20/06/2018

Ghostface Killah – Apollo Kids [2010, Def Jam]

Постирано на 14/01/2011 од во Албуми, Музика


Соулот и хип-хопот се како браќа. Потекнуваат од ист музичко-генетски базен – афроамериканскиот. И едниот и другиот се блиско поврзани со поезијата. Првиот со таа на емоциите, вториот со таа на улиците. Кога ќе се спојат во еден изведувач, албум или песна, а тоа, логично, се случува често, овие два жанра се вклопуваат перфектно, како профи изделкани жлебови на нов, рачно изработен, ормар. А кога, пак, ќе им се придружи првиот братучед, фанкот, се добива стегнат, масивен, олд-ску-регал за чие поместување е потребна цела фудбалска екипа. Столаријата нема никаква врска со Apollo Kids, последниот албум на Ghostface Killah, нема ниту најважната споредна работа на светот, но и по само едно слушање, ова цеде си фаќа корен во умот и нема намера да се врати на друмот.

Членот на Wu-Tang Clan изминативе пет години објави дури пет албуми. Во 2011 се очекува најмалку еден (Supreme Clientele Part II), а уште еден, барем засега, е само во најава (Blue & Cream). Меѓу продуктите излезени од работилницата за штанцање на Ghostface Killah, Apollo Kids влегува во групата на поквалитетни – не толку моќен како Fishscale, но и не така лабав како Ghostdini: Wizard of Poetry in Emerald City. Деветтиот диск на Денис Колс е старошколска, 40-минутна, рап-рокачина, со цврсти ритми, крцкање на плочи и соул-вокали што најчесто стрелаат во центарот на емотивната мета. Фанкот е вметнат во солидни, но не претерани дози, да ги разигра нумерите, но не и да ги обремени. Грувот е рамномерен, не им ја краде молњата на другите, погореспоменати, елементи.

Симпатично е колку Apollo Kids е едноставен албум, ама не може да се каже дека е само уште едно, минливо, поглавје во хиперпродуктивната фаза на Ghostface Killah. Не се работи за материјал поради кое хип-хоп-критичарите или, пак, образуваните обожаватели, ќе си ги кубат косите. Сè на цедево е прилично еднолиниско, директно, дури познато, меѓутоа, уверливоста со која GK и неговото племе другари ги плукаат римите и ги ставаат, мајсторски, во контраст на црнечките соул-рефрени, прави овој прост пристап да звучи поинаку од сегашното музичко опружување. Нема тука никакви современи продукциски трикови, дури и нема суперстар или имиња нетипични за рап-издание, нешто што модерните хип-хоп-артисти го прават речиси без исклучок изминативе години.

Не оти е лошо рокери да пеат на хип-хоп-плочи, но добро е што на Apollo Kids, Ghostface Killah одлучил да ги ангажира само другарчињата од Wu-Tang Clan, Busta Rhymes, Black Thought од The Roots и неколку ем-сија од своето маало, релативно непознати за пошироката јавност. Веројатно затоа жлебовите на материјалот се вклопуваат толку незабележително. Сите природно се пронашле себеси во олд-скул-вајбот што Ghostface го замислил пред да почне со работа на песните и затоа крајниот резултат е албум од 2010 година, но со очигледно влијание од старата школа. На дисков нема ништо ретроградно или носталгично. Сепак, иако е јасно оти не е направен само со грамофон, неколку излитени плочи и микрофон, фактот што звучи така и е баеги, баеги, уверлив, го прави слушањето на албумов, мераклиско. Поради него не се станува од столче, но седењето го прави ептен удобно.

Оцена: 75/100

Артист: Ghostface Killah
Албум: Apollo Kids
Датум на објава: 21 декември 2010
Продуцент: Frank Dukes и други
Издавач: Def Jam

Листа на песни:

1. Purified Thoughts (feat. Killah Priest & GZA) – 3:31
2. Superstar (feat. Busta Rhymes) – 3:08
3. Black Tequila (feat. Cappadonna & Trife Diesel) – 3:43
4. Drama (feat. Joell Ortiz & Game) – 4:28
5. 2getha Baby – 3:01
6. Starkology – 2:25
7. In tha Park (feat. Black Thought) – 3:47
8. How You Like Me Baby – 3:14
9. Handcuffin’ Them Hoes (feat. Jim Jones) – 2:30
10. Street Bullies (feat. Shawn Wiggs, Sheek Louch & Sun God) – 3:17
11. Ghetto (feat. Raekwon, Cappadonna & U-God) – 4:09
12. Troublemakers (feat. Raekwon, Redman & Method Man) – 3:40

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>