Game of Thrones: Фантазија од крв и месо


Фантазијата, не фантастиката, како литературен жанр, е неприродно дефинирана, ако се има предвид дека самото нејзино постоење не зависи од реалноста, туку од распонот на нечиј ум. Точно, вистинскиот свет често преку алузија е присутен во неа, но во фантазијата речиси по правило се среќаваат тролови, самовили, џуџиња, маѓепсници, кралеви, царици, принцези и сè што може да јава коњ или во рака да држи лак и стрела. Таа зависничка потреба за детали, ги поттикнува авторите што ја создаваат фантазијата на приказни со епска емотивна димензија, ама и должина. За нив, само една книга никогаш не е доволна. Трилогијата е веројатно минимумот, а максимумот е категорија оставена на слободна интерпретација.

Писателот Џорџ Р.Р. Мартин, за потребите на сторијата A Song of Ice and Fire, од 1996 година до денес објави четири романи, петтиот ќе излезе во јули, а потоа ќе следуваат уште два. Ваквото раскажување, што потсетува на сликарски реализам, скоро е невозможно да се спакува во временски ограничена форма. Затоа, на филм ретко гледаме фантазија или слабо ја среќаваме пренесена веродостојно. Освен ако не добиете буџет и авторска контрола како Питер Џексон и на големиот екран ги оживеете The Lord of the Rings. На телевизија, пак, креативно-продукциски пуч со вакви импликации досега не се случил.

Ако некој се прашуваше која ТВ-мрежа е способна да го организира, одговорот не може да биде поочигледен – HBO. Американскиот кабелски канал, чија оригинална програма е убедливо најквалитетна изминативе десетина години, по серијата крими и драмски проекти, се нафати да ја екранизира Game of Thrones, првото од четирите објавени дела од серијалот на Мартин. Од двете едночасовни епизоди, што Home Box Office пред еден месец во Лондон ги проектира пред група новинари од повеќе светски земји, е јасно дека каналот од својот длабок ТВ-рудник ископал и избрусил уште еден дијамант. Во следниот период ќе се дискутира од колку карати е тој. Ако се суди од првите 120 минути, за очекување е дека ќе биде оценет како првокласна телевизиска програма со филмска величина.

Изворен материјал: Разбирливо, квалитетот на книгите на Мартин е столбот на вербата, влогот и ризикот што HBO го презема со Game of Thrones. Бидејќи има пет книги, планот е да се екранизира по една во сезона. Дали така ќе биде ќе покажат реакциите и комерцијалниот успех на првата, но фактот дека телевизијата знае оти приказна од вакви димензии или се прави асално или не се чепка, покажува колкава е вербата во мартиновиот пишан збор.

[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=5PxLidxnAE8&w=500&h=303]

На многу начини, се работи за класична фантазија. Алузијата на средновековието, кралствата, борбата за престолите, сето тоа е дел од повеќето други приказни со сличен корен. Разликата на A Song of Ice and Fire е во бруталната човечност на карактерите, човечката бруталност на ликовите, хуманиот поглед на случувањата и случајностите што ја уништуваат хуманоста. Како и секој добар автор на фантазија, Мартин е фантастичен со деталите, манијак во описите и прописно одлепен во крволочноста.

Заплет, приказна и ликови: Креаторот и извршен продуцент на Game of Thrones, Дејвид Беноиф, серијата на шега ја опиша како “Сопранови во Средната Земја”. Да не беше вистина, ова ќе беше смешно, но основата на сторијата во новото шоу не се самовили, тролови и натприродни сили, туку сплеткарењата на припадниците на неколку кралски семејства, нивните најблиски и дел од советниците, во битката за контрола на Железниот Престол. Иако, несомнено, се работи за фантазија, тоа што ја приближува до реалниот свет е несовршеноста на централните ликови, сомнежот што тие го имаат за сите видови необјасниви феномени и потрагата по начин како да бидат подобри луѓе.

Ликот на Шон Бин, Едард Старк-Нед, може да се каже дека е клучен и најистурен во приказната за Вестерос, каде што летата траат со децении, а зимите цел животен век. Нед е војник, стоик, чувар на кралството. Сака да биде блиску до семејството, да ја почитува традицијата и што подалеку да се чува себеси од игрите во дворот на кралот, Роберт Баратеон, портретиран од Марк Еди. Поради нивното пријателство, Нед ќе почувствува обврска да ја прифати понудата да се врати во главниот град, по што ќе почне спирала од случувања кои во приказната ќе вклучат долга низа од значајни и помалку битни ликови. Сите тие, на сопствен, мал или голем, начин, во сторијата ги внесуваат различните верзии и агли на човечкиот карактер.

Тие се премногу на број, а приказната е претерано широка, за да се навлегува во детали. Суштината е дека уште во првите две епизоди се гледа оти сите си имаат одредена улога што ќе ја одиграат додека лентата се одмотува во останатите осум од дебитантската, но и во можните следни четири сезони. Нивните карактери не се откриваат со брзина на светлината. Меѓутоа, преку имресивните сценаристички решенија, се гледа дека најголем од нив се заокружени со внимателност клучна за фантазијата. На ова се надоврзува беспрекорно професионалната актерска изведба на повеќето глумци. Иако има и такви што кубурат со талент, тоа не ја нарушува веродостојноста на целината и не ја прави комична.

