19/08/2018

My Morning Jacket – Circuital [ATO, 2011]

Постирано на 07/06/2011 од во Албуми, Музика

Да откриеш бенд, навистина посебен бенд, може да биде прерано, кога никој за него не ни слушнал. Или предоцна, кога сите го преџвакале и го претвориле во блуткава копија на неговата првична, полнокрвна, верзија. Без разлика дали ќе биде на првиот или на вториот начин, запознавање со ваков состав никогаш не е излишно откровение. Многумина придаваат повеќе значење на тоа кога првпат се сретнале со одредена група, отколку дали тоа воопшто им се случило. Затоа, на моето признание дека My Morning Jacket ги запознав со Z, нивниот сигурно најпрепознатлив и најпопуларен албум, таквите фаци ќе се мрштат, ќе пувкаат со уста, ќе мафтаат со нотираниот доказ оти тие ги следат долго пред мене. На тоа, како за останатите музички имиња што сум ги открил со мнозинството од светот, им одговарам – ме заболе.

Сè додека тоа што го откривам ме трогнува, не е предоцна и ако ушиве со него се спријателуваат и неколку децении подоцна. А бидејќи групата на Џим Џејмс е од оние што се целосно свои, по Z светлосно брзо сфатив дека ќе ги сместам на полицата на која што војнички ги чувам останатите, за мене уникатни, групи и кантавтори. Таа посебност на MMJ им носи страстни обожаватели, но и исто толку верни аналитичари кои до детаљ внимаваат на успесите и пропустите што бендот ги прави на албумите. Не се согласувам со сите дека Evil Urges, плочата што групата ја објави во 2008 година, беше до толку очајна, но признавам оти нејзиниот храбар микс од сè и сешто повеќето со право ги остави со измешани или, пак, со негативни чувства. Следбеникот на ова цеде, неодамна објавениот Circuital, ситуацијата ја прави појасна и ја врти во обратна, позитивна, насока.

Прво и најочигледно, нема ризично вештачко парење на стилови и правци. Сè си е речиси на место како на At Dawn и It Still Moves, дискови што ги открив по Z, по што сфатив дека се за нијанса посодржајни. И на Circuital се чувствува тој беседнички израз, оној монолог на фронтменот што кога го слушаш се претвора во дијалог меѓу музичарот и обожавателот. Лесно е да се каже дека со Circuital се враќа на корените, меѓутоа, оваа излитена фраза не е вистината оти бендот и не се промени претерано на Evil Urges. Само реши да застрани, да преземе дрзок чекор и да се обиде да ја збогати својата звучна формула. Новиот, седми, диск, пак, е доказ што и онака не треба ништо да докажува, но потсетува дека бендот и пред кобната плоча од 2008 година си имаше полн, богат, стил. Сепак, тоа што последното цеде го илустрира е дека групата вирее подообро во поедноставни, посоголени, околности.

Затоа Circuital е толку ненаметлив и пријатен за повторно и повторно вртење во дигиталниот или во цеде-плеерот. Продукциските трикови од претходникот се исфрлени, шарањето и барањето низ жанровите е вјармено на рок, американа и кантри правците, а надополнето со стоунерски, прогресивни и психоделични моменти. Албумот не е толку јужњачки како триото плочи со кои составот ја почна кариерата во 1999 година. Повеќе е во фазон на умно прочистениот стил на Z, каде што речиси да немаше вишоци и непотребности во композициите. Не е толку добар, нема така вртоглави рокачини или триперски парчиња кои што се базираат на импровизација. Сепак, материјалот е жив, циркулира, крвари, како што и би требало едно креативно дело на My Morning Jacket. Насловот можеби симболизира кружно поле, но со песните бендот не се врти во круг.

Повеќе може да се каже дека со секоја од нумерите, една по една, ја исцртува и ја заокружува 45-минутната целина. Нејзин ореол, очекувано, не смее да биде поинаку, се стиховите на Џејмс. Младоста, поточно одржувањето на детето во себе, се чини како тема што се провлекува во повеќето од текстовите. Односно сè што е на некој начин поврзано со човечката желба никогаш да не го загуби жарот што сите го чувствуваат во годините кога откривањето е поважно од сè, наместо прикривањето зад оправдувањата, како што бива во возрасната фаза. Тоа не го прави Circuital резигниран, циничен, диск од разочарани луѓе, туку плоча на човечки суштества што грчевито бараат начин како да останат млади во душа. My Morning Jacket, со професијата што ја избрале, рокенролот, за тоа имаат поголеми шанси од повеќето од нас, изрокани работејќи сè што треба за да преживееме. Во тие мигови, албумов или дури добар блек-метал, и тоа како служи како извор на младешка енергија.

Оцена: 83/100

Артист: My Morning Jacket
Албум: Circuital
Датум на објава: 31 мај 2011
Продуценти: Џим Џејмс и Такер Мартин
Издавач: ATO

Листа на песни:
1. Victory Dance – 5:40
2. Circuital – 7:19
3. The Day Is Coming – 3:17
4. Wonderful (The Way I Feel) – 4:17
5. Outta My System – 3:22
6. Holdin On To Black Metal – 4:19
7. First Light – 3:45
8. You Wanna Freak Out – 3:20
9. Slow Slow Tune – 4:31
10. Movin’ Away – 5:13

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>