Mogwai – Hardcore Will Never Die, But You Will [Rock Action, 2011]


Судејќи само по насловот, на прв поглед, без воопшто размислување, човек со право може да помисли дека членовите на Mogwai за новиот студиски албум ги набилдале бицепсите и решиле да груваат до пеколот и назад на мрсни рифови. Сепак, не. Седмото цеде на шкотските пост-рок-пионери не е никаков хардкор-манифест, но е тврдокорен во еден, често пресуден, аспект – со него петорката од Глазгов повторно ја покажува бескомпромисната верба во тоа што го работи. Изминативе години квинтетот беше обвинуван, некогаш дури и со право, дека ја рециклира истата идеја што ја смисли кон крајот на 90-тите години. На сето тоа, бендот одговараше со албуми и со турнеи, а никогаш со коментари. Со Hardcore Will Never Die, But You Will групата не ги демонстрира своите панк-корени, но укажува дека цврсто стои зад (воглавно) инструменталниот рок што и самите го претворија во засебен жанр на музичката сцена.

Просто е – тоа што Mogwai и составите како нив го прават или го сакате или не го поднесувате. Трето, веројатно, има, но црно-белата поделба во овој случај е највалидна. Истата важи за последната авторска колекција на шкотските рокери. Самодовербата во себеси и во тоа што го создаваат на овој албум се насликани во релаксираниот тон што доминира од првата нумера, White Noise, до епот што го затвора дискот – You’re Lionel Richie. Фановите на раните изданија на бендот тешко дека претерано ќе се радуваат на новава 53-минутна збирка. Не зашто таа не носи ништо возбудливо, туку бидејќи не е револуционерна како плочите што петорката ги објави од 1997 до 2001 година. Квалитетот на Hardcore Will Never Die, But You Will и неговата делумна супериорност во однос на претходникот, The Hawk is Howling, лежи во фактот што групата со него слика, иста, условно кажано, позрела атмосфера, типична за поискусни изведувачи, какви што сега, несомнено, се инструменталните махери од Глазгов.

Во не така малку случаи, ако албум зграби единствена линија уште од стартот, интересот за него бргу се губи. На седмово цеде, Mogwai не создале динамички хитови како Batcat или I Love You, I’m Going To Blow Up Your School. Овие две нумери го креваат плафонот на The Hawk is Howling, но маката е што се далеку, далеку, подобри од сè останато на овој албум. На Hardcore Will Never Die, But You Will таква драстична разлика нема – составот почнува, го вкопува тонот на материјалот во линија за некое скалило над средината и (со мали варијации) си тера така до самиот крај. Деталите се тие што албум од бенд како Mogwai можат да го направат интересен или здодевен. Кога се тие во прашање, на последново цеде ги има во изобилство и е јасно оти составот им посветил детално внимание кога ги креирал, а потоа и снимал.

Нормално, да кажеш дека за бенд како овој деталите се клучни е исто како да ја известиш јавноста дека денот е светол, а ноќта мрачна. Сепак, деталите, кога ги споменуваме во контекст на шкотските рокери, се посебна категорија. Може да се работи за тон на клавијатури, тивок или бучен гитарски риф или соло-линија, а може и да е ритам на тапаните што само се повторува додека над него се гради ѕид од интелигентна бучава. Кој и да е елемент од овие, на Hardcore Will Never Die, But You Will е склопен со верба, посветеност и желба каква што не можеше до крај да се чуе на претходното издание. Токму тоа е највпечатливата страна на седмиот диск на Mogwai – чувството дека бендот водел хардкор-битка со себеси за да дојде до посакуваниот резултат. И без разлика што е софткор-верзија на силниот звучен и емотивен земјотрес што петорката го предизвикува на живите настапи, албумов има потенцијал за потреси над просекот што е општоприфатен меѓу тврдокорните фанови, лабавите слушатели и препотентните критичари.

Оцена: 80/100

Артист: Mogwai
Албум: Hardcore Will Never Die, But You Will
Датум на објава: 14 јануари 2011
Продуцент: Пол Севиџ
Издавач: Rock Action

Листа на песни:

1. White Noise – 5:04
2. Mexican Grand Prix – 5:18
3. Rano Pano – 5:15
4. Death Rays – 6:01
5. San Pedro – 3:27
6. Letters to the Metro – 4:41
7. George Square Thatcher Death Party – 4:00
8. How to Be a Werewolf – 6:23
9. Too Raging to Cheers – 4:30
10. You’re Lionel Richie – 8:29

Слични написи

1 коментар

E 02/02/2011 - 14:47

Стандардот и средината се најбезбедни дестинации. Или што би рекол еден мој пријател -ако ме прашувате, вакви албуми може вечно да снимате.
Сосема е во ред да ја рециклираат истата идеја што ја смислиле ејџис агоу..се додека ги држи меморијата. На албумот му фали сврзно ткиво да би функционирало како единка, иначе фора ми е цел албум.

Рецензијата: 100/100

Reply

Остави коментар