20/06/2018

Панкот не е мртов [2011]: Панкерите се пред изумирање

Постирано на 27/04/2011 од во Филм


Фото: Самир Љума

Кога се појави кон крајот на 70-тите, панкот изгледаше дека ќе ја има силата да го издржи притисокот и да не се претопи во меинстримот. Откако и тоа чудо се случи, а се покажа и дека трае до денес, не само три дена, панкот се претвори во уште една од филијалите преку кои главната струја на поп-културата со кеш го полни своето и онака подуено финансиско портфолио. Мамецот од најголемите играчи, сепак, не ја десеткува суштината на панк-движењето и тоа опстои, но во изолирани енклави во општествата од сите агли на планетата. Овој музички и идеолошки правец сега можеби е препакуван и преку Ем-ти-ви се продава како емо-ужинка за Фејсбук-генерациите, меѓутоа, неговата бунтовничка срцевина во речиси секоја држава внимателно ја негуваат мали групи клинци, млади и троа постари луѓе. Токму таква банда општествени одметници е во центарот на “Панкот не е мртов”, новиот филм на режисерот Владимир Блажевски.

Заплетот е поставен на реални, провокативни, скопски, темели. Јордан Симонов го глуми Мирса, фронтмен на панк-бенд што не постои 17 години, а тој сè уште живее на стара слава. Звучи познато, нели? Ова е само една од скокотливите културно-општествени паралели што насловот ги повлекува крај правилата по кои и денес опстојува супкултурата во македонската метропола. Всушност, цело сценарио се испреплетува со вистински случки (“Мирса, прати ме”), ликови од реалноста (“Комитите”) и трендови од секојдневието. Последново, кое се базира на модата на основање групи и организирање манифестации со мултиетнички манифестации по конфликтот во 2001 година, е суштината на сторијата. Мирса, од својот дилер, Албанец, добива понуда да го обедини поранешниот состав и да свири, ни помалку, ни повеќе, во Дебар. Тоа, во основа, “Панкот не е мртов” го прави road-movie. Неговата суштина е патувањето, а не конечниот резултат или, пак, разврската.

Откако Мирса ќе реши да ги собира членовите на бендот – едниот е во Србија, другиот во Босна – дејствието почнува да се тркала. Патешествието е забавно, иронично и на моменти намерно празноглаво, какво што и може да се очекува во приказна што се врти околу ликови кои ги “боли кур за сè”. Освен за бендот, зашто им се “свири у пичку матер”. Ваквиот пристап го доловува панкерскиот дух, водењето живот со кој што сите останати ги исмева во фаца, но сето ова често преоѓа во бесмисленост и во нелогичност. “Панкот не е мртов” е лабав, филм што се обраќа во прво лице, ама на моменти заборава дека и таа позитивна дефокусираност треба да се стабилизира. За разлика од многу други современи македонски наслови, овој не сака да се фали дека меѓу редови открива работи што сите ги знаеме. Во неговиот центар се луѓето што го водат дејствието, а не сè што е околу нив. Тие се најважни, нивната судбина, нивните шеги, нивните глупости. Сè останато, наоколу, е само бучава.

Таа изолираност од групата предводена од Мирса прави тим за кој што сакате да навивате, ама на моменти ве кочи недоразвиеноста на главниот и на другите ликови. Океј, панк-филм е, несовршеноста е неговиот најсовршен квалитет, а сепак, додека го гледате, чувствувате дека поседува потенцијал да се развие до степен преку кој што ќе се ослободи од сите клишеа на кинематографијата од овие простори. Освен тоа, во “Панкот не е мртов” има неколку иконографски, за некого “ситни” недоследности (Мирса со маичка од Cypress Hill?!) што на сите кои ја познаваат оваа скопска и светска сцена, без разлика колку кратко, ќе им го скршат филмот. Глумата, исто така, севкупно, остава измешан впечаток. Дел од актерите играат соодветно и веродостојно (Симонов и Михајловски особено), а за некои е нејасно зошто воопшто биле ангажирани (Дани). Од технички агол, остварувањето е на место – ги акцентира емоциите кога треба и се дистанцира во вистинските мигови.

Во споредба со други модерни македонски кинематографски дела “Панкот не е мртов” се воздржува од напразно забегување. Цврсто држејќи се до темата и до контрирањето вродено во панк-движењето, филмот се решава за линија што е спротивна од неразбирливо филозофската, односно удира сликовен и зборовен аперкат, наместо да сморува со “пораки” што само авторот може да ги разбере. Има и тука чепкање по поширокото опкружување, но внатрешниот панк-свет и тоа како е поважен од надворешната, општествена, реалност. Филмот докажува оти панкот не е мртов, но и дека неговите поклоници, непочитувачите на какви било авторитети, се вид пред изумирање. Дури и во таква ситуација, држејќи се до својата филозофија и идеологија, авторите на сè празно, лажно и надувано, креваат среден прст. А тоа не е доказ за смрт, туку за живот.

Оцена: 75/100

Наслов: Панкот не е мртов
Премиера: 15 април 2011
Режија: Владимир Блажевски
Улоги: Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Џевдет Јашари
Продуцент: Дарко Попов
Сценарио: Владимир Блажевски
Музика: Александар Пејовски
Студио: Punk Film Production

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>