19/08/2018

Boardwalk Empire – Вечерна школа за освојување апсолутна власт

Постирано на 21/02/2011 од во Телевизија


Сцена што најсликовито ја паметам од детство е таа со количката во железничката станица во “Недопирливи” на Брајан де Палма. Додуша, на речиси цел филм прилично јасно се сеќавам веројатно оти ми беше едно од првите “неанимирани” киноискуства. Изгледа затоа секој филм што потоа сум го гледал, а чие дејствие било сместено во времето на прохибицијата, го доживувам малку поинаку, со трошка носталгија за периодот од животот кога замислував(ме) дека сме гангстери и полицајци. Ако Америка не беше вљубена во митот за нивната робинхудовска страна, ниту Холивуд потоа ќе ја продаваше ширум светот, а ние од мали нозе немаше да имаме поим кои се Ал Капоне, Лаки Лучано и Елиот Нес. Токму со подемот на гангстерите од 20-тите години во САД, со создавањето на митот за криминалците од тоа време и со обидот да се навлезе во суштината на истиот, се занимава Boardwalk Empire, последната високобуџетна серија на кабелската мрежа HBO.

Приказна: “Апсолутна власт”, како што се преведен насловот на шоуто во Македонија, се базира на поглавје од книгата Boardwalk Empire: The Birth, High Times, and Corruption of Atlantic City од Нелсон Џонсон. Делот што е преземен од ова литературно парче и е обработен во серијата, зборува за Инок Томпсон-Наки (Стив Бушеми), благајник на Атлантик Сити во времето на прохибицијата и матен лик низ чии раце поминува планина пари од подмитување, препродажба на алкохол и првокласен рекет. Креаторот на Boardwalk Empire, Теренс Винтер, со поддршка од извршниот продуцент Мартин Скорсезе, режисер на пилот-епизодата, махерски го користат Томпсон и ширењето на неговото царство за да раскажат едноставна, човечка, приказна за загубата и за болката, но и за алчноста, за ладнокрвноста, за желбата за моќ изродени од суровоста и од бесмисленоста на животот.

Или барем така може да се интерпретира едниот агол на сторијата. Другиот е дека, ако им се отвори прилика, сите луѓе би приграбиле што повеќе можат – без разлика колку психолошки и вистински жртви ќе остават зад себе. Гледано на површината, Boardwalk Empire е позната костимирана гангстерска драма од 20-тите, со солидна доза акциски сцени во вид на пресметки за територија, алкохол и жени. Ако, пак, се набљудува подлабоко, шоуто е вечерна школа за освојување апсолутна власт. Лекциите од ова ТВ-училиште важеле пред 90-тина години, но се исто толку познати и денес. Фактот дека Наки, најпрво, е политичар, а дури потоа, гангстер, укажува за поврзаноста и на силните врски меѓу криминалот и луѓето што се на клучните позиции во државата. Таа спојка се втемелила во време кога во САД бил забранет алкохолот, а трагите од неа не се целосно избришани и во следните девет децении. Сите злоупотреби што се гледаат во Boardwalk Empire се присутни и сега, само што дел од нив се легализирани, а дел се поперфидни.

Ликови и глума: Како и во секоја империја, царот е оската на приказната. Нема круна, но за жителите на Атлантик Сити во Boardwalk Empire, Наки е пратеник од Бога на Земјата. Сè оди преку него и сите ликови, на еден или на друг начин, по своја волја или неволно, мораат прво кај него да се помолат (со пари) ако сакаат да направат нешто во малото приморско гратче во сојузната држава Њу Џерси. Наки е неприкосновен газда, но има уште 15-ина ликови со помала или поголема улога во неговото царство, а со тоа и во приказната. Најприсутните четири-пет од првиот ешалон во заплетот се одлично развиени, а иако на дел од тие во вториот можело да се поработи повеќе, и вакви какви што се не го нарушуваат течението. Глумата на Бушеми – очекувано – отскокнува, ама и останатите не потфрлаат во занаетот. Никој од нив не се крие зад перфектните костуми и сценографија, туку манирите и однесувањето ги исфрлаат со самодоверба како да растеле во тоа време.

Морални дилеми: Така било отсекогаш, но за современите телевизиски драмски серии и филмови особено важи правилото дека ако сакаат да бидат успешни, да го задржат вниманието на публиката повеќе сезони, нивниот заплет мора да е полн со долга листа морални дилеми што ги поставуваат пред гледачите. Со други зборови, кој би гледал 100 продолженија во кои хероите се безгрешни, а кај негативците нема ниту трошка надеж дека можеби ќе се подобрат. Како и The Wire, така и Boardwalk Empire ги става гледачите пред клучната дилема – како тие би постапиле доколку се најдат во чевлите на “добрите” или на “лошите” во приказната. Ништо во животот не е црно-бело, тоа го знаат и продуцентите и сценаристите и затоа “Апсолутна власт” е толку магнетно привлечна за следење.

