20/06/2018

Верка: “Mоторни песни” e албум-чекан

Постирано на 21/12/2010 од во Интервју, Музика


Освен за добри журки, денсинг салата во Младинскиот културен центар во Скопје најчесто е заслужна за уништување на првиот впечаток што одреден бенд сака да го остави кај публиката. Пред девет години, на тогашниот “Лузер фест”, барем во мои очи и уши, “Верка” ја имаше таа несреќна судбина. Јасно беше дека бендот има нешто посебно во својот израз, но стакларникот речиси целосно го избриша. Чиста среќа што неколку дена подоцна, на главната вечер на “Таксират”, четворката од Делчево настапи на Саем, пред “Лајбах” и со звукот, изведбата и песните, ме удри со чекан по глава.
Фронтменот на “Верка” вели дека новото цеде, “Моторни песни”, што бендот ќе го промовира в петок (24 декември) во скопскиот клуб “Хавана”, има потполно иста особина. По првиот, “Џага”, ова е втор албум чие име, на еден или на друг начин, е поврзан со моторната пила. Сепак, Маздрак, вокалистот и басист на групата, вели дека насловот на новиот диск има поинаква заднина.
“Името на албумот е исто со името на книгата поезија на Никола Вапцаров, кого го сакам и чија поезија, потполно несвесно, ме инспирира за текстот на првата песна што ја снимавме, “Огин”. Подоцна, покрај мојот текст, испеав негови стихови во уште две нумери, “Ѓерданот” и во “Песни” и “без да сакаме” името на албумот се “насмевнуваше”. Така и обвивката на албумот е корицата од оригиналното издание на стихозбирката. И тоа е. Вапцаров е директен и ние сме. Во “Хавана” на 24-ти ќе има журка со “Верка” и “Јаболко за даскалот”. Повелете!”, вели Маздрак, кој во групата свири со Марс Марсовски (гитара), Влатко Ѓоргиевски-Далтон (тапани) и Бране Антовски-Блеки (тапан, кларинет, тарабука, бендир).

Не престанавме да свириме
“Моторни песни” се појавува седум години по излегувањето на “Џага”. Во периодот по објавата на дебито, сè до ланскиот настап со Dedicated for Life во Скопје, “Верка”, беше речиси целосно отсутна од јавноста.
“Вистината е дека ние не се распаднавме”, вели Маздрак и додава: “Не престанавме да свириме, не престанавме да се дружиме и да очекуваме дека некоја “наредна сабота” ќе рокаме некаде. Барем не двете години по излегувањето на “Џага”, за колку време потпишавме дека “Литиум Рекордс” ќе работат на тоа. Но, немаше свирка. По концертот на Скопски Саем како подршка на Soulfly, ни се јавија Dedicated for Life за нивната свирка. Со задоволство прифативме. Тоа е 2009 година. А во меѓувреме се родија моторни песни како израз на нашата нескротливост и покрај личното созревање на секој од нас и новите предизвици на приватен план. Додека се создаваа песните осознававме колку луѓето ни даваат поддршка. Ова е заради нив. Овој албум е само почеток. Ова е албум-чекан. По глава!”
Во поглед на нови песни, од свирката со DFL до денес, бендот во оптек пушти само една, “Огин”, преку спот на YouTube. Нумерава укажува дека “Верка” е онаа “старата”, препознатлива, но постегната и посозреана. Каков е остатокот од новиот материјал?
“‘Џага’! На македонски, фокусиран и сниман сериозно – со јајца. Бавно, но подготвуваме друг спот. Видеото за таа песна, “Огин”, беше идеја и реализација на Огнен Психо Шапковски за што му сме многу благодарни – несебично му помага на бендот, како што ни помогаат и сите со кои воопшто сме биле во контакт во врска со албумот. Наша е музиката, албумот е заеднички. А највеќе на тие што рекле, по разни форуми, на места, по луѓе, лично нам: ‘Ни се допаѓа музиката! Правете!’  Се надеваме дека ќе им се допадне ‘Моторни Песни’ и ним и на нови луѓе”, вели Маздрак.


Во звукот, што, најшироко може да се дефинира како метал, но со примеси од речиси сите негови потстилови, “Верка” ги задржале традиционалниот  тапан од овие простори, како и кларинетот. Пејачот на бендот вели дека внесувањето елементи типични за овие простори не е им е тоа одлучувачки важно.
“Да, важна е опремата на која свириш, инструментот,  ефектите што ги користиш, но на крај одлучува тоа дали музиката е вистинска. Амин. Ние немаме опрема. Ние свириме на тоа што го имаме и тоа што го умееме. Искрени сме, а колку успешни – тоа е процес низ кој се учи. Тоа дека некому можеби не му се допаѓа селскиот тапан или тарабуката, дека некому многу му се допаѓа – не се расправа. Секој со својот вкус. Или шупак. Или мислење. Но, важното: не може да каже дека лажеме”.

Не е важно што те инспирира
На претходното цеде “Верка” пееше за индустрија, за поразличен свет, за смртта на Вероника, за Македонците. Од двете песни што се мотаат на YouTube, јасно е дека составот пак пее за лични нешта, но сега со аналитичен поглед кон општеството. “Моторни песни” начнува слични теми.
“Оптимизам, депресија, фрустрација, револт, задоволство, секој текст како и хаосот во чувствата живеејќи во оваа пустина. Но, претежно е темно и точно, повторно е тоа лично. Ги има ‘Претсмртно’ и ‘Проштално’ од Никола Вапцаров во две песни. Има нови работи на албумов”.
Членовите на “Верка” албумот го издаваат сами. Во продавници ќе може да се купи за прилично евтина цена (350 денари), а на свирката за багателна (200 денари). Ќе може и бесплатно да се симне и на интернет. Ова делува како логичен чекