20/08/2018

Khuda – Iecava [Field, 2011]

Постирано на 05/10/2011 од во Албуми, Музика


Најочигледната специфичност на Khuda што, оправдано, сите најпрво ја забележуваат е дека се работи за бенд составен од два члена. Само по себе, тоа привлекува внимание и вчудоневиденост што групи со стандардна, три или четиричлена, постава не можат да ги предизвикаат. Одушевеноста се удвојува штом слушнете колку бучавата, создадена од гитарско-тапанското дуо од Лидс, лесно го исполнува просторот и речиси без мака доминира со опружувањето. И покрај тоа што нема вокал, стилот на составот не пати од недостаток од енергија. Напротив, таа е збиена како што радиоактивните изотопи се компресирани во лоши копии на Ред Бул лименки наточени во околните скопски села. Поради ова, во втор план, речиси незабележано, е потиснато компонирањето со висока интелигенција потпишано од двајцата прилично млади момци од Англија. Возраста не ги спречува, на новиот албум,  Iecava, да ја демонстрираат јасната намера постојано да созреваат, да еволуираат и да напредуваат како автори.

За разлика од мнозинството пост-метал или пост-рок состави, а Khuda најелегантно се сместува токму во овие жанрови, британското дуо храбро избира да креира куси песни, ги сместува на 35-минутен диск и притоа не се изрезилува. На Iecava развлекувањето, тој дум-дум-куршум со кој што ваквите бендови експресно се пробиваат до срцата на слушателите, е речиси неприсутно. Нема верглање атмосфера додека таа не пукне по сите шевови. За гитаристот Том Брук и тапанарот Стив Мајлс, пимплањето тонови и ритми за истите да се доведат до точка на вриење не постои во речникот (барем на ова цеде). Слушам и сакам повеќе групи што знаат како да изманеврираат со споменатиов пристап, но енглезиве се добри баш оти го избегнуваат. Не зашто им е страв од дебакл. На претходната плоча, Palingenesia, јасно се забележува дека дуото е снаодливо, вешто и потковано во категоријата “пишување епски инструментални композиции”. Тоа што на следбеникот фаќаат поинаква кривина ги прави уште попривлечни за уво и душа.

Секако, успехот на изданието е што групата спроведува реформа на сопствениот стил, но срцевината не ја раскопува и не ја исфрла како што се вадат семки од пиперки пред да се печат за ајвар (или малиџано и лутеница). Двојката од Лидс изнаоѓа креативен начин како идеите да ги сомеле, да ги спаси витамините што ги вкусивме на постарите албуми и ЕП-а и да ги спржи со заразна форма на директност и едноставност. Не е ова звучен простотилак. Не ни може да биде штом се работи за нумери отсвирени од само два инструменти, а кои слушалки, соба или концертен простор исполнуваат како да се работи за оркестар. Во ред, не е ниту толку комплексно, ниту до тој степен богато со тонови и мелодии, меѓутоа, има страшна способност да ве натера да се втренчите и со внимание да впивате сè што бендот снимил на Iecava. Албумов не ги прикажува Khuda како револуционери, но е доказ дека ако продолжат со вакво авторско темпо, нема да биде чудо ако дојдат до тој стадиум. Доколку тоа се случи, публиката во Скопје ќе има основа да се фали дека добила прилика (досега) да ги гледа двапати – лани и в петок.

Оцена: 82/100

Артист: Khuda
Албум: Iecava
Датум на објава: 8 јули 2011
Продуцент: Рос Халден
Издавач: Field

Листа на песни:
1. Seia – 2:30
2. Boreas – 3:58
3. Luka Mesto – 4:20
4. Iecava – 4:45
5. Haikyo – 5:12
6. Marchmen – 4:19
7. Don Benito – 5:00
8. Tyche – 5:37

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>