Junior Boys – So This Is Goodbye [Domino, 2006]

Електрониката денес е културолошко-уметнички етаблиран поим. Освен тоа, носи пари – понекогаш и премногу. Ама овие ласкави карактеристики не можат да го сокријат фактот дека има долга листа на луѓе кои се уште се скептични за потенцијалот на жанрот да пренесе обични, доживеани и блиски човечки емоции. Во случајот на Junior Boys – грешат. Ептен.

Канадското дуо, основано во 1999 година и денес составено од Џереми Гринспен и Метју Дајдемус, во 2004 дебитира на дигиталниот подиум со дискот Last Exit за британската етикета Domino. Ако се знае дека куќата на пазарот исфрли популарни ретро-рокери како Franz Ferdinand и Arctic Monkeys, позитивно изненадува поддршката на освежувачката синт-поп-опсесија на Junior Boys. Двојката само го поткрепува тврдењето дека за звучно сликање на човечката кршливост, сила, или, пак, рамнодушност, формата и орудијата се само прашање на избор. Особено денес, кога просторот за маневар е драстично зголемен со можноста за “градење” собни-студија, играње со последната саундкартица употребувајќи врвни компјутерски програми или, едноставно, со желбата да научиш два-три акорда, импровизирано да снимиш неколку траки, да ги објавиш на својот блог и да предизвикаш лавина од позитивни реакции. Во ваква состојба, не е важно дали си “аналоген” или “дигитален”, туку колку си способен искрено да го прикажеш тоа што го мислиш или чувствуваш.

Junior Boys се прилично свесни за овој неприкосновен факт. Изненадува ефективноста и вистинитоста со која се изразуваат. Со други зборови, знаат како, кога и каде да ја сместат потребната вокална мелодија, позадинско благо-дисторзирано рифче или синтизајсерска линија без да звучат како преработено клише што заглавило во средината на 80-тите. Точно, So This Is Goodbye е издание длабоко вкоренето во деценијата кога Depeche Mode и New Order биле тешко освоивиот врв на музичката планина, но канаѓаниве не се толку глупави за да западнат во стапицата на носталгијата и да се вадат на време што е одамна поминато. Извесни моменти ептен потсетуваат на Дејвид Гахан и компанија, ама за разлика од дарк-глум-опседнатоста на британската тројка, Гринспен и Дајдемус се далеку поопуштени, позитивни и пријателски настроени. Продукцијата е топла, течна и блиска до звучните сетила, а комбинацијата одлично ја нагласува благата меланхолија што провејува низ материјалот. Албумов не е депресивен, но во себе носи една медитативна нишка што буди сеќавања, наместо да ве полни со ентузијазам за иднината.

Ова е особено забележливо на Court Souvenirs, насловната песна и на Like A Child. Тука, гласот на Гринспен звучи како на фолк-трубадур кој тажи затоа што несвоеволно бил откинат од сопствената муза. Има надеж во себе, но моментното чувство на ненадејна загуба го пренесува со длабоката емотивност обично резервирана за потресни кантавтори како Џеф Бакли или Конор Оберст. Каверот на Френк Синатра (When No One Cares) е најсликовит доказ за ваквата споредба. Всушност, целата приказна за успешноста на So This Is Goodbye се крие токму тука – во речиси совршениот баланс и надополнување на вокално-емотивната страна со првокласната електро-синт-поп продукција што изобилува со одлични семплови, мелодиски линии и фантастичен грув. Последново е “чекорот плус” што дуото го прави при одвојувањето од современиците. Албумот е како печен за осамено конзумирање во затемнета соба или, пак, на отворен пат, но во сопствениот код носи неописливо чувство за ритам што супер би се вклопило на било кој релаксиран денс-подиум. За загревање, секако. А ако сакате да скокате, тука е разорувачот In The Morning. Со него, момците докажуваат дека имаат адреналин во крвта. Можеби го чуваат за една песна, ама и тоа е доволно.

Интересно е што So This Is Goodbye не е револуционерно издание, ама Junior Boys ја погодиле вистинската рамнотежа со која ќе ве навлечат на неговиот меланхоличен амбиент и емотивна блискост. Не се плашете, нема ве фрли во депресија, но веројатно ќе ве натера да пробуричкате низ расчистените чувства, цврстите ставови и неприкосновените идеи.

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 09.06.2006]

Слични написи

Остави коментар