Noah and the Whale – Last Night On Earth [Mercury, 2011]


Оригиналноста во уметноста е непроценливо вредна карактеристика, но кога е поп-музиката во прашање, инсистирањето на нејзиното постоење во секое цеде и секоја песна, е често изнасилено. Најмногу зашто е речиси невозможно меѓу милионите изведувачи што секојдневно се појавуваат и исчезнуваат, да нема ниту еден што ќе потсетува на некој друг. А и бидејќи кога се зборува за поп-звукот, вештината за правење слушливи и разбирливи композиции, што лесно можат да допрат до широките народни маси, во повеќето случаи вреди повеќе отколку оригиналноста. Секако, тоа не ги прави песните или албумите подобри, но така тие дефинитивно се на патот што води право до врвот на топ-листите. И секако, ниту тоа не е гаранција за искачување на таа планина, но е сојузник што секој што цели кон пошироката популација, би сакал да го има повеќе крај себе, отколку екстремната оригиналност. Noah and the Whale не може да се пофали со специфични музички екстремитети, ама на третиот студиски албум на составот, Last Night On Earth малку му фали кога е поп-авторството во прашање.

Ова е издание, а и бенд, што речиси сè должи на американската нео-фолк-сцена што изминативе десетина години е мевлем за критичарите и за хип-публиката. Прашање на време беше кога таа опсесија ќе се префрли и преку Атлантикот, во Велика Британија. За Noah and the Whale тоа се случи во 2006 година, кога беше основан бендот, по што во 2008 и во 2009 година следуваа студиски изданија и пренесување на инди-фолкот од зачадените клубови во меинстримот. Сега и на Островот овој правец е меѓу најпопуларните, а “Ное и китот” котираат високо на топ-листата со најбарани изведувачи што го негуваат овој стил. Last Night On Earth не може да се пофали со крајна специфичност. На моменти дури премногу потсетува на слаба копија на посировите американски изведувачи што сакаат во својата музика да внесуваат акустични гитари, жичани инструменти и рефрени за големи концертни сали. И покрај тоа, материјалов поседува заразност што не е евтина или бесрамно плагијаторска. Триесетината минути музика поместени на плочава звучат познато, но тоа не го намалува нивниот поп-квалитет.

Ова е поп-квалитет ослободен од вештачка продукција, синтизајзери и вокална манипулација до бесвест. Тука сè звучи речиси исто грандиозно, наметливо и рефренски лепливо како сегашново ѓубре на топ-листите, но за разлика од него, нумерите на Noah and the Whale се исполнети со онаа пристојност без која едно време не можеше да се замисли комерцијалната музика. Нема лажење, песниве од секоја гледна точка бликаат со потребата да допрат до што повеќе уши. Тоа го прават со добропозната формула што попознати состави ја користат подобро, ама тоа не е навредливо за ничија интелигенција – ниту за членовите на групата од Англија, ниту за нејзините слушатели. Ова дури не е ни музика што се слуша со грижа на совест. Noah and the Whale совесно се погрижиле десетте нумери да звучат современо и актуелно, умно и културно, живо и хумано. Last Night On Earth не е албум што човечката раса ќе посака да го слуша во последната бурна ноќ на Земјата, но е расно поп-парче што може да послужи како саундтрак за нејзиното најчовечки можно, релаксирано, предвечерие.

Оцена: 72/100

Артист: Noah and the Whale
Албум: Last Night On Earth
Датум на објава: 7 март 2011
Продуценти: Чарли Финк и Џејсон Ледер
Издавач: Mercury

Листа на песни:

1. Life is Life – 3:37
2. Tonight’s the Kind of Night – 3:10
3. L.I.F.E.G.O.E.S.O.N. – 3:52
4. Wild Thing – 4:50
5. Give it All Back – 2:56
6. Just Me Before We Met – 3:38
7. Paradise Stars – 1:30
8. Waiting for My Chance to Come – 2:57
9. The Line – 3:30
10. Old Joy – 3:29

Слични написи

1 коментар

Жарко Каранфилов 21/03/2011 - 10:55

Уште подобар звук од претходниот и подобра поп мелодија.

Reply

Остави коментар