Elena Hristova & Goran Trajkoski – Bioscopia [SJF, 2011]

Кога ќе се појави нова етно-група, кога ќе се испили соло-артист или кога ќе излезе тазе албум со обработки или интерпретации на македонски традиционални песни, често знам гневно, во себе, да се запрашам: До кога бе? Некоја секунда подоцна, пак преку безгласен монолог, ќе си се потсетам дека реакцијата ми е крајно неоснована. За тоа само треба да ми текне на The Great American Songbook, невидливата збирка теми што џезерите, а и акустичните кантавтори, и ден денес ја користат за лајв-изведби и за снимање плочи. А тука се и кантри-изведувачите, кои редовно го полнат сопствениот репертоар со композиции од поискусни или легендарни колеги. Кога чув дека Елена Христова од “Баклава” и Горан Трајкоски, актуелен со Circo Europia, a најпознат по “Анастасија”, решиле да фрлат заеднички поглед врз нашата звучна традиција бев на пола копје: инстинктивно изреагирав како што опишав погоре, а во исто време не се сомневав дека нивниот проект, во најмала рака, ќе ме заскокотка. Неколку слушања подоцна, своерачно потпишувам изјава дека Bioscopia ми го измести гравитациското поле како што и сакам кога се во прашање изданија со ваков сензибилитет.

Кога во плеерот ми се врти цеде (така најубаво се доживува, не на mp3) со свеж осврт на мелодиите вкоренети во овие простори, не прифаќам ништо под термонуклеарна емотивна бомба. Знаејќи колку внимателно овие песни се пренесувани од колено на колено и каква индивидуално/колективна приказна раскажуваат, чиј било недоветен обид за нивно препакување ме вади од такт. Кога се фаќате за орото на обработка на овие композиции, мора да го играте со искрени и чесни чекори. Сè помалку од тоа ќе се забележи пред да завршат 30 секунди од првото преслушување. Кај “Биоскопија” е обратно. Како што ја повторувате дружбата со албумот, така го зацврснувате ставот што го формирате половина минутка по запознавањето – дека Христова и Трајкоски се истегнале до максимум при работата на материјалот. Ова не значи дека плочата делува заморно, изнасилено и допингувано. Овие 70-ина минути изобилуваат со толку детали, поради кои ќе помислите оти трпеливо се напластувани со месеци, но нивниот збир остава впечаток како да се работи за математика на прости броеви. Шокантно е каков чувствен лавиринт е цедево, а толку вешто мами дека е пушка-автопат со четири ленти.

Навистина е широк, на моменти најмногу поради звучните празнини и минимализмот на инструментално поле, но далеку од тоа дека е праволиниски. Ритмички нема којзнае каква разиграност, се движи во рамките познати за амбиентални артисти, а сепак, не се ништи себеси и слушателот со еднообразност. Насловот наведува на заклучокот дека ова е еден вид филмска музика. Секој со своите подвижни слики во главата и лесно е да се сфати оти таа врска постои, меѓутоа, Bioscopia има една мошне битна разлика од тој формат – во ниту еден миг не делува наменски. Соработката меѓу Елена Христова и Горан Трајкоски можеби е токму таква, еднократна, можеби и ќе трае или ќе се развива во поинакви насоки, ама за разлика од која било музика за филм, таа не е еден од два нераскинливи дела. Материјалов е толку богат, што може дури да послужи како темел на некое идно кинематографско дело, но негова уникатност е моќта да создава слики во личната виртуелната реалност чии правила, концепти и граници сите самите си ги поставуваме. Секако, цинизмот е најдебелиот ѕид истопорен пред нивното умствено креирање, ама овие 14 нумери имаат потенцијал и таа пречка да ја срамнат со земја.

Во поглед на сликањето со емотивни бои, дисков е неверојатен триумф. Подеднакво значење, пак, имаат и продукциските и аранжерски решенија. Ова е албум закован во традицијата, а единствен таков инструмент употребен на цедето е гласот на Христова. Остатокот го исполнуваат или класичните жици (виолина, контрабас и виолончело) или програмирањето на компјутер/клавијатури на Трајкоски. Кларинетот е тој што на моменти го гради мостот меѓу генерациските мелодии и електронската подлога. Тоа овозможува, музички, речиси ниту една од овие песни воопшто да не личи на себеси, а сепак, поради махерското врамнотежување со гласот, сите да си ја зачуваат суштината речиси непроменета. Или поинаку кажано, нема да чуете ниту гајда, ниту кавал, ниту тамбура, ниту тарабука, ниту тапан, ниту ________ (пополнете сами), а во ниту една секунда нема да можете да избегате од фактот дека ова е диск инспириран и длабоко втемелен во македонската звучна традиција. Елена Христова и Горан Трајковски со Bioscopia уште повеќе ги зацврстија нејзините основи и демонстрираа како треба да се телепортираат и надградуваат во 21-иот век.

Оцена: 92/100

Артист: Elena Hristova & Goran Trajkoski
Албум: Bioscopia
Датум на објава: 8 јуни 2011
Продуцент: Горан Трајкоски, Елена Христова
Издавач: SJF Records

Листа на песни:
1. Orli – 03:05
2. Erebichence – 03:49
3. Filka – 03:16
4. Arsa – 06:15
5. Kalina – 07:02
6. Dafina – 07:48
7. Mesechino – 03:01
8. Stojan – 05:49
9. Jana – 07:31
10. Kukavica – 03:33
11. Zmejko – 05:19
12. Bilbil – 03:24
13. Oj devojche – 03:56
14. Gjurga – 08:22

Слични написи

Остави коментар