Звучни резови #2: Deerhoof, The Go! Team, Hercules and Love Affair, Trail of Dead, Cut Copy, PJ Harvey


Deerhoof – Deerhoof vs. Evil [Polyvinyl]

Оцена: 75/100
Датум на објава: 25 јануари 2011

Во конфедерацијата на музички фрикови, Deerhoof се почитувани колку што се и чудни. По новиот албум, Deerhoof vs. Evil, ретко кој ќе се зачуди ако тој респект се зголеми. Не зашто десеттото цеде во 17-годишната кариера на групата е значително понесекојдневно од деветте што му претходеа. Не е ништо поулаво од нив, но на него четворката ја припитоми сопствената франкенштајновска креативност за да се испроба на полето на – барабани, молам – правење рифови и ритми.

Резултатот е океј, грув нема којзнае колку, јазикот повторно е неразбирлив, а ритмите се ослабена верзија на биг-битовите што со една експлозија се појавија во 90-тите, а со друга изчезнаа. На албумов има и акустични испади и долга низа други нешта што само Deerhoof верува дека треба да бидат сместени во иста песна. Во многу од нив, тоа добро го прават, а во некои, така-така. Сè на сè, селекција од нумери оригинални како и секогаш, но не толку интересни како некогаш.


The Go! Team – Rolling Blackouts [Memphis Industries]

Оцена: 77/100
Датум на објава: 31 јануари 2011

Ако веќе зборуваме за рифови, ритми и грув, и на новиот албум, Rolling Blackouts, The Go! Team ги испорачува со леснотија на доставувач на пици со 30-годишна кариера во диливери-бизнисот. И на третото студиско цеде во еднодецениското опстојување, секстетот од Брајтон, Англија, звучи како да растел во Бруклин, САД. И тоа во 70-тите години, кога бумбоксовите и блексплоатацијата беа секојдневна појава, како што турските серии сега се во Македонија.

The Go! Team на последниот диск не се губи во долината на волците, ниту лисјата му паѓаат, но се крева себеси до речиси истите креативни врвови што ги освои на претходните два (особено вториот) албума. Ова е бенд што, пред сè, сака самиот да се забавува и да ги забавува тие што го слушаат. На Rolling Blackouts можеби тоа го прават дури и премногу познато и слично на тоа што го создале претходно, ама бидејќи се единствени, сè додека тераат на ѕенѕање, може да им се прости.


Hercules and Love Affair – Blue Songs [Moshi Moshi]

Оцена: 75/100
Датум на објава: 31 јануари 2011

Енди Батлер, авторот и продуцент што се крие зад псевдонимот Hercules and Love Affair на своето второ студиско остварување не соработуваше со Ентони Хегарти, што многумина поттикна веднаш да го изругаат Blue Songs. Иако изданието нема исти впечатливи рефрени и емотивна драма како дебито, ниту од далеку не е за фрлање. Ако, пак, се знае дека за првото цеде беше крената непотребно голема фама, нештата сега се врамнотежени, кога е големата слика во прашање.

А таа вели дека Батлер и на втората плоча, како и на првата, создава забавна, слушлива, носталгична диско-музика, со одлична модерна хаус-продукција, фанк-бас-линии и соодветни гости-вокалисти. Новиот материјал на Hercules and Love Affair е далеку полабав, порелаксиран, понесериозен од својот претходник, но во секој друг поглед, Blue Songs ги погаѓа истите точки на истиот, вистински, начин. Диско неоптеретено со интелект (не и глупаво), какво што и треба да биде.


…And You Will Know Us by the Trail of Dead – Tao of the Dead [Superball]

Оцена: 79/100
Датум на објава: 4 февруари 2011

Самото тоа што и по 17 години кариера, шест помпезни студиски албуми, …And You Will Know Us by the Trail of Dead продолжуваат со, ништо помалку надувано, седмо издание, е доволно култот за бендот од Тексас уште повеќе да зацврсне. На Tao of the Dead, групата ги меша стиловите и приказните како што им изгледа и каверот на дискот. На речиси ништо на таа слика не му е местото во тој контекст, а сепак, фино изгледа за око. Функционира. Некако, не делува чудно.

Квартетот од Остин е надалеку познат по способноста за спојување на неспоивите звучни и литерарни идеи. Извонредно е да се слуша дека тој талент пак го развиле до степен што не го достигнува, но се приближува на нивното ремек-дело, Source Tags & Codes (2002). Во Tao of the Dead има доволно текстуална мистерија и звучна енергија за во нив да се задлабочат сите што се зависни од масивни, концептуални, музички остварувања. Сè помалку од ова, за Trail of Dead ќе биде неуспех.


Cut Copy – Zonoscope [Modular]

Оцена: 79/100
Датум на објава: 8 февруари 2011

Немам ништо против кога бендови менуваат стил, дури и драстично, сè додека во новата, освежена, верзија на себеси, зачувуваат барем еден, основен, елемент од изразот по кој станале препознатливи. Ја сфаќам потребата на Cut Copy на третото студиско издание, Zonoscope, да ги рашири креативните крилја и да се уозбили, но не ми е јасно зошто, по ѓаволите, тоа го направиле по цена на епските рефрени, што од нивниот претходен диск, In Ghost Colours, направија електропоп-бонбона.

Не дека австралискиот бенд се претворил во The Future Sound of London. Мелодија има, но се губи во некои наводно пошироки звучни пространства. Се чувствува поместување од првите две плочи, има квазиимпровизации, групата не е толку ригидна во поп-структурата, ама што вреди сето тоа ако човек не може да издвои еден брутално певлив сингл. Океј, Pharaohs & Pyramids е совршена за денс-масовка како во 80-тите, но жур само со една песна не се прави. Убаво што Cut Copy малку се истегнале креативно на Zonoscope – штета што оваа креација не е позапаметлива.


PJ Harvey – Let England Shake [Island]

Оцена: 83/100
Датум на објава: 14 февруари 2011

Во измислениот универзум на општествено-политички освестени ѕвезди, што, за разлика од нашиов, реален, не се шири, туку се смалува, Пи Џеј Харви отсекогаш заслепувала со продорните стихови и едноставната, но разорна музика. Така и на Let England Shake, истражувањето на историјата на конфликтите кантавторката го претворила во мистериозни, не така весели, лирики, на звучна подлога што, само на површината, може да се дефинира како некој алтернативен рок.

Поли Џин сè уште во рака ја држи електричната гитара, што и тоа како се слуша на дискот. За Харви таа е најверниот придружник, како што акустичната им е на фолк-солистите од Америка. Напластени се и други, несекојдневни, инструменти, кои ја збогатуваат меланхоличната атмосфера, ама гласот и шесте жици ја имаат главната улога. Добро е што, како и нејзините обожаватели, Пи Џеј Харви не само што тоа не го заборавила, туку повторно, по којзнае којпат, нашла начин како да го подобри и да го изведе со свежина и со уверливост на дебитант.

Слични написи

Остави коментар