19/06/2018

Звучни резови #1: Glassjaw, British Sea Power, Cake, Cage the Elephant, Social Distortion

Постирано на 28/01/2011 од во Звучни резови, Музика


Glassjaw – Our Color Green: The Singles EP [A Major Label]

Оцена: 76/100
Датум на објава: 1 јануари 2011

За Glassjaw, ова е прва колекција со нов студиски материјал по пауза од осум години. Our Color Green: The Singles, е EP-издание што на едно место ги собира сингловите што бендот ги објави засебно, на нет, во 2010 година. Овој 20-минутен збир од пет песни е трејлер-најава за албумот што групата би требало да го издаде годинава. Glassjaw на песниве е суровица во стилот на дебито од 2000 година, Everything You Ever Wanted to Know About Silence, а не фина деланка како на следбеникот од 2002 година, Worship and Tribute.

Дарил Палумбо вришти и мелодично беседи како воопшто да не бил одвоен од микрофонот, гитарите на Џастин Бек се нехармонични како и секогаш, басот на Мануел Кареро фино грува, а Дуриџа Ланг со двојната педала растура на тапаните. Сè е бучно, но разбирливо, трешти, но и се всадува во меморијата, меша стилови, но хардкорот е скелетот. Според Our Color Green, коските на Glassjaw сè уште ја имаат старата цврстина, што е добра основа за третиот студиски албум.


British Sea Power – Valhalla Dancehall [Rough Trade]

Оцена: 74/100
Датум на објава: 10 јануари 2011

Со оглед на тоа што отсекогаш биле крајно свои, но и црпеле од групи како Pixies, Joy Division или други пост-панк-имиња од 80-тите, British Sea Power често се губат во морето од слични изведувачи. Четвртиот студиски албум, Valhalla Dancehall, ќе го засили овој впечаток. Бендот на него пак е психоделичен, со поп-нагони, ама повремено гневен и бесен во дози прифатливи за широките маси. Нумерите повторно имаат епски тон, со ехо и со  долги одѕвонувања на акордите и со развлеченост на гитарските соло-моменти.

Комбинацијата на овие елементи е издржана, нема тука аматерски лепенки или музичка неписменост. Очигледно е дека членовите на British Sea Power добро си ја знаат историјата на рокенролот. Постојат помалку од десет години, но на Valhalla Dancehall покажуваат двојно поголема зрелост и искусни авторски решенија. Се работи за прилично едноставен израз, но напишан и отсвирен интелигентно. Ако, пак, во сето тоа внеле уште мала доза нужна адолесцентска недисциплина, крајниот продукт ќе беше далеку повозбудлив. Сега е само интересен.


Cake – Showroom of Compassion [Upbeat]

Оцена: 70/100
Датум на објава: 11 јануари 2011

Навистина се тешко споредливи со што било друго што се појавило на светската музичка сцена изминативе 15-ина години, нивниот спој од сè и сешто е флуиден на најзабавниот можен начин, а сепак, Cake отсекогаш оставале впечаток на бенд со еден хит во кариерата. Или можеби се повеќе, ама калапот на сите им е толку сличен што е разбирливо човек да ги помеша. Ниту Showroom of Compassion, првиот студиски албум по креативната дупка од седум години, нема да го промени тој впечаток.

И на ова цеде Cake е човек-бенд, односно петчлена група чии конци сè уште цврсто ги држи фронтменот Џон Мекри. Без разлика колку фини, просечни или здодевни албуми издава, овој состав секогаш е симпатичен, што е и најсилна карактеристика на новово издание. Бендот може да си влева надеж дека Long Time, Got To Move и Mustache Man (Wasted) ќе им обезбедат високи позиции на сингл-листите оти овие три се единствени нумери со таков потенцијал на плочата. Остатокот е, во најмала рака, минлив и слушнат одамна, но не и тапа до степен што поттикнува желба за изразување сочувство на членовите.


Cage the Elephant – Thank You, Happy Birthday [Relentless]

Оцена: 71/100
Датум на објава: 11 јануари 2011

Ако денешнава инди-рок-сцена и многу од нејзините “артисти” се сериозни дури и кога не треба, како Џони Драма во Entourage, тогаш Cage the Elephant се интересни само зашто свесно се обидуваат да не бидат на таков начин скаменети. Колегите на Cake од врвот на Билборд-листата, на Thank You, Happy Birthday создале колекција од песни преку кои ја комбинираат алтернативата со панкот и со поп-звукот, микс кој и не е толку нов, ама свежо делува токму поради својата спонтаност.

Текстуално, неговата незрелост е и малку претерана, не е така добра како што Green Day знае да ја спакува. Глупирањето, кога е во рацете на Cage the Elephant, не е слабост. Тоа може да биде далеку позабавно и пооригинално, но дури и во оваа форма, составот успева да го претвори во предност. Албумов не е никаков монолит на модерната инди-рок-сцена. Меѓутоа, самиот факт што не се обидува да биде такво нешто, туку само да си рока инстинктивно, го прави ова издание сосема солидно .


Social Distortion – Hard Times And Nursery Rhymes [Epitaph]

Оцена: 80/100
Датум на објава: 18 јануари 2011

Како и Bad Religion, така и Social Distortion се бенд што 30-ина години си шиба во ист звучен правец, ретко, навистина ретко, фаќајќи кривина од сопствениот стил, што јасно се разликува од сите останати за кои зборовите “панк” и “мелодија” се двете единствени музички заповеди. Освен можеби по помодерната и постегната продукција, Hard Times And Nursery Rhymes скоро и воопшто да не отскокнува од претходниците. Со оглед на тоа што е отсвирен и напишан со истото ниво на посветеност и уверливост по кои бендот е познат, тоа не е никаква слабост.

Ова е лесен, искусен, мелодичен панк за возрасни. Блуз и госпел-миговите и соул-вокалите кои одвреме навреме испливуваат од рефрените, го оддалечуваат од сè што може да е слушне на поп-панк-сцената иако токму Social Distortion е еден од виновниците за нејзиното основање и популаризација. Фронтменот Мајк Нес, како и секогаш, е искрен беседник, истетовиран уличен поет што знае како да си игра со зборовите. Во неговата музика и стихови нема ништо комплексно, сè е директно и разбирливо, ама тоа е и поентата на секој добар панк-рок: без разлика дали во него има траги од блуз или од треш-метал.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>