A Filetta и Yamandu Costa на OFF-Fest: Виртуози на гласни и гитарски жици

Нема да ги набројувам сите добри страни на фестивал како OFF-Fest, само ќе ја наведам таа што мене ми е најважна – рушење на очекувањата. На вчерашното отворање на новото издание, како што често се случува на оваа манифестација, имав прилика во живо првпат да ги слушнам A Filetta и Yamandu Costa. И како што сите си правиме пред да посетиме некаков културен настан, во глава си зацртав дека на првата група – целосно вокален секстет од Корзика – по неколку песни ќе ја барам вратата за да стигнам до шанкот, а по вториот солист – гитарски виртуоз од Бразил – ќе почнам да правам чести тури до тоалет по 30-ината минути што ќе го отворат концертот. Математиката на крај испадна едно пиво, испиено на паузата. Причината – тоа што го слушнав на првиот и на вториот настап.

Не дека двата концерта земјотресно ме растресоа, но ми беа далеку поинтересни отколку што стереотипно си претпоставув дека ќе се досадувам. Кај A Filetta тоа беше сличноста на нивното полифонично машко пеење со нашите традиционални бапчорки. Како мал присуствував на две свадби што, доколку постоеше можност, би требало да се зачуваат во музеј. Не толку помпезни како галичката, но со обреди што на тогаш неискусново око му беа изненадувачки занимливи. Во еден од нив беа вклучени две мои тетки и две стрини. Облечени во стари носии што долго се во фамилија, тие пееја, во исто време, различно, а сите заедно звучеа како едно. Тоа што A Filetta вчера го претстави во Салонот на Македонската опера и балет беше покомплексно, но поентата, во суштина, беше иста.

Затоа и ми беа интересни повеќе од очекуваното. Предизвикот шест вокалисти, само со својот глас, да го задржат вниманието на речиси полна сала, сигурно е и повеќе од голем, но A Filetta го носат на грб искусно, зрело, самоуверено. А има и зошто – пеат бре! Вооружени само со вокалите и по еден претпоставувам одличен микрофон, тие од себе го вадат духот на Корзика од минатото и сегашноста, а со изведбата го чуваат и за во иднината. Ритмички беа некако еднолични, но глупаво ќе беше да битбоксираат додека некој од нив емотивно солира. Хармонично беа безгрешни, ништо не стрчеше, немаше непријатни грешки, секако, колку што моево лаичко уво можеше да забележи. И покрај воглавно меланхоличниот тон на композициите (ако така можат да се наречат), A Filetta ме оставија со пријатно и со задоволно чувство.

Откако членовите на корзиканската група демонстрираа дека може да се биде виртуоз и на гласните жици, следеше уште еден, но на поинакви – гитарски. Скопје си ги сака мајсторите на шесте жици. Без разлика дали тие свират на струја или без неа, нивните концерти на OFF-Fest и особено на Skopje Jazz Fest отсекогаш влечеле најмногу публика. Јасно беше дека и Yamandu Costa ќе има ваков прием, но со тоа што го покажа, Бразилецот веројатно си создаде уште поголем број обожаватели во земјава. Иако и A Filetta изгледаа крајно минималистички само со микрофоните на бина, тоа што беше шесторица некако го направи тој впечаток не толку оскуден (во позитивна смисла). Кога гостинот од Јужна Америка дојде на сцена, таму го дочека само едно столче, потпирач за нозете и озвучување. А со оглед на тоа што штиците во МОБ одат прилично во длабочина, изгледаше како гитаристот да е сосема сам на целиот свет.

Како свиреше, можеби и таква слика имал во умот. За друг, егоистичен мајстор на гитарата, тоа ќе го направеше концертот монотон, но со комплетната внесеност во тоа што го свири, Yamandu Costa со ноти, не со зборување, илустрира дека шесте жици на акустичниот инструмент му се доволни за да го каже тоа што има да го каже пред присутните. А богами, имаше што да каже човекот. Вештина и техника, но и емоции и забава. Вакви соло-гитарски изведби често ја губат поентата зашто музичарите не знаат кога треба да запрат со вртоглавата гимнастика на прстите. Со тоа што паузираше кога најмалку се очекува, со ударите на гитара во моменти на мртва тишина, со свиркањето како на детско игралиште додека лета низ полињата на инструментот, Costa лесно даде до знаење дека на бина не е (само) за да нè натера да подзинеме поради неговите инструментални егзибиции.

Без разлика што до крајот помалку почна да врти истиот филм, младиот виртуоз од Бразил не го заборави грувот, мелодијата и игривоста во тоа што избираше да го свири, но и во импровизациите со кои што ги надградуваше композициите. Кога на сето ова ќе се додаде и топлината на јужноамериканските краишта што зрачеше од сите нумери, од секое танцување со прстите на жиците, од секој драстичен прекин по вртелешката на која што нè извозел, се добиваат голем број задоволни лица. Секако, и барем едно што со задоволство си признава дека OFF-Fest и денес, десет години по првото издание, ја има моќта да ги поместува, изместува, подобрува и надградува, музичките очекувања. Ова беше само по првата вечер, за тоа ниво да биде уште повисоко, следуваат уште три фестивалски дена.

Слични написи

Остави коментар