Jamie Woon – Mirrorwriting [Polydor, 2011]

Соулот ја има таа несреќа да биде правец со едно од најзафркнатите имиња во историјата на музиката. Џејми Вун се согласува. Одбира да не го користи за да го опише тоа што го создава. Kако што вели, се работи за “тежок збор”. Изгледа е во право. Буквално гледано, ако некој тврди оти е соул-изведувач, автоматски изјавува дека неговите песни имаат душа. А нејзиното присуство, за страсните обожаватели, е светост. Оправдано. Тие затоа, кога бездушни артисти галамат дека се соул-мајстори, веднаш ги распнуваат на модерниот крст изделкан од цепениците на блогосферата. Со тоа што не се цепа дека креира соул, а душата на овој жанр го исполнува неговиот деби-албум Mirrorwriting, Вун на скромен начин си го издлаби правото да го користи како разбирлив опис за тоа што го пее и го продуцира.

Да се разбереме, 28-годишниот кантавтор од Лондон и во догледна иднина нема да го развејува соул-знамето пред своите дела, но тоа не значи дека и ние треба верно да газиме по неговите стапки. Англискиот изведувач сопствениот стил го дефинира како аренби-музика предводена од вокали и со грув-темели. Право на Вун е да биде скромен колку што сака. Со тоа, барем кај мене, ќе добие уште поголема почит. Ако, пак, соулот не се ни спомене во синопсисот за неговото цеде-првенец, тоа би било промашување на целта слично на обидот да се опише Квентин Тарантино без да се употреби ниту една пцовка. Режисерот од САД и пејачот од Британија се спротивни како Париз и Скопје (освен во 2014 година, кога ќе ги збратими Триумфалната Капија), но имаат еден заеднички содржател – создаваат дела со душа. Бившиот видеотекар е насилен, поранешниот студент на БРИТ-школата нежен, ама и двајцата си ја сакаат својата уметност.

Таа љубов кон звукот, мелодијата, компонирањето, зрачи од сите 12 нумери на Mirrorwriting. Ова е екстремно топла музика. Не е врела. Единствено нешто што таа може да зоврие се британските и можеби светските топ-листи. Инаку, од неа извира топлина што веројатно попрецизно би се дефинирала како блискост. Вун со албумот си зборува на себеси – во минатото, сегашноста и во иднината – ама комуницира и со тие што го слушаат. Користи современ, електронски, јазик со силен студиски акцент што бесшумно се вклопува во денешната перцепција на музиката. Сепак, во обраќањето на овој извонредно талентиран млад автор се чувствува искуство што може да се напласти само доколку сте искрен слушател. Иако е пилиштар кога е присуството на сцената во прашање, очигледно е дека Вун музиката од мали нозе ја восприемал со целото тело, а не само со ушите.

Тоа не го можат сите. Најмногу бидејќи сметаат дека на песни, албуми, бендови и на соло-изведувачи нема причина да им се посветува толку длабоко внимание. Тие, пак, што го избираат спротивното, знаат дека секоја музика нема капацитет да се доживее со секоја клетка од телото. Со електронската, бас-ориентирана и дабстеп-подлога, со нотите што ги напишал и особено, со гласот со кој што ги отпеал, лондонскиот кантавтор си се вброил себеси во малата група артисти од чиј талент за вадење од колосек не се бега, туку се посакува. Најмногу денес, во ерата на рамнодушност – секаква, па дури и уметничка – сите треба да копаме по дела што ќе нè исфрлат од шините на безволноста. Потенцијал за инспирација од такви размери има Mirrorwriting. Тоа што Џејми Вун го напишал на албумот е огледало за тоа каква убавина се крие во музиката со душа. Соул била таа или не, кога ја слушате, од нејзиниот отсјај добивате слепило за сè бездушно околу себе – од технологија, преку држава до (не)луѓе.

Оцена: 90/100

Артист: Jamie Woon
Албум: Mirrorwriting
Датум на објава: 18 април 2011
Продуцент: Џејми Вун
Издавач: Polydor

Листа на песни:
1. Night Air – 5:22
2. Street – 3:10
3. Lady Luck – 4:08
4. Shoulda – 3:49
5. Middle – 4:38
6. Spirits – 3:47
7. Echoes – 2:17
8. Spiral – 5:25
9. TMRW – 3:30
10. Secondbreath – 0:47
11. Gravity – 5:07
12. Waterfront – 3:51

[related_posts limit=”5″ image=”50″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар