Kodjabashia and Foltin feat. Goce Stevkovski – Penelope X [Litium, 2011]


И покрај тоа што се фасцинантни импровизатори, превиткувачи на структурата на сопствените песни секогаш кога ќе се качат на бина, што е опкружувањето во кое најприродно се доживуваат, “Фолтин” е група со детално дефиниран, крајно личен, звук. Тоа што е невозможно да не ги препознаеш, во дел од секунда да ги издвоиш од стадото, не е некакво провидение. Интригентен е заклучокот дека, поставата од инструменти што стабилно ја користат изминативе години, во исто време, воопшто нема потреба да се збогатува со нови, но и кога тоа ќе се случи, суштината на целината е речиси идентична. Стилот на битолскиот бенд не пати од отсуство на гитара, саксофон, труба или било кој друг инструмент, но ако, и кога тие би се вклучиле, претопувањето е лежерно.

Никогаш не ми паднало на памет дека на “Фолтин” му треба повеќе од тоа што веќе го користи. Уште помалку, пак, дека во изразот треба да вклучи пијано или оркестрации. Меѓутоа, секогаш кога составот ќе ги поместел – минимално или екстремно – границите на сопствениот звук, не сум се сомневал во успешноста на таа екскурзија. Penelope X е остварување целосно напишано, аранжирано и продуцирано од пијанистот и композитор Никола Коџобашија, но во центарот на овој материјал, сепак, е псевдоемигрантското кабаре. Од тие причини, кога во веќе дефинираниот звук на групата од Битола, ќе се слушнат интелигентните звучни решенија на македонскиот композитор што живее во Лондон, лицето не се згрчува од конфузија, туку грчевито се бори, нивото на возбуда, да го спушти на пристојно, општествено-прифатливо, ниво.

Не дека тоа е потребно. Иако е поинаков поради дигитално-експерименталниот допир на Коџобашија, Penelope X е албум што зрачи со звучниот хедонизам што се слуша на сите претходни студиски творби на “Фолтин”. Тоа водење љубов со музиката и со зборовите перфектно е најавено со Kouros, нумера што го отвора цедето. Електричната клавијатура на Коџобашија, како и убавите оркестрации, незабележително се врзуваат со севкупната постава на бендот. Ритмите на Гоце Стефковски, пак, во оваа, но и во останатите песни, уште повеќе го нагласуваат грувот без кој битолската група и онака не може да пулсира. На втората трака, насловната, Penelope X, темпото се придвижува во зголемена кабаре-брзина, а релаксираноста, но нешто помеланхолично, се враќа на беседничката To Whom Do You Belong Now?, која потсестува на други, далеку поромантични, времиња во поп-музиката.

Преку Na Na (Sirens), Коџобашија го демонстрира мајсторството за сликање со апстрактна ритмичка и авторска музичка четка, нешто што во полна форма се слуша на The Pillars of Hercules (Homecoming), композицијата што го затвора цедето. Пред тоа, на True Blue Eyes (Calypso) и на Dawn of the Rose Red Fingers, звукот плива во надреални, донекаде блуз и џез-води, драматично нагласени од широкопојасните клавијатури на Коџобашија. На Cinderella Man, “Фолтин”, со придружба од останатите, се емулира себеси (Financial Times од Lo-Lee-Ta-Too) и притоа не звучи рециклирано, туку реформатирано, користејќи процесор од одличното друштво соработници.

Судеќи според понуденото, “Фолтин”, Стефковски и Коџобашија работеле едни со други иако мора да се подвлече дека несомнен предводник, диригент, на сето тоа, бил влијателниот пијанист. Сепак, тоа што е потписник на композициите и на целокупната замисла, не го поттикнало да се истурка себеси во преден план, туку го инспирирало да се претопи во поставата на составот, задржувајќи си го сопствениот звучен интегритет. Фактот дека истото го направиле и останатите музичари вклучени во овој специфичен проект, го заокружува Penelope X како албум со посебен идентитет.

Оцена: 86/100

Артист: Kodjabashia and Foltin feat. Goce Stevkovski
Албум: Penelope X
Датум на објава: 18 март 2011
Продуценти: Никола Коџобашија
Издавач: Litium (CD) / Filter (дигитално)

Листа на песни:

1. Kouros – 4.05
2. Penelope X – 3.31
3. To Whom Do You Belong Now? – 5.13
4. Na Na (Sirens) (feat. Rebeka) – 2.15
5. Cinderella Man – 4.26
6. True Blue Eyes (Calypso) – 4.27
7. Dawn of the Rose Red Fingers (feat. Rose Betts and Angelina Kodjabashia) – 5.00
8. The Pillars of Hercules (Homecoming) – 6.00

Слични написи

Остави коментар