20/06/2018

The Walking Dead – Драматично добра хорор-серија

Постирано на 07/02/2011 од во Телевизија

Поради намерно лошата шминка, гејзерите вештачка крв што џвркаат на сите страни или, наједноставно, поради наивната глупавост на целиот жанр, хоророт најчесто е исмеван. Ретко кој го сфаќа сериозно. А секој што се потрудил да најде навистина добар “страшен филм”, знае дека во овој кинематографски стил и не така ретко се крие симболика, општествена критика и пародија на човечките стравови и слабости – логични или неиздржани.

The Walking Dead, новата серија на телевизиската мрежа AMC (Mad Men е во нивна продукција) има речиси сè од горенаведеното со таа разлика што шминката е одлична, вештачката крв делува реално како во киносала, а и целиот заплет не е така глупаво наивен. Црпејќи од истоимениот серијал стрипови на Image Comics, кабелскиот канал од САД создал шоу за малиот со ресурси речиси по правило достапни само за остварувања на големиот екран.

Изворен материјал: Стриповите не сум ги читал. Без разлика колку ми се допаѓал основниот материјал според којшто е снимен одреден филм, како ќе го доживеам ми зависи исклучиво од тоа дали ќе ме погоди како засебно дело, а не дали и колку е верно на оригиналот. Прост пример – секој што ги читал трите дела од The Lord of the Rings од Џ.Р.Р. Толкин, на англиски, ако има здрав разум, ќе му е јасно дека тоа не може, нема теоретски шанси, до крај да биде верно на оригиналот. И затоа многу фанови на книгите ја мрчеа кинематографската трилогија на Питер Џексон. Мене и денес ми е едно од најдобрите филмски искуства што воопшто сум ги доживеал. Причина за тоа е едноставниот факт што австралискиот режисер го долови духот на книгите и го пренесе на големото платно како засебно – филмско – дело. Тоа, всушност, е и еден од клучните квалитети на The Walking Dead.

Од тоа што може да се прочита на интернет, очигледно е дека не се работи за телевизиска фотокопија на саканиот стрип-серијал. Режисерот Френк Дарабонт (да, мистер Shawshank Redemption) го развил концептот за шоуто да биде блиско до духот, до атмосферата, до тензијата присутна во илустрираната верзија, а остатокот го надградил за да функционира на ТВ-екранот. Секако, со неговиот препознатлив, напнат, кинематографски пристап и со доволно голем буџет. Така, серијата, чиј наслов би го превел “Живи мртовци”, е биде уверлива во домашен амбиент, без специјален сараунд што секое крцкање на вратата го претвора во потенцијален срцев удар. Во интерпретацијата на Дарабонт, The Walking Dead, прво, е драмска приказна, со вистински луѓе со опипливи емотивни проблеми, а дури потоа, постапокалиптичен зомби-трилер полн со сцени на разнесување глави со сачмарки, пиштоли и нормално – безбол-палки.

Заплет, приказна и ликови: Како и во стриповите, сторијата се врти околу Рик Грајмс, шериф во мало гратче кој биде ранет, ќе падне во кома и кога ќе се разбуди ќе сфати дека светот бил прегазен од неидентификуван вирус што најголем дел од луѓето ги претворил во зомбија. Дотука, сè е чиста хорор-класика. The Walking Dead е своја во пристапот како потоа се развива приказната. Иако има и солидна доза акција, расчеречување мртовци и морничави моменти, отскокнува по тоа што акцентот го става на тоа како преживеаните се менуваат во овие нехумани услови. Повеќето од нив веќе доживеале огромна траума. Го загубиле домот, семејството и пријателите. Сега се испречени пред неверојатната задача – да преживеат, но и да најдат начин како да не го убијат човечкото во себе додека се претвораат во животни зашто тоа е единствениот начин да останат живи.

Ако во повеќето вакви хорор-наративи тензијата се гради врз потрагата по лек од вирусот (што, најчесто, го наоѓаат), во The Walking Dead за такво нешто не ни станува збор. Дејствието тука се развива како што, веројатно, би било ако навистина нè сотре зомби-апокалипса. Во таков развој на настаните, сите што не биле претворени во “шетачи” или “гикови”, како што галовно се наречени монструмите во серијата, тие ретки обични луѓе само ќе мислат како да останат на нозе, а идејата за наоѓање лек којзнае дали воопшто ќе им пролета низ глава. Тоа не значи дека “Живи мртовци” е депресивно, здодевно и шоу полно со очај. Надеж има, но авторите фино се потрудиле да потенцираат дека таа може да се пронајде во обидот на преживеаните да ја зачуваат хуманоста.

