19/08/2018

Aeon Arcanum – Monuments [2011]

Постирано на 28/10/2011 од во Албуми, Музика

Кога снимањето албуми е во прашање, најголемиот број, можеби дури 99 проценти, од македонските бендови ги мачи еден од овие два проблема – имаат колку сакаат време на располагање, но немаат пари или, пак, кубурат и со првото и со второто. Како и да се вртат работите, кешот во земјава никогаш не се впуштил во долготрајна романса со неестрадните музичари. Списокот на силни состави за кои финансиите биле пречка за снимање квалитетна плоча е епски, но не е така мал и на тие што со немањето евричи се обидувале да ја замаскираат сопствената мрзеливост или неталентираност. Да не беа групите на кои што ем им фали време ем не можат да се пофалат со буџет, а се решени да творат, Македонија само изминатава година немаше да ги слушне моќните изданија од ХаХаХа, Страјк и од Лелек. Оваа листа пред неколку дена се надополни со првото авторско остварување на Aeon Arcanum, Monuments.

Не можам стопроцентно да тврдам каков им бил распоредот со обврски или колку пари потрошиле за да го финализираат. Сепак, знаејќи дека се појави по неколку промени во поставата и одложувања, споменативе два фактора сигурно не биле во розовата графа. Судејќи по Monuments, сите евентуални перипетии низ кои што бендот минал воопшто не влијаеле, можеби дури и потпомогнале материјалот на крајот да излезе вака стегнат, концентриран и со релативно малку фалинки. Штом ги споменав, ќе допрецизирам оти веројатно најголемата од нив е композиторска. Дел од песните се претопуваат, се губат една во друга, дозволуваат да ви се прикраде прашањето за едноличноста. Со оглед на тоа што ова е деби-албум од бенд со мала километража, ова не е којзнае колку страшен пропуст. Битно е дека оваа слабост е само делумна, а ако групата продолжи со темпото прикажано на цедево, таа ќе биде избришана со достигнувањето целосна зрелост.

Ветриштата на оваа мана не провејуваат низ сиот материјал. Општиот впечаток дека се работи за изненадувачки издржан метал-албум останува доминантен. Мешајќи повеќе аспекти од хеви-жанрот, и традиционални и модерни, но одвојувајќи најголем простор за последниве, Aeon Arcanum снимиле колекција жесток дет-метал надополнет со прог и блек-елементи, како и со електроника и со акустика. Песните на цедето (засега само дигитално де), ја имаат онаа експанзивна компонента. Тие, како, на пример, Dysphoria, почнуваат незабележливо, придушено, за десетина секунди да преминат едно скалило, па следно, по него трето, четврто, петто и така додека не достигна одредена точка што поттикнува да сфатите дека тоа е најприродниот начин за нивен аранжерски развој. Со експлозивниот премин во Morbid Incarnation, пак, се појаснува силната надоврзаност на претходната со следната композиција. Таквата врска е забележлива меѓу сите нумери.

Очигледно е дека на материјалот е работено долго. Со трпение. Внимателно. Исфрлени се речиси сите вишоци. Испеглани се најголем дел од гужваниците што веројатно би ве натерале да се смрштите. Ова е метал од Македонија направен со шведска дисциплина. Плута во death-каналот, дури и самоуверено плива, но не заборава на мелодиите. Не се занимава премногу со грувот, ама па и не е опериран целосно од него. Има идентитет, се држи до сопствена рамнотежа меѓу различните метал-варијации иако, во основа, не е претерано далеку од тоа што на велико се слуша во Скандинавија. Да се родени и да творат во Шведска, Норвешка или Финска, бендот со албумов ќе беше близу, а можеби и меѓу десетте највисоки позиции на тамошните топ-листи. Бидејќи се од  земјата на џејџеизмот, за монументалноста на деби-албумот на Aeon Arcanum ќе остане свесна само одредена група љубопитници. Меѓутоа, ова е подолговечен споменик од било кое количество бронза, а Monuments несомнено го заслужува.

Оцена: 82/100

Артист: Aeon Arcanum
Албум: Monuments
Датум на објава: 22 октомври 2011
Продуцент: Ристо Алчинов
Издавач: Aeon Arcanum

Листа на песни:
1. Dysphoria – 07:02
2. Morbid Incarnation – 06:07
3. Mind’s Eclipse – 03:28
4. Lurid Luminance – 08:23
5. Alteration of Insanity – 05:47
6. Cosmic Solitude – 06:13
7. Entreaty – 03:36

Тагови: , , , ,

3 Responses to “Aeon Arcanum – Monuments [2011]”

  1. Ozzeth 29 октомври 2011 at 07:36 #

    Продуцент на албумот е Ристо Алчинов. Благодарност од цел бенд за одвоеното место. Поздрав.

    • Александар Саздовски 29 октомври 2011 at 22:59 #

      Ете, поправено 🙂

  2. Ozzeth 30 октомври 2011 at 07:32 #

    Фала. 🙂


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>