Забавна страна: Многу од горенаведените карактеристики навестуваат бавна и здодевна серија, што изобилува со дијалози и со монолози, а нема абер од акција и од драматични откритија. Гледано така, на најпрост можен начин, Boardwalk Empire може да се сфати како најоток-шоу на светот, но чиста среќа што авторите не го смислиле за гледачи ампутирани од трпение. Во серијата има доволно пресврти, подеми и падови, дури и комични моменти, за таа да биде и забавна, а не исклучиво квалитетна, уверлива и веродостојна на времето што го слика на малиот екран. Не е ова француски арт-филм што не се разбира без кинематографски речник. Шоуто има сериозен тон, интелигентно е напишано, со минимална доза клише-реплики, но е многу, многу, интересно за гледање и за следење.


Потенцијал за развој: Со оглед на извонредниот успех на Mad Men, тешко е да не се претпостави дека токму тоа го натера HBO да си создаде своја драма во костими, но со сосема друг тон и ера од современата американска историја. Доколку и во гореспоменатата серија заплетот (подемот на маркетинг-агенциите) се користи за да се претстават и тектонските промени во САД, истото се случува и во Boardwalk Empire. Траумите од Првата светска војна, зголемувањето на корупцијата во власта поради прохибицијата и законот со кој на жените им се овозможува правото на глас се дел од реалните прашања што во Америка биле актуелни во 20-тите години, а се обработени во првата сезона. И Ал Капоне и Лаки Лучано се појавуваат во шоуто, но во раната фаза од своите криминални кариери. Тоа отвора простор за развивање на нивните ликови. Ист потенцијал има и тој на Наки Томпсон, како и на поголем дел од тие што се во неговиот најтесен круг – емотивен, политички или мафијашки. Нема да биде првпат продуцентите и сценаристите да уништат некое шоу веќе во втората сезона, но имајќи ја предвид репутацијата на Винтер и на Скорсезе, тоа не би требало да се случи.

Продукција: Како и хорор-погодокот на AMC, The Walking Dead, така и Boardwalk Empire и нејзината приказна имаат извонредна корист од импресивниот буџет што HBO го одобри за серијата. Од режија, преку монтажа и музика, до сценографија, костимографија и специјални компјутерски ефекти, речиси и да нема страна што е слабо или аматерски реализирана. Најпозитивен, секако, е фактот што парите не се фрлени во неповрат, туку до последен цент се вложени за приказната да биде што поуверлива и тоа што ликовите го зборуваат и прават да има некаков контекст, а не да биде како евтина новокомпонирана серија на Првиот канал на Македонската телевизија. Во Boardwalk Empire, колку што репликите го поттикнуваат умот, толку визуелниот пакет ги одушевува очите.

Севкупно: Boardwalk Empire не е совршена ТВ-серија, но секоја нејзина епизода ја слика потребата на авторите и продуцентите ревносно да ја бркаат перфекцијата. Со таа нивна навлеченост на детали – сценаристички или продукциски – шоуто си го поплочува патот до долговечност на малите екрани и до создавање база верни обожаватели што ќе ја сакаат зашто ги забавува, а ќе ја почитуваат бидејќи им ја вклучува сијаличката во мозокот за прашања што и денес се исто толку релевантни како и пред девет децении. Не само во Америка, туку и во земји што се цел океан и половина континент подалеку, како Македонија.

Оцена: 92/100

Серија: Boardwalk Empire
Продукција: HBO
Емитување во САД: Од 19.09.2010 до 05.12.2010
Прикажување во Македонија: HBO на Max TV (секој понеделник од 21.05)
Автор: Теренс Винтер
Улоги: Стив Бушеми, Мајкл Пит, Кели Мекдоналд, Мајкл Шенон, Ши Вигам, Алекса Паладино, Мајкл Штулбарг
Извршни продуценти: Теренс Винтер, Мартин Скорсезе, Марк Волберг, Тим Ван Патен, Стивен Левинсон

Тагови: , , ,

3 Responses to “Boardwalk Empire – Вечерна школа за освојување апсолутна власт”

  1. Шонко Нери 21 февруари 2011 at 10:58 #

    Не е Алпа Чино (пасус 1 ред 10) современик на Ели оТ Нес и Ла Кил у Чано. (пасус 1 ред 10)
    Попрво ќе да е Алка Поне. 😉

    • Александар 21 февруари 2011 at 12:25 #

      Лапсус Максимус 🙂

      Ал Пачино, Ал Капоне, многу се слични 😀

  2. Анонимен 21 февруари 2011 at 12:54 #

    Заради сеопфатноста на анализата, филмскава критика е препорачана на насловната страница на Пинг.мк.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>