Морални дилеми: Ако во фантазијата најчесто е јасна поделбата меѓу доброто и злото, црното и белото, во Game of Thrones таа граница е заматена. Отприлика се гледа чии вредности се корумпирани, а чии воглавно стојат на здрави нозе, но кај сите ликови – буквално – во текстот е оставена извесна резерва. Мнозинството од дилемите пред кои тие се исправени се вртат околу почит, предавство, семејство, љубов и целиот тој класичен пакет. Нивното комбинирање, пак, и нијансирање со други вредности, над главата на гледачот ставаат далеку покомплексен прашалник што веројатно ќе го натера само на едно – да ја чека следната епизода.


Забавна страна: Темите што се обработуваат во Game of Thrones се грандиозни, сложени, тешки и секако, помалку мрачни и депресивни, но динамиката со која е направено шоуто не дозволува тоа да биде здодевно. Ги има повеќе, ама најсилен растурач на шемата на дејствието и чувар тоа да не западне во ќорсокак, е ликот на Тирион Ланистер, маестрално одигран од Питер Динклиџ. Портретирајќи џуџе, но не како Гимли во “Прстените”, туку џуџест човек, тој од својата маленкост прави циркус што не е ниту глупав, ниту провиден. Освен што забавува, неговиот лик има што паметно да каже и во посериозниот дел од приказната. Нормално, не е само тој што внесува весел тон и не е само комичниот аспект забавен во серијата. Дури и најмрачните, најбруталните, најбескомпромисните секвенци се направени со вкус и со тензија доволна за закажување нов термин на педикир.

Потенцијал за развој: Ако книгите се земаат само како репер, Game of Thrones има изобилство од детали што може да ги открие во следните епизоди, како и во преостанатите сезони. Сепак, постоењето на неколку романи во реалноста воопшто не е критериум дали некоја серија ќе се развива или не. Особено, пак, кога станува збор за вака масивна продукција, пресуден ќе биде комерцијалниот успех иако HBO знае да почека ако првите резултати на ова поле не се одушевувачки, но од друга страна, критичарите позитивно реагираат на тоа што ќе го видат. Секако, за фантазија како оваа, голема улога ќе има и приемот од милионите верни фанови на книжевниот серијал. Ако финансискиот и обожавателскиот извештај се во плус, за идниот развој на серијата ќе биде клучно како и дали продуцентите ќе се држат до квалитетот што го покажуваат на почетокот.

Продукција: Во овој мошне важен поглед HBO не се однесувале како стипси. Тоа е една од причините зашто првите две епизоди, кои во Лондон беа прикажани од врвен дигитален проектор, изгледаа како блокбастерите чија основна цел е да го бомбардираат американскиот боксофис назад во средниот век. Нормално, ова е глупост. Тогаш немало киносали, ама кристалната јасност на обичната акција и сцени и особено, на компјутерски генерираните парчиња, може да биде поттик за вакви парасимпатични обиди за комичност. За среќа, тимот на Game of Thrones бил мртов сериозен кога се работело на оживувањето на Вестерос, со што еден свет на фантазијата е пренесен на досега најимпресивен начин на телевизија.

Севкупно: Ова што екипата на продуцентите Дејвид Бениоф и Ден Вајс го срочила е телевизија во ХД-слика не само технички, туку и во поглед на сценарио, ликови и актерска изведба. Човечната, понекогаш и цинична, страна на приказната го прави шоуто потенцијален магнет и за луѓе кои не можат да ја видат привлечноста кај фантазијата. Поради хуманата нишка, и тие веројатно ќе посакаат да се изнагледаат Game of Thrones, која само го гребе врвот од мразот на сторијата во A Song of Ice and Fire. Ако екипата продолжи да снима вака ревносно и верно на оригиналот, којзнае колкав оган ќе се разгори во останатите строфи од песната на оваа серија.

Оцена: 88/100

Серија: Game of Thrones
Продукција: HBO
Премиера во САД: 17 април 2011
Македонија: 18 април 2011
Емитување: HBO на Max TV (секој понеделник од 21.00)
Автори: Дејвид Бениоф и Ден Вајс
Според книгите на: Џорџ Р. Р. Мартин
Улоги: Шон Бин, Марк Еди, Лена Хиди, Питер Динклиџ, Џејсон Момоа
Извршни продуценти: Дејвид Бениоф и Ден Вајс

[related_posts limit=”5″ image=”50″]

Слични написи

3 коментари

Shroomie 26/04/2011 - 09:21

100/100 дефинитивно во секој поглед!
Најдобрата серија што некогаш била емитувана на HBO!

Reply
Наум 26/04/2011 - 12:46

Одличен почеток. Феноменална атмосфера и одлични детаљи. Feast for the eyes, дефинитивно, а ако може да им се верува на оние кои ги прочитале книгите, натаму станува и подобро.

Reply
Sveznajko 26/04/2011 - 16:44

Одма дисклејмер да ставам – не сум ја гледа л , само трејлерот го имам ѕирнато.
Не се сомневам дека почетокот е добар . Проблемот е со сериите да го задржат вниманието на гледачот долж целиот тек. Скептичен сум зашто имаше многу серии што убаво почнаа : Heroes (првите 10 епизоди) , LOST (И таму 10на епизоди) , Prison Break (исто 10) и мал миљон други. Останува само да се види.

Reply

Остави коментар