20/06/2018

Noreum Machi и Зоран Маџиров на OFF-Fest: Јужно од новобалканска Кореја

Постирано на 08/06/2011 од во Концерт, Музика

Политичка конотација во OFF-Fest не треба да се бара затоа што од неа нема ниту трага, но симболично беше што синоќешното затворање на фестивалот го отвори група што свири музика своевремено користена да охрабри луѓе што протестирале за слобода и демократија. Noreum Machi е состав од Јужна Кореја што настапува со самул-нори, музички стил со корени во шаманизмот и анимизмот, а кој по воениот пуч во нивната земја во 60-тите години, ечел на масовните собири на граѓаните. Не е воопшто убаво што изведбата на групата се поклопи со протестот против смртта на 22-годишно момче во канџите на полициски службеник, но поклопувањето на енергијата на музика што охрабрувала луѓе со енергијата на луѓе што изминативе денови покажаа извонредна храброст, внесе некаква посебност во концертот што се одржа во Салонот на Македонската опера и балет.

Или можеби само лично така го доживеав. Невозможно беше да мине поинаку со оглед на јачината со која што Noreum Machi бескомпромисно, без трошка задршка, без никакви арт-калкулации, дебитира пред македонската публика. Навистина не знам како да го опишам тоа што го слушнав ако не со термини како ракетирање со перкусии, емотивно разнесување со помош на удиралки, визуелно изместување од рамнотежата со физички исцрпувачки танци. Материјалот што групата го изведе не беше само мајсторски аранжиран од музички агол, туку изискуваше и извонредна кондициска подготвеност на членовите. Знаејќи дека нивниот стил е вкоренет во шаманизмот, перформансот на Noreum Machi делуваше како мистичен ритуал што кулминира со звучно-вокална-танцувачка експлозија.

По неа, лесно беше да се посомневаш дека Зоран Маџиров со својот Balkano Nuevo септет ќе има тешка задача да ја задоволи публиката, но овие и онака несериозни дилеми се покажаа излишни. Виртуозот на вибрафон и шишиња, во светот познат и како The Bottleman, придружуван од одлични инструменталисти, го одржа еден од своите најдобри концерти во Македонија изминативе години, што ќе се вброи меѓу најодушевувачките и на целиот OFF-Fest 2011. Промовирајќи го последното цеде, Roots on a Roof, Маџиров го претстави сопствениот, нов поглед, на македонската, како и на дел од останатата балканска звучна традиција. Со оглед на можноста за импровизација и интеракција, материјалот звучеше уште подобро на бина, а тоа го засили и емотивноста разбудена поради првата лајв-изведба на песните во земјава.

Тие беа разиграни, шаренолики и разгранети како и на самото цеде, но збогатени со проширени соло-моменти на сите инструменталисти. Разбирливо, во преден план беше Маџиров. Повеќе со вибрафонот, а нешто помалку со шишефонот (да, така се вика, не е шега). Сепак, убавината на Roots on a Roof е што најмногу се потпира на компонирачкиот, авторски, мелодиско-хармонски аспект, наместо во оставањето простор за бесмислени импровизации. И иако тоа што Маџиров со бендот го свири на моменти делува пренатрупано, не треба воопшто концентрација за да се сфати оти, всушност, тоа е само впечаток. Тоа најдобро се докажа синоќа на бина, каде што Balkano Nuevo очигледно најдобро егзистира. Како стегнато сè звучеше, ова би требало да е само прва од многуте станици на опстојувањето на овој проект ширум светот. За сите синоќа во МОБ, присуството беше умен избор, но и привилегија да се проследи огненото крштевање на оваа несомнена идна концертна атракција.

Тагови:

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>