Mercedes Peon и Баклава на OFF-Fest: Традиција од друга димензија

Височината, градбата, полот се само детали, некои музичари, просто, се поголеми од секаква претстава што за нив ја создава физичкиот изглед. Кога Mercedes Peon, шпанската пејачка што синоќа настапи на OFF-Fest во Салонот на Македонската опера и балет, се качи на сцена, нејзината ситна, нежна, ненаметлива фигура не ни навестуваше какво звучно цунами ќе следува. Неговата позитивно разорна сила беше уште понагласена поради фактот што вокалистката од Галиција во текот на целиот настап се потпираше исклучиво на себе и на своите инструментални, како и гласовни способности. А тие беа поприлично импресивни, особено во начинот на којшто во речиси ниту еден момент не му одземаа буквално ништо од најважниот аспект на концертот – пеењето.

Веднаш штом ја премина стартната линија на деби-изведбата пред македонската публика, Peon од бината во МОБ демонстрира дека традицијата на Галиција ја врзала, дури и ја залепила незабележително, со експериментални електронски и други влијанија, претходно чуени кај имиња како Dead Can Dance, The Future Sound of London, а помалку и Aphex Twin. Бришејќи ги границите за тоа што е концерт, а што поетски-перформанс, Mercedes испушташе продорни крици, но и нè галеше со потресни мелодии, вешто удираше на барабанот, но и како диџејка пушташе хаус-ритми, во точно одбран момент го оплеменуваше звукот со длабок бас, но и го разнебитуваше со фини семплови од клавијатурите.

Освен овие, условно кажано, вообичаени, таа во текот на настапот додаваше финеси и со други инструменти, веројатно галициски. Тие, како мене, што немаа поим од шпански, не ги разбраа пораките што Peon ги испрати, но не беше тешко да се почувствува дека таа во нив внесува емоции, што беше сосема доволно да не се создаде мост што публиката не може да го премине за да ја доживее нејзината музика. Во еден момент, на сцена се качи девојка што ги преведуваше поетските сегменти од изведбата на пејачката. И иако целиот спој шкрипеше, изгледа поради спонтаноста со која што беше осмислен, на крајот не го намали одушевувањето што галициската вокалистка го остави кај присутните.

Штета што со истиот впечаток, лично, не заминав и по настапот на второто име на списокот на изведувачи вечерта, нашите “Баклава”. Не зашто не звучеа добро, туку бидејќи не звучеа подобро. Космополитизмот што составот го прикажа на својот трет студиски албум Me Mankas Mucho од сè срце ми се допадна, меѓутоа, на бина на материјалот му недостасува нешто што тешко се лоцира, но ќе се обидам тоа да го направам наскоро, кога ќе ги срочам мислите и ќе го рецензирам. Дотогаш, ќе кажам само дека “Баклава” синоќа во МОБ беа мајстори на традиционалната песна и инструментална изведба како и секогаш, ама во текот на свирката не ме акнаа од земја како што ѓаволски лесно им поаѓало од рака на претходните што сум имал прилика да ги проследам.

Накусо, веројатно се работи за нијансата што ја одвојува инстинктивната “Баклава” од таа што ја слушнавме вчера, која што се потпираше на јазик што зависи колку добро е увежбан, а не вкоренет. Пак ќе кажам, бендот, во проширен состав и со инструменти што не беа дел од неговите минималистички почетоци, звучеше под конец, Елена, како и секогаш, маѓепсуваше со гласот, но мене сето тоа единствено ме одушеви, а не ме истреска како што сакам кога слушам изворна музика во нов или во традиционален пакет. Таа нијанса се забележа кога групата се врати на бис и откако запеа на македонски, гласот на вокалистката почна да ечи, да шамара, со поинаква, уникатна и неспоредлива, решителност. Иста таква детерминиратност да почувствував и во претходниот дел од концертот, групата немаше да ме остави побогат за прекрасно звучно искуство, но посиромав за емотивно доживување со јачина на каква што “Баклава” одамна ме навикна.

Слични написи

Остави коментар