19/08/2018

Istanbul Sessions, Nils P. Molvaer и Zu на SJF – Тестирање на границите

Постирано на 23/10/2011 од во Концерт, Музика

Ако мора да се бара еден, единствен, заеднички содржател на буквално сите џез-фестивали во светот, тоа веројатно е ставањето на слушателите на испит. Не по мајчин јазик, не по алгебра и дефинитивно не по основи на техника и производство, туку по тоа каде ни се заглавени личните потенциометри – за емоции и за сфаќање на музиката. И скопската манифестација од ваков вид 30 години ги полни главите на тие што го следат со прашалници. На нејзиното издание што моментно е во тек, синоќешната вечер изгледа ги постави најголемите. За тоа, на разигран начин беше заслужен Илхан Ерсахин, а на пореметен и свиреп, Нилс Петер Молваер и “Цу”. Не знам за претходно, но од изминатива деценија и пол, колку што редовно го следам Skopje Jazz Fest, синоќа бев подложен на најголемото дерење од учителката што ми го предава предметот “Личните лимити во музиката IV”.

Кога џезот се спојува со малоазиското, ајде да не речам, турското (кажав, нели), копјата се кршат најмногу поради тоа што потсетува на вкрстување на нашите народњаци со Луис Армстронг. Ерсахин ги темели Istanbul Sessions на звучниот и ритмички код на земјата од која што потекнува, но неговото сфаќање на тенор-саксосфонот е џезерско. Поткрепен од трио, тој во Салонот на Македонската опера и балет везеше мелодии со средно темпо, а во заднина пулсираше петжичен електричен фанк-бас, тапани со директен брејкбит-шмек и фурија од перкусии од кои тарабуката беше најистурена. Од наш агол, тука веднаш си ја поставуваме препреката дека ако овдешниот фолк се накалеми на нешто посовремено како џезот, тоа не е уметност. Изместено е ова сфаќање. Ако не беше, немаше да имаме афробит, босанова или целата кубанска сцена околу Buena Vista Social Club. Факт е дека Ерсахин повеќе удираше на човечкиот центар за веселба, но тоа не смее да се помеша со празноглавост. Тоа вчера беше музика за релаксирано ѕенѕање, ама со висок коефициент на интелигенција.

Спротивно од Истанбулските сесии, концептот на Нилс Петер Молваер беше како печен за длабоко вкопување во удобно столче, отворање на антените за прием на сигнали и препуштање на контролата врз умот во рацете на норвешкиот трубач. За комфорот на синиот тапацир во МОБ се напишани долги монографии, но ниту тој вчера не можеше да се испречи меѓу личната желба да го одврзам мозокот од ланец и да му дозволам слободно да се растрчува низ нордиските шуми. Додуша, откако на музичарот од Сула му ги предадов сите авторски права врз мојот памет, човекот без срам и перде го прошета по речиси сите меридијани и паралели – и географски, и емотивни и филозофски. За тоа најзаслужна беше неговата труба. Продорна, јака, со ехо-педала поради која играше пинг-понг по ѕидовите од салата, таа во рацете на Молваер беше перо, а звуците што ги испушташе, мастило за пишување приказни.

На површината тие делуваа апстрактно, но по минимално копање, лесно беше да се заклучи дека се сконцентрирани и мелодични. Настапот на Молваер во МОБ беше широкоаголен и концептуален. Јасна беше пораката дека ако внимателно ја следи целината составена од труба, гитара, ефекти, тапани, електроника и визуелизации, слушателот ќе биде награден со богата звучна жетва. Норвежанецот цело време го предводеше трпеливото градење на композициите, импровизациите и атмосферата. Имаше баеги психоделија, НЛО-алузии и трипување, меѓутоа, и по најекстремните и агресивни сегменти, а ги имаше прилично, Молваер не забораваше да се врати на топлината со која што е окарактеризиран неговиот стил на свирење. Гитаристот и тапанарот беа интегрални во билдањето, во зависност од потребата, амбиентална или дисторзирана подлога, а комплетниот микс беше со дебела линија заокружен од маестрото за визуелизациите. По час и половина непрекинато и возбудливо патување по разните ќошиња на свеста и посвеста, не почувствував потреба за бис. Тајмингот на точката што ја стави бендот беше перфектно прецизиран, но салата побара и доби враќање на бина со еден вид сталожено соло од Молваер.

Со неговиот концерт беа протресени моите замисли за тоа каде е дозволено или каде може да се одведе музиката, но знаев дека ова раздрмување веднаш ќе биде протресено од настапот на италијанското трио Zu. Скопскиот џез-фестивал го виде Џон Зорн, ама со неговиот “помек” проект, Masada. Бучната страна на неговиот израз, за која што само еден симбол е сплит-плочата со Napalm Death, градов немал прилика да ја слушне, а во какви рамки таа битисува покажа бендот од Остиа. Матс Густафсон со својот Fire! завчера го бомбардира киното “Милениум”, а Zu гаѓаше со фотонски торпеда. Метафорично, синоќа таму се одвиваше апокалипса, но не би се изненадил ако директорот на Градскиот трговски центар денеска се истопори на телевизија пенавејќи се дека некои ненормални Италијани ги оштетиле темелите на објектот. Да, до толку маваа во утроба и дивјачки низ неа раскопуваа.

За Zu не може да се каже дека тоа што го прават само делува како звучно силување што под бетонската плоча крие интелигентна музика. Не, пристапот на тројката во секој поглед е силување на индивидуалните и колективните перцепции за тоа што е песна, што е авторство, што е импровизација, што е збир од засебни елементи. Во “Милениум” синоќа се потврди онаа старата, што важи за одредени музичари – или ги почитуваш или не ги поднесуваш. Средина, нема. Zu не прашува дали добро си се сместил во столчето (МОБ, учи лекции по удобност). Тие сметаат дека штом си влегол во салата, душата ја даваш еден час на заем и групата со неа може што сака да прави. Разбирливо, вратата секому му е отворена за бегство, но на триото не му е гајле дали некого извадиле од кожа. Тие го свират тоа што го свират токму за да те изместат, исчашат и упрпаат.

Ќе бидам искрен, меѓу бендовите што ги слушам и ги сакам, има такви на кои што бруталноста им е уживанција, но сфатив дека едно е Zu ги перцепираш од диск, а сосема друго е од бина. Скопје видело и чуло фина листа екстремни состави, меѓу кои беше и концертот на Napalm Death во Скопје во 1996 година, ама тоа вчера во “Милениум” ги надмина, буквално, сите до еден. Терминот “си ги оставија коските на сцена” се употребува за кого треба и не треба, меѓутоа, за италијанското трио не е доволен. Тие си брцнаа во клетките од кои што се составени, ги фрлаа пред себе и злобно ги смачкуваа. Ми фалеа малку нивните препознатливи рифови на саксот, но тоа не беше пречка да си заминам дома без вилица, која што тресна на земја и уште дреме под некое столче во киното. Попосле планирам да идам да си ја земам. Таму ќе ги најдам и моите стари граници за музиката, но тие ќе оставам. Поради Nils Petter Molvaer и Zu сега имам чичка нови.

Фото: Татјана Ранташа | Plagijat |

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>