19/08/2018

Синглтека: The Strokes, Jamie Woon, Foo Fighters

Постирано на 28/02/2011 од во Синглтека


The Strokes – Under Cover of Darkness

Засега последниот албум, First Impressions of Earth, The Strokes го објави пред пет години, но тешко е да се заборави дека на него бендот звучеше непотребно “сериозно”. Цедето си имаше фини моменти, ама се чувствуваше дека составот премногу свесно ја водел насоката во која се развивал материјалот. Мераклиски е што на Under Cover of Darkness, првиот сингл од неговиот следбеник, Angles, њујоршката петорка ја воскреснала својата симпатична наивност.

Нумерата е едноставна. Повеќе на Room on Fire-начин, отколку во Is This It-фазон. Продукцијата не е толку набилдана како на изданието од 2006 година. Всушност, песната дури и премногу потсетува на плочата што квинтетот ја објави во 2003 година – пулсирачки ритам, мека дисторзија и глас што минал низ неколку процесори за да остави впечаток како да е отпеан преку мегафон. Чекај, па нумерава звучи како да требала да се најде на тој албум.

Не дека е којзнае колку страшно кога рокерите си ги рециклираат сопствените формули. За The Strokes е проблем што тоа го прави од дебито во 2001 година до денес – повеќе неуспешно, отколку успешно. Under Cover of Darkness нема да го промени тој впечаток. Поверојатно е дека ќе го зацврсне мислењето дека во внатрешноста на бендот од Големото Јаболко не течат сокови – овошни сигурно, ама изгледа сè помалку и рокерски.

Оцена: 65/100

Артист: The Strokes
Сингл: Under Cover of Darknes
Датум на објава: 11 февруари 2011
Издавач: RCA

Jamie Woon – Lady Luck

Кога челниците на Motown Records пред 40-ина години почнале да стануваат алфа и омега во соул-музиката, сигурно не се ни надевале дека во 2011 година, правецот што тие го популаризираа, ќе почне пак да се прикрадува на врвовите на топ-листите и тоа преку звучен жанр за кој не требаат инструменти, туку – компјутер. Џејми Вун е припадник на модерниот британски бран електронски изведувачи опседнати со соулот, а Lady Luck е неговиот најсвеж сингл.

Како звучи, сигурно нема да му биде последен. Кантавторот од Лондон можеби е најцврсто поврзан со дабстеп-сцената, но тоа што го покажува на Lady Luck е, најпрво, извонредно авторство, општ, музички, инстинт, а дури потоа вештини за продукција и аранжмани. Ова, без сомнение, е соул, но со дабстеп-основа и аренби грув. Цели кон топ-листите и добро што е така. Вун има глас за тоа, но уште поважно, знае за него да состави ритам и да напише мелодија.

Тешко да се процени колкав е неговиот комерцијален потенцијал. Оригинален е, слушлив е, но има некоја непозната, некој икс-фактор, што не може да го вброи во друштвото имиња што сега се симбол за соул наменет за масите, како што е, на пример, Џон Леџенд. Сепак, токму таа недефинирана специфичност го прави Вун скокотлив за уши, ама и за подиумот. Којзнае дали ќе му се посреќи да се искачи на врвот на топ-листите, но ако нешто може да му помогне, тоа сигурно е мајсторскиот сингл Lady Luck.

Оцена: 87/100

Артист: Jamie Woon
Сингл: Lady Luck
Датум на објава: 24 февруари 2011
Издавач: Polydor

Foo Fighters – Rope

Ако во обложувалниците постојат коефициенти за тоа кој алтернативен рок-бенд ќе триумфира, ќе одигра пата-пата или ќе доживее дебакл по објавата на нов сингл, добивката на Foo Fighters веројатно ќе бида најмала. Составот, чиј фронтмен е Дејв Грол, во 16-годишната кариера почесто постигнуваше полн погодок, а поретко промашување, со сингловите. Новиот, Rope, од следниот албум, Wasting Light, делува како реми вредно колку победа.

Во фудбалски жаргон, тоа значи омилениот тим да губи 2-0 до 87 минута и до крајот да го изедначи резултатот. Така и Rope. Оваа не е една од оние хит-топ-синглици со кои Foo Fighters повеќепати си обезбеди планетарна доминација. Ова е фина соло-трака што потсетува на раната фаза на бендот, кога неговите нумери скришно, полека, ненајавено, сраснуваа со слушателот. Динамична е како и секоја моќна тема од групата, само што не делува толку свежо.

Можеби нема експлозивна кулминација како The Pretender или заразен рефрен како Monkey Wrench, меѓутоа, суперпривлечни се нејзиниот директен ритам и гитарски парчиња. Секако, енергична е како и секоја композиција во која Грол замешал прсти. Без разлика тоа што не е наметлива како други, повпечатливи, синглови на Foo Fighters, Rope рока жестоко. А тоа е вистинскиот сингл што треба да го испрати состав пред да објави “примален и суров” албум.

Оцена: 73/100

Артист: Foo Fighters
Сингл: Rope
Датум на објава: 27 февруари 2011
Издавач: RCA

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>