19/08/2018

Homeland – Психо-трилер што ровари низ тероризмот

Постирано на 31/10/2011 од во Телевизија

Додека светот беше јасно поделен по црвено-сина, комунистичко-демократска, линија, шпионите, во филмовите за нив, беа романтизирани како незнајни јунаци на браникот на блокот за кој што се борат. Берлинскиот ѕид се урна, по што се сруши и армираната плоча што ја штитеше идеално изградената слика за тајните агенти. Многумина дури и се истрчаа да предвидат дека браншата е пред изумирање, што значеше оти и нејзините денови во кинематографијата и во телевизијата се избројани. Секако, ништо од ова не беше точно, Пирс Броснан го презеде Џејмс Бонд во свои раце, а новите корпоративни и компјутерски зликовци веднаш беа измислени. Никаков шок не е фактот оти мораше да се случи грозоморен напад врз САД на 11 септември 2001 година за шпионите да го остварат својот очекуван камбек на големите и на малите екрани.

Во такво опкружување, непријател број еден, разбирливо, станаа терористите, а ударна игла во битката со нив беа токму шпионите – тие што оперираат на тлото на Америка и надвор од него. По убедливо најголемиот и најреволуционерниот телевизиски проект со оваа тематика (24 со Кифер Сатерленд) мрежите го одврзаа ќесето и инвестираа во слични серии, но многу од тие баш и не се прославија. На долгометражен план, Џејсон Борн со Мет Дејмон, особено последните два дела режирани од Пол Гринграс, наметна посуров, побрутален, пристап во светот на тајните агенти, што набргу се преслика и во 007 на Даниел Крег. Држејќи се до морално сивата зона од 24 и до заматената граница меѓу добрината и злото како Борн, кабелскиот канал Showtime ја креира Homeland, ТВ-серија што поттикнува грицкање нокти, вџашува поглед и го предизвикува гледачот да се стави себеси во кожата на главните ликови.

Изворен материјал: Концептот на Homeland лабаво се базира врз израелската серија Hatufim или Prisoners of War. Двете се за терористи и заробени, па ослободени војници, како и за транформацијата што тие ја доживуваат и со која што мора да живеат откако ќе се вратат дома. Од тоа што може да се прочита по нетов, проектот на Showtime е на сосема поинакво драматуршко, продукциско и актерско ниво. Во суштина, не станува збор за класична обработка, туку за зајмување (со платени авторски права) на темелот и градење целосно нова приказна прилагодена на американските услови и реалност.

Заплет, ликови и глума: Без невоспитано да откривам клучни детали (превод: spoiler), ќе кажам само оти Homeland е шоу за Кери Метисон (Клер Дејнс), офицер на ЦИА која е убедена дека американскиот маринец Николас Броди (Дејмиан Луис), по осум години минати како воен заробеник на Ал Каеда, сега, всушност, работи за нив. Овие два лика носат голем процент од товарот на приказната. Нивната сложеност, на начин ѓаволски близок до вистинска човечност, прави тоа дигање сценаристички тегови да не изгледа напорно, монотоно и предвидливо. Метисон и Броди се реморкерите што заплетот го тегнат како танкер, но нивните светови се физички одвоени, а емотивно блиски. Како и во секоја сериозно квалитетна серија, така и Homeland има споредни карактери кои не се до детаљ разработени, егзистираат во посебно ќоше, ама некако ги надополнуваат бајрактарите. Глумата, без непотребно ширење, е хируршки прецизна, без патетики и грчеви од силикон. Дејнс и Луис предничат, но нивниот висок критериум е пренесен и кај останатиот дел од екипата.

Морални дилеми: Ако приказната е прва, глумата, втора, тогаш трета најсилна страна на Homeland е способноста гледачот да го става во незгодна ситуација и да го поттикне да си поставува непријатни прашања. Најистуреното од нив, што, помалку или повеќе, важи за сите вклучени во заплетот, гласи: “До каде сте подготвени да одите?”. Секако, не географски, не дали имате кондиција да го искачите Монт Еверест, туку колкава е вашата сива зона, до кој степен би си дозволиле пливање со слободен стил во базенот на етичките и морални правила. Кога се работи за спасување илјадници или милиони животи, како во Homeland, така и во реалноста, одлуката изгледа лесна, но серијата не се помирува со претпоставките, туку ризикува и покажува дека и во такви услови, до тие чекори се доаѓа тешко. Во низата дилеми присутни во шоуто се и тие поврзани со кршењето на законот, меѓучовечките односи, злоупотребата на луѓето, фамилијарните тензии, професионализмот и многу други.

Забавна страна: Се провлекува по некоја скржава шега, но Homeland не е забавна на комичен начин. Нејзиниот ентертејнмент доаѓа во трилер-амбалажа, со напнатост и со недореченост, со суровост и со неочекувани насоки во приказната. Не оди до нивоата на бруталност на 24, го нема борновско-бондовскиот акциски претеризам, но успева да изненади по неколку дози наведување. Секој што е навлечен на трилери, претпоставува оти тоа е еден вид зависност. Наместо прашок, оваа дрога има форма на адреналин. Во Homeland нема забегани автомобилски бркотници или скокање по покриви, ама и тоа како има умствени игри на мачка и глушец. Нешто како Том и Џери, но во мрачното опкружување на современата реалност.

Продукција: И понатаму се лидери, но HBO изминативе години конечно доби силна конкуренција на продукциски план од кабелските мрежи FX, AMC и секако, Showtime. Насловите излезени од креативната бавча на последнава од овие, како Weeds, Dexter, The Borgias, а сега и Homeland, изненадувачки се близу до стандардите од поодамна поставени од Home Box Office. Серијата со Дејнс го има филмскиот квалитет што, по некое непишано правило, почна да се подразбира кај првокласните ТВ-проекти. Нема којзнае колку хај-тек во продукцијата на Homeland, не е ова серија за ефекти, но не се штедени ниту пари ниту време за таа да изгледа сурово, директно, опипливо.

Севкупно: За тие што се вбројуваат себеси во племето на трилер-фанатици, Homeland, без размислување, е серија што не смеат да ја пропуштат. Додуша, ова е проект што во својот ТВ-распоред на гледање мора да ја меморираат и тие што не се особено или не се воопшто заинтересирани за жанрот. Причината е проста – општо гледано, шоуто се дефинира како драма. А тоа, всушност, и е, драма направена од луѓе за луѓе што треба да привлече – луѓе. Трипати употребив ист збор во една реченица, но тоа веројатно е најсликовитиот начин за да ја нагласам длабоката, хумана, внатрешност на Homeland. Однадвор, пак, таа е психо-трилер што ровари низ тероризмот. Спојте ги двете и ќе ја добиете најдобрата нова серија моментно на екраните. Во САД, секако.

Оцена: 90/100

Серија: Homeland
Продукција: Showtime
Премиера во САД: 2 октомври 2011
Автор на оригиналот: Гидеон Раф
Развој на новата верзија: Хауард Гордон и Алекс Ганса
Улоги: Клер Дејнс, Дејмиан Луис, Морина Бакарин, Дејвид Хервуд
Извршни продуценти: Гидеон Раф, Хауард Гордон, Алекс Ганса, Мајкл Куеста, Ави Нир, Ран Телем

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>