20/06/2018

Десет години оф-свест

Постирано на 08/06/2011 од во Колумни

Чудно е, но вистинито, за земја со толку уникатна и прекрасна музичка традиција, што и по 10 години, фестивал како OFF-Fest е релативно непозната појава за грото од македонската популација. И покрај сите маки и перипетии, оваа манифестација со самото тоа што опстоја цела деценија во оазата на кичот е успех, меѓутоа, си се задржа на нивото на кое што почна – да им се обраќа исклучиво на најљубопитните и најгладните за звучна авантура. Меѓу нив, како и секаде во светот, се шверцаат и гагаџиите и позерите, што гласно стануваат сред тивок концерт, ама тоа не одзема ништо од наградата што од 2002 година наваму ја добиваат сите што од сè срце го чекаат крајот на мај или почетокот на јуни кога карванот на музиката на светот се паркира во Скопје.

Не се жалам, ми одговара да гледам, слушам и откривам непознати кантавтори, инструментални виртуози и оригинални групи од што повеќе агли на планетава во што поинтимен простор. Тоа во никој случај не е неуспех на организаторите, но е пропуст на тие што избрале наместо Амаду и Маријам, пак да ги гледаат старите финти на Горан Бреговиќ. Знам, знам, вкусот е индивидуално право, ниту на крај памет не ми е да го оспорувам, ама стварно, луѓе, баналните свадбарии на Брега во споредба со генијалните аудиокреации на слепата брачна двојка од Мали? Нема ниту една разумна, а богами и неразумна, причина да го одберам првиот наместо вторите, едноставно, овие африкански се вистински уметници, не профитери со вештачка арт-шминка за извоз на странскиот пазар.

Оваа споредба меѓу ѕвездите од црниот континент и шоуменот од поранешната југословенска федерација некому ќе се чинат непотребна, но мене ми делува нужна. Реално, тие и немаат којзнае колку допирни точки. Сепак, се работи за непостоењето на разлика меѓу квалитетот на едното и надуваноста на другото иако обете, барем надвор од нашиве граници, се сметаат за ворлд-музика. А Амаду и Маријам се само еден од десетиците изведувачи што гостувале на OFF-Fest, а биле во најголема мера игнорирани од јавноста најмногу поради лошата претстава дека, штознам, на фестивалот настапуваат вуди-магионичари кои фрлаат клетви, а не музичари чии песни не се изветвени. Тажната страна на оваа приказна е што сето тоа се случува во земја со долга, од колено на колено пренесувана, традиција кога се во прашање изворните композиции.

И покрај зачмаеноста на поголем дел од јавноста кога е во прашање гостувањето на музиката на светот во Македонија, фестивалот што секоја година ја носи во Скопје има само причина за славење на десеттиот роденден. Јасно е дека не сите изданија на манифестацијата беа подеднакво интересни, некои и не беа, но во историјата на овој собир, прекрасните моменти се убедливо побројни во споредба со тие што се забораваат веднаш штом заврши последниот концерт. Новото продолжение на ова величење на поинаквиот звук, што заврши синоќа, јасно се впиша на листата со неколкуте најдобри досега зашто ниеден од осумте концерти во четирите вечери не беше промашување, односно обратно, беа вистински погодок во секој поглед – и за организаторите и за посетителите.

OFF-Fest, како што и кажува името, е фестивал што се случува “вон”, “надвор”, од некакви рамки. Вообичаено, оф-настан е дел од некоја поголема програма, но не е во целост близок за и официјално да биде вклопен во неа. За манифестацијата што ја слави ворлд-музиката, таа главнина беше постариот брат, Skopje Jazz Festival, во чии рамки порано почесто се одржуваа концерти со ваква стилска определба. Со нејзиното издвојување, Скопје доби засебен фестивал каде што на раат може да се збогатува интелектот и душата со звуци и стилови за кои уникатноста не треба да се очекува, туку се подразбира. За тоа да се зачува, OFF-Fest и во следните десет години мора храбро да продолжи да опстојува како оф-свест на овдешната јавност западната во естрадна бесвест.

Тагови:

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>