Ова малку делува лигаво, на моменти и е такво, си има клише-испади. Сепак, тие се во дозата потребна за повеќето луѓе од нашава, незомби-реалност, да се поврзат со ликовите и со случувањата во зомби-фантазијата што The Walking Dead ја раскажува. А тоа се случува преку карактерите. Освен Рик Грајмс, тука е и неговата сопруга и дете, Лори и Карл, Шејн, партнерот на шерифот и цела лепеза други фаци што, на еден начин, ја отсликуваат американската сегашност. Прикажана е мултиетничката страна на општеството во САД, но и класната и полова поделба. Серијата вади сè што ги засега луѓето денес и го фрла во пеколниот свет каде што не важат никакви правила, освен најосновното – да преживееш. Има мало кокетирање со политички и општествени прашања актуелни токму сега, но во основа, конфликите се базираат на проблеми што, којзнае зошто, се провлекуваат од памтивек до 21 век. На сето ова се надоврзува мајсторската глума на сите актери – од најстарите, преку децата, до зомбијата. Последниве можеби се смешни – кои зомбија не се – но се и страшни, а за тоа, освен супершминката, се заслужни и статистите што ги портретираат.

Продукција: Уште од првата сцена може да се заклучи дека The Walking Dead е серија што ќе се врти околу луѓе, а не околу скапи специјални ефекти, но, да бидеме реални, тоа што се скапи и ефектни ефектите, прави маките низ кои минуваат луѓето да изгледаат уверливи и вистинити. Да не се лажеме, тука е круцијален и фактот што креативната и продуцентска екипа знаела што прави со сите тие пари што AMC ги фрлил во нивен правец. Долга е листата на режисери што изминативе години добија дебели буџети, но тие ги искористија само за да направат огномет од компјутерски генерирани слики, а не и да раскажат приказна. Дарабонт нема таков хендикеп. Тој ги искористил средствата за да направи врвни и скапи акциски сцени, да ги зачини со CGI, ама сето тоа слугува на сторијата и на ликовите, не обратно. Сигурно затоа AMC му нарача уште една сезона со 13 епизоди, а одвај беа емитувани две продолженија од првата.

Севкупно: Зачудувачки, кој би рекол дека по костимираната драма за подемот на маркетинг-агенциите и нивните директори во 50-тите и во 60-тите години и сè што на општествен и на политички план се случувало тогаш, а толку веродостојно е прикажано во Mad Men, AMC ќе создаде уште една модерна ТВ-класика, но овој пат од хорор-жанрот. The Walking Dead кликнува на сите полиња на кои што треба да кликне една современа телевизиска серија. Визуелно е како филм направен за големото платно, а и актерите играат со иста посветеност и уверливост. Акција, страшни моменти, дури и комедија, има во соодветна мерка, поради што досадата не ги ни покажува своите злобни прсти и по шест 45-минутни епизоди. Во секоја од нив, пак, квалитетот на приказната и сценариото речиси и да не паѓа. Тоа ја прави оваа драмска серија примамлива за сите што сакаат впечатлив телевизиски производ – дури и за тие што го мразат или кај кои хорор-жанрот не поттикнува ништо, освен кисели насмевки и превртување на очите. И на The Walking Dead ќе ги превртувате очите, ама само од чудење колку серијата е драматично добра.

Оцена: 87/100

Серија: The Walking Dead
Продукција: AMC
Емитување во САД: Од 31.10.2010 до 5.12.2010
Прикажување во Македонија: Fox Crime (секоја сабота од 22.15 часот)
Автори (на стрипот): Роберт Киркман, Тони Мур, Чарли Адлард
Улоги: Ендру Линколн, Џо Бернтал, Сара Вејн Келис, Лори Холден, Џефри Деман, Стивен Јеун, Чендлер Ригс
Извршни продуценти: Френк Дарабонт, Гејл Ен Хрд, Дејвид Алперт, Ричард Киркман, Чарлс Х. Игл

Тагови: , , ,

One Response to “The Walking Dead – Драматично добра хорор-серија”

  1. Sasho 31 октомври 2011 at 18:20 #

    Дефинитивно одлична серија. Покрај Homeland, од новите USA ТВ серии би ја препорачал и American Horror Story, трилер/хорор со одличен кастинг, свеж пристап зачинет со омилените хорор-финти и занимлива 'Hаunted house' приказна.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>