Независноста на културната сцена нема државна цена


При самото споменување на терминот “независна културна сцена”, разбирливо е прво да се помисли на сцена од културата (не од филм) што не зависи од ништо и е ослободена од какви било правила, особено од тие што ги наметнува државата. Во ситна, сиромашна и културно споровозна земја како Македонија, помош – односно пари – од власта од секаква боја треба да се бара со сите сили. Нејасно е, сепак, ако државата одлучи да си игра политика, а тоа овде е загарантирано оти тоа ќе се случи, зошто одеднаш се вклучува алармот дека независната културна сцена го допрела дното. Или, пак, доколку челниците на системот доживеат откровение, во очи на избори, дека треба да ја вклучат оваа сцена во нов закон, тоа да се смета за “значаен чекор” во нејзиното опстојување.

И првото и второто играат значајна улога во чекорењето на независната културна сцена, но недозволиво погрешно е размислувањето е дека таа не може да опстои без опојни дози поддршка од институциите. За нив, за тие што удобно си седат во нивните фотелји, независната сцена секогаш ќе биде сегмент од културата сакан и почитуван од безначајно малцинство во земјата. На централната бина, што будно ја следи гласачкото племе, вредноста на некаква си независна сцена е никаква. Ако луѓето што се дел од овој уметнички сегмент на нашето живеење – од креатори до консументи – понизно ја вдишат лагата што секоја власт лежерно ја издишува, дека независната сцена ќе пцовиса без буџетскиот воздух, државата ќе си се опреми со метод за контрола со бесценета вредност.

Ако луѓето што се идентификуваат себеси – на каков било начин – со независната сцена, веруваат дека нејзината иднина зависи од премиери, министри, пратеници или партиски административци, тогаш е загубена целата поента на оваа култура. Бидејќи не постои за да штити нечии политички интереси, туку е заинтересирана само за уметноста, таа може ладнокрвно да поентира со своите дела – без разлика дали тие имаат општествено-политички набој или се сконцентрирани единствено на арт-естетиката. Суштината на независноста е токму тоа, можноста студено да се искажуваат идеи, размислувања, ставови и концепти од кои државниците ќе почнат да вријат. Таа златна прилика ќе исчезне во моментот кога неинституционалната култура ќе помисли дека нејзината крв ќе смрзне без топлото ќебе на власта.

Начини како тоа да се избегне има многу, но најосновните се да се биде самостоен, тврдоглаво да се инсистира на одвоеност и да се живее за независната сцена, дури и кога од неа не може да се заработува за живот. Во земјава владее нереално сфаќање дека сите што припаѓаат на инди-културата само со своите дела треба да обезбедат пари за плаќање сметки. Речиси секаде, од САД до Јапонија, каде што независната сцена, исто така, е на маргините, ситуацијата е обратна – повеќето уметници имаат редовна, секојдневна работа, но тоа не ги спречува со уште поголем ентузијазам да работат на филмови, музика, театар, пишување и што уште не. За нив, обидот да се создаде нешто позначајно, пооригинално и похрабро од понудата на меинстримот, воопшто не зависи од поттикнувачкиот или од игнорантскиот однос на државата.

Повеќето независни “културњаци” се гневни што реките буџетски пари се слеваат кај лажни патриоти, етнопрофитери и естрадни кловнови, а само по некое поточе го наоѓа патот до посмелите проекти. Тоа што не е вклучена во споменатава багра, ја зацврснува критиката што независната сцена ја упатува до популистичката власт. Странските фондови, амбасади и здруженија и натаму се солидна алтернатива за финансирање. И да не се тие, дури и сè принудно да се основа на арт-ентузијазам, тој ќе најде начин како да се испили и во најназадните, антислободарски, услови. Кога ќе се роди во такво опкружување, спроти ветрот, контра текот на буџетската плима, ќе вреди повеќе од сета полтронска уметност собрана на куп. А тоа, со дебела линија, го подвлекува фактот дека независноста на културната сцена нема државна цена.

Слични написи

1 коментар

Дарко 31/03/2011 - 18:15

Одличен текст пријатељу, баш така некако иде таа приказна…

Reply

Остави коментар