Gang of Four – Content [Yep Roc, 2011]


Обединувањето на Gang of Four во оригиналната постава во 2004 година силно мирисаше на чист опортунизам. На почетокот на новиот милениум, групи како Liars, The Rapture и Radio 4, а нешто подоцна и Bloc Party и Franz Ferdinand, се прославија со звук што најмногу им должеше токму на англиските пост-панкери основани во 1977 година. Набројаниве бендови во интервјуа често споменуваа оти биле под влијание на составот на Џон Кинг и на Енди Гил. Кешот, како и во речиси сите други случаи на обновување рок-групи, веројатно и за овие двајца бил пресуден. Од повеќето обединети класични состави, пак, Gang of Four се разликува по објавувањето нов студиски албум. Седмото издание и следбеник на Shrinkwrapped од 1995 година, се вика Content.

Споредено со плочите издадени од повторно собрани состави, оваа и не е така лоша. И цедево буди сомнежи оти единствен поттик за негово излегување била нуждата за – чесна – заработка на членовите на Gang of Four. Тоа е и основната причина за многумина кон него да пријдат со и не така мала резерва. Скепсата, во случајов со Content, се покажува дека не била целосно неоправдана. Меѓутоа, на кантарот на квалитетот, албумот повеќе навалува на позитивната, отколку на негативната страна. Десет песни, сите со просечна должина од околу три и пол минути, препознатливите груверски рифови на една жица на Енди Гил, вокал со типичната мелодичност, но и гнев, отпеан од Џон Кинг, фанки бас-линии од Томас Мекнис и денс-ритми од тапанарот Марк Хини – сето тоа може да се чуе на неодамна објавената збирка со авторски материјал од пост-панк-бендот.

Стилот, суштината, реализацијата на Gang of Four речиси и да не се променила. Отсуството на бес и лутина, споени со панк што поттикнува на танцување, а не на шутирање, најмногу го оддалечуваат новиот албум од четирите плочи што составот ги објави од 1979 до 1983 година, а особено од визионерското деби, Entertainment!. Со оглед на возраста на членовите, не изненадува што Content е побавно, помалку динамично, поеднолиниско остварување. И покрај тоа, цедето во своето 35-минутно течение има доволно добри рифови, рефрени и ритми, за да не го испушти слушателот од раце. Уште поважно, иако ни од далеку нема диско-фаворити како на дебито од пред три децении, материјалот изненадува со разиграноста, со живоста и со незабележливата наметливост. Албумот сосема фино може да се врти во заднина, ама не и целосно да се изгуби во фон зашто песните се очајни. Тие не палат, но дури и повеќе од доволно зажаруваат.

Едноставноста, без никакво изненадување, пак е во преден план. На цедево нема ништо особено сложено. Свирењето, пеењето, се зрели како што им доликува на искусни пост-панкери како Џон Кинг и Енди Гил. Секако, токму тие се ѕвездите на дискот. Нивните вокал и гитара, двете најпрепознатливи мирудии во манџата на групата, вкусно, не претерано суетно, доминираат со миксот, но и фанк-басот и ритмите што раздвижуваат имаат доволно простор за да дојдат до израз. Иако Гил и Кинг се автори на сите песни, ова е снимено и звучи како албум на група, а не на дуо-соработка на влијателни музичари што мерат чие его е поголемо. Содржината што Gang of Four ја помести на Content не е револуционерна како на дебито од пред триесетина години, Entertainment!, но никој не може да тврди дека таа не е забавна. За бендот од Лидс, очигледно, ова денес е доволно. Секој што во тоа не гледа ништо погрешно, на албумов солидно ќе си се изнаѕенѕа.

Оцена: 75/100

Артист: Gang of Four
Албум: Content
Датум на објава: 24 јануари 2011
Продуценти: Енди Гил и Сем Мортон
Издавач: Yep Roc

Листа на песни:

1. She Said ‘you Made A Thing Of Me’ – 3:50
2. You Don’t Have To Be Mad – 3:16
3. Who Am I? – 3:35
4. I Can’t Forget Your Lonely Face – 3:57
5. You’ll Never Pay For The Farm – 3:53
6. I Party All The Time – 3:43
7. A Fruitfly In The Beehive – 3:45
8. It Was Never Gonna Turn Out Too Good – 2:49
9. Do As I Say – 3:26
10. I Can See From Far Away – 2:59

Слични написи

Остави коментар