HARDFACED: Упорноста се исплати


Фото: Стевчо Наумоски

Хардкор-групи со силни метал-влијанија, како Madball, Hatebreed и слични на нив, поради имиџот, однесувањето, ама и дел од ставовите, често добиваат етикети оти се, условно кажано, силеџии. Единствен бенд од Македонија што – музички – е најблизок до оваа категорија, е Hardfaced од Охрид, кои в сабота (22.01.2011) во скопскиот клуб Havana ќе го промовираат вториот студиски албум, Show Them What They Fear. Во однос на другата карактеристика што им се припишува на гореспоменатите популарни групи, Димитар Савески, еден од фронтмените на охридската шесторка, вели:
“Ние сме сè, само силеџии не (хаха). Пази, нашава сцена е многу мала, и скоро сите се познаваме меѓусебно. Луѓето кои нè слушаат, пријателите од други бендови, знаат какви момци сме, и не би рекол дека нè перцепираат на таков начин. Во нашево општество би рекол дека многу поголеми силеџии се момците од турбофолк-сцената”.

Луѓето се плашат од вистината
Диме во Hardfaced вокалните должности ги дели со Климент Велјаноски, гитаристи се Горан Велјаноски и Јован Наумоски, басист е Игор Снегар, а тапанар, Јордан Маленко. Насловот, заедно со музиката од новиот диск што го сними оваа постава, остава прилично конфронтирачки впечаток, нешто што се среќава кај голем број хардкор-групи со вака силни метал-влијанија.
“Насловот може секој да си го доживее на свој начин, но едно е сигурно, луѓето се плашат од вистината. Време е да ги превземеме работите во свои раце, животот е многу краток за да бидете контролирани и водени од некого. Конкретно, во песната според која е насловен албумот, Show Them What They Fear, се зборува за враќање на контролата над сопствените животи”, вели вокалистот Диме.
Уште со името на првиот албум од 2007 година, More Than Hate, Hardfaced јасно укажа дека музиката што ја создава е многу повеќе од омраза и покрај нејзината исклучителна агресивност. Бендот на новото цеде продолжува во оваа насока, пак потврдувајќи дека песните што членовите ги потпишуваат не се само чист гнев набиен во неколку минути.
“Hardfaced никогаш не проповедал нешто во своите текстови, ниту сме пробувале да кажеме нешто што не го разбираме или не сме го доживеале лично. Сè што се дешава во нашите животи, директно влијае на текстовите и на песните. Ако пораката што ја носи секоја песна допрела до некого, го натерала да размислува или лично се пронашол, тоа е нашата најголема статисфакција”.
И на Show Them What They Fear, Hardfaced се прилично агресивни, но сега можеби уште погласни, свирачки постегнати и просто кажано – побрутални. Во земја како Македонија, не треба да се бара со лупа за да се најде причината за бесот во нечија музика, но оваа шесторка не е отворено политички бенд.
“Корените на гневот, или нашата инспирација е секојдневиот живот. Ние сме шест индивидуи, секој со различни ставови за животот, секој со свои проблеми. Излезот од сето тоа е Hardfaced, тоа нè спојува сите заедно и прави бендот да звучи на тој начин”.
На новиот албум, уште повеќе отколку на првиот, се чувствува влијание од метал-жанрот, особено преку одличните солажи. Hardfaced, без никаква дилема, е хардкор-состав, но со силна доза метал во звукот. Диме смета поинаку.
“Ќе бидам искрен, новиот албум може повеќе да биде сместен во метал него во хардкор. Ние нè ја правиме музиката за да биде хардкор или да може да биде сместена во некој стил, едноставно, ја правиме музиката што излегува од директно од нас. Во последниве неколку години излезе тоа што е сместено на новиот албум. Луѓето можат да го наречат како сакаат, хардкор, метал, металкор. За нас најбитно е да биде препознатливо, да биде Hardfaced”, вели вокалистот на составот на чија албумска промоција в сабота во Havana ќе гостуваат и двете скопски групи – Furion и Outlaw.


Фото: Стевчо Наумоски

Музика од која не се заработува
Локалната сцена и поддршката за неа се дел од најзначајните нешта што речиси сите хардкор-бендови го истакнуваат во своите текстови и настапи. И членовите на Hardfaced во секоја прилика не забораваат тоа да го споменат. Составот на 4 јануари означи седум години постоење. Како и секоја годишнина, така и оваа е поттик за оцена и премерување на многу нешта, меѓу нив, секако, и поддршката од локалната сцена. Задоволни сте или можеше таа да биде уште посилна?
“Го основавме бендов од чиста забава и дружење и сè уште фукнкционираме и го правиме ова од љубов кон музиката што ја сакаме. Не ни помислив дека ќе дојдеме до ниво да снимаме, издаваме, правиме концерти. Кај нас е јасно дека од вакви типови на музика не може да се заработува за живот. Сè досега сме финансирале од свој џеб. Поддршката е на добро ниво, се надевам со новиов албум ќе биде уште поголема”, вели Диме.
Заедно со Smut, Screaming For Change и “Непокор”, Hardfaced припаѓа на групата најактивни хардкор/металкор состави во Македонија. Тоа се четири бенда, но за мала земја како нашава и со вакви услови, не може да се каже дека оваа бројка е разочарувачка. Сепак, состојбата кај соседите е подобра.
“Нашата сцена е помала него кај соседите, што е и нормално во однос на големината на нашата земја, но имаме многу музички поспремни и поквалитетни бендови. Во последно време и концертите ни се попосетени него кај соседите. Кај нас има еден проблем, луѓето немаат навика да плаќаат повисоки влезници на концертите. Никаде на страна неможе да се гледаат три-четири бенда за 150 денари или да добиеш концерт плус оригинал ЦД за 200 денари. Кога ќе се сменат тие навики и ќе почнат да се ценат домашните бендови, тогаш веќе можеме да градиме поголема сцена и да станеме дел од секоја турнеја на групи од поголем калибар”.
Hardfaced доаѓа од Охрид, град познат најмногу по туризам, но не и по хардкор, метал, рок и слични состави. Оваа шесторка е еден од исклучоците во, условно кажано, малата и затворена средина, од која потекнува. Вообичаено, на поголем дел од луѓето во вакви места тешко им е да го сфатат тоа што Hardfaced и групи како нив го прават, но Диме вели дека тие и не се обидуваат да се објаснуваат себеси пред мнозинството.
“Последниве години и не сме се завртеле во Охрид, сите сме запишани на факултет во Скопје, и нон-стоп сме на таа релација, таму ги правиме и пробите. Да ти кажам право, не ни се трудиме да објасниме некому што правиме, ова го правиме за нас и за луѓето околу нас што ја сакаат оваа музика, друго не нè интересира. Ни било за нијанса потешко него на бендовите од главниот град. Сепак, доаѓаме од мала средина, каде и речиси не се огранизираат концерти, слаба е посетеноста и слично, но упорноста, на крај, се исплати”.

MP3: Две промо-песни од Show Them What They Fear

Корисни линкови:

Hardfaced
Furion
Outlaw
Facebook Event

Слични написи

1 коментар

Bata 19/01/2011 - 23:46

Gordost!!!Nka cue svetov za vas (;

Reply

Остави коментар