тој што носи најголем дел од товарот, а речиси барабар со него е и мелодичниот, епски, вокал. Всушност, сите овие елементи, заедно со басот и со тапаните, се на делумно исто рамниште, меѓутоа, кога ќе распука гитарата или, пак, ќе списка гласот, јасно е оти тие се носители на концептот. Сепак, гитарата, како и останатите инструменти, во најголем дел од течението на албумот се држат до минимализмот, користејќи само грст тонови во рифовите или во недисторзираните акорди. Сè е бавно, монолитно, без ниту најмала потреба да се впушти во агресивен сеопшт напад со сиот аудиоарсенал. Ова асоцира на шаманизам, на некаков ритуалистички транс.

Тоа не значи дека бендот репризира една иста финта од старт до финиш, туку оти во ритмички и аранжерски поглед избира решенија што ги поттикнуваат музичарите и слушателите да се лулаат, наместо да се трескаат од под. Несомнено, песните се тешки и згуснати, удираат ревносно како чекан во наковална, но за цело време сите жички им се на место, односно нема ничим изазвано типично металско пичење или, пак, разорни бластови и брејкдауни. Токму овде се крие најсилната страна на изданието. Држејќи се до правилото “помалку значи повеќе”, петорката внимателно бира што и каде ќе стави во нумерите. И иако резултатите не се секогаш одушевувачки, иако продукцијата (за наши услови, одлична) нема доволна силина, сепак, составот прикажува зрелост што ретко се среќава на метал, а и општо, на независната сцена во Македонија. Настрана другите бројни квалитети, само поради ова, албумов заслужува значително поголемо внимание во јавноста што, очигледно, не го добива. Сепак, од членовите не се слушаат лелеци, а тоа е јасна слика дека “Лелек” се држи до свои, оклоп-анаграм-правила.

Оцена: 80/100

Артист: Лелек
Албум: Лелек
Датум на објава: Мај 2011
Продуцент: Лелек
Издавач: PristopMK

Листа на песни:
1. Хоризонт – 03:25
2. Во моите гради – 04:17
3. Оклоп Анаграм – 03:44
4. I Am Every Mirror – 04:06
5. Alien Angel – 02:31
6. Katattoo – 03:19
7. Caligula Syndrome – 05:27
8. Тапан Бодисатва – 03:29
9. ”The” Nothing – 06:29

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>