Trap Them – Darker Handcraft [Prosthetic, 2011]


Жестината е карактеристика поради која искусни, ама и музичари-пилиштари, гризат нокти како тинејџерки заљубени-изгубени во холивудски филм. Со овој елемент од музичкиот периоден систем, играњето не е препорачано. Сите што не ја сфаќаат неговата суштина и се обидуваат да го вклопат во звучниот израз, себеси се претвораат во главни ликови во трагикомична пародија. Основата на жестината е крајно проста – или поради неа крвта во вените ти врие или никако не можеш ниту барем минимално да ја загрееш. Позери што вештачки се жестат има дури и премногу, но тие се предадени од глума полоша и од таа во дневните латиноамерикански сапуници што Моника скришно ги гледаше во Friends.

За Trap Them да се вклопи во ваков заплет, хардкор-панк и грајндкор-бендот од Сиетл мора да заглави во некој бизарен кошмар. Во реалноста, убоитоста што ја демонстрираат на својот трет студиски албум, Darker Handcraft, истакнува дека нивната жестокост е вистинита ноќна мора. Со неа комотно можете од памет да вадите мали деца, постари лица и паметњаковиќи што добиваат државна плата и се однесуваат како да се божји пратеници, а не партиски слепци. Жестината што Trap Them ја бетонирал во 30-инава минути отвора очи како гневот се претвора во катарза. Лутината тука е конвертирана во терапија и олицетворена во тежина на звукот еднаква на потиштеноста предизвикана од денешната стварност.

Вака кажано, делува како Darker Handcraft да е депресивен албум, а воопшто не е таков. Не е ниту политички, ниту, пак, општествено критички настроен, но од чувството на згмеченост што сите, повремено, го чувствуваме, Trap Them прави лансирна рампа од која испукува проектили со боеви глави исполнети со желба за конфронтирање, а не за конформирање. Што е сосема јасно, бидејќи основата на овие 12 песни е чистокрвниот, бесен, хардкор-панк. На тие армирани темели се подигнати грајндкор и метал-столбови. Над сето тоа, пак, е поставена плоча од D-beat-бетон, шведско-англиската марка што стана популарна на почетокот на 80-тите, а чии создавачи се Discharge.

Конструкцијата што американската петорка ја гради на својот последен албум е екстремно цврста, мајсторски компактна и дивјачки рудиментарна. Потсетува на тоа што изминативе години го прават Disfear и Doomriders, двете веројатно најистурени имиња на оваа мала, ама мошне почитувана сцена. Сите три групи ги поврзува треш-металот и краст-панкот, но ако препознатливоста на вториот бенд од оваа банда е наклоноста кон јужњачкиот рокенрол, кај Trap Them тоа место е резервирано за грајндкорот. И покрај тоа, овој правец се појавува само повремено во својата најочигледна, цунами-форма, а на поголем дел од цедето е присутен симболички, преку неговата хаотична бруталност.

Секако, тоа не значи дека материјалот е неповрзан или свесно расфрлан на сите страни на музичкиот спектар само за членовите да покажат колку се “отворени” за стилски скаламуции. Ова е примален и примитивен панк-звук, осовременет и поврзан со нашата сегашност преку метализираниот дух и продукцијата што на песните им дава мускули кои, наместо со воздух, се напумпани со вистинска и бескомпромисна аудиосила. Тоа, како и насловот на албумот, Darker Handcraft, ја отсликува уникатната способност на Trap Them за рачна изработка на мрачна музика. Во нејзината стапица – доброволно – ќе се фати секој што лови бендови кои се искрени во искажувањето на личната потреба за дисторзирана жестина.

Оцена: 83/100

Артист: Trap Them
Албум: Darker Handcraft
Датум на објава: 14 март 2011
Продуценти: Курт Балоу
Издавач: Prosthetic

Листа на песни:

1. Damage Prose – 2:37
2. Slumcult & Gather – 3:23
3. Every Walk a Quarantine – 2:55
4. Evictionaries – 2:53
5. All by the Constant Vulse – 3:30
6. Sordid Earnings – 1:32
7. The Facts – 3:23
8. Saintpeelers – 1:15
9. Manic in the Grips – 0:58
10. Sovereign Through the Pines – 1:36
11. Drag the Wounds Eternal – 2:35
12. Scars Align – 4:28

Слични написи

2 коментари

SHTIRAK 30/11/2011 - 22:13

Денес после подолго време го слушав Get Some на SNOT и ми текне дека комотно може да се стави во листава… Нели?

Reply
Александар Саздовски 01/12/2011 - 19:25

И мене одма ми текна на Get Some, дефинитивно заслужува да влезе, ама не го ставив ради Straight Up. Језда е со други пејачи, али бендот е тој и затоа не се најде на листава.

Reply

Leave a Reply to Александар Саздовски Откажи го одговорот