22/01/2018

My Morning Jacket – Evil Urges [ATO, 2008]

Постирано на 07/06/2011 од во Репост

Лошо е кога луѓето ќе се навикнат на една работа и потоа очекуваат да им ја задоволувате суетата со доза од истата дрога. My Morning Jacket, милениците на критичарите и на фановите изминативе години, во 2008 го почувствуваа ова правило на сопствената кожа. Момците што, во 2003 со It Still Moves и особено во 2005 година со Z, го фрлија музичкиот свет на колена, поради петтиот албум, Evil Urges, беа жртви на силниот гнев од многумина што им зацртаа како смеат, а како немаат дозвола, да се изразуваат. Самиот наслов на цедето укажува дека бендот сакал да си ги задоволи злобните (наводно, површни) нагони за масивни рефрени и монолитна дисторзија. Делумно, можеби и се во право дека Evil Urges е отфрлениот поп-брат на првите четири американа-изданија на групата, но големото платно вели оти албумот е далеку поквалитетен од тоа што неговиот надворешен слој го навестува.

Џим Џејмс еднаш рече дека на своето петто цеде My Morning Jacket сакал да побегне од “нормалните рокенрол-звуци” и на плоча да го пренесе поголемиот дел од лајв-пристапот на бендот. Има дефинитивна вистина во ова негово тврдење иако стои забелешката дека некои од песните (Highly Suspicious) делуваат како групата невкусно да запливала во синтетички-фанк-води типични за 80-тите. Песната воопшто не е лоша, всушност, баеги е забавна, но укажува дека и покрај намерите и плановите, дел од Evil Urges е исполиран повеќе од потребно. Сепак, тоа ниво не е толку големо за да се прават драми од типот дека составот го креирал најголемото промашување во кариерата. Доколку е така, тогаш луѓето што не можат да најдат убавина во меланхоличните нумери, како Thank You Too, Sec Walkin’, Librarian и Look at You или, пак, во моќните и дисторзирани Aluminum Park и Remnants, треба да си купат чепкалки за уши и “храбро да пробуричкаат во тунелот каде што ништо претходно не влегло”.

Без разлика што на Evil Urges “размислуваат надвор од кутијата”, MMJ не можат целосно да избегаат од својата суштина оти таа е извонредно препознатлива и посебна. Повеќе помлади бендови се обидуваат да се провлечат на сцената преку нивните стапки. Пејачите на Band Of Horses и Fleet Foxes шокантно потсетуваат на Џим Џејмс во неговата реверб-фаза, но откако тој ја надмина, проблемите почнаа да се натрупуваат. Сепак, дури и без елементите типични за првите три диска, My Morning Jacket и на Evil Urges звучи единствено како себеси. И осумминутната Touch Me I’m Going to Scream Pt. 2, со простата бас линија и ритам, е Ем-Ем-Џеј до самата срцевина. Такви се и Smokin’ from Shootin’, а дури и тотално неконвенционалната (за Џејмс и екипа), “Допри ме и ќе почнам да вриштам Дел Први”. Evil Urges ни од далеку не е лош албум. Сосема спротивно, материјалот бара простор и време за да ви се вовлече под кожа. А можеби и затоа, поради денешната болна потреба за хипербрзо конзумирање, многумина неправедно го нападнаа. Искрено, баш ми е гајле. И онака убавата музика е за таа другата, малцинска, група на луѓе.

Оцена: 7.5/10

Артист: My Morning Jacket
Албум: Evil Urges
Објавен на: 10 јуни 2008
Продуценти: Џо Чикарели и Џим Џејмс
Издавач: ATO

Track listing:
1. Evil Urges – 5:14
2. Touch Me I’m Going to Scream Pt. 1 – 3:51
3. Highly Suspicious – 3:07
4. I’m Amazed – 4:35
5. Thank You Too! – 4:29
6. Sec Walkin’ – 3:37
7. Two Halves – 2:36
8. Librarian – 4:18
9. Look at You – 3:30
10. Aluminum Park – 3:58
11. Remnants – 3:04
12. Smokin’ from Shootin’ – 5:07
13. Touch Me I’m Going to Scream Pt. 2 – 8:14
14. Good Intentions – 0:04

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 03.01.2009]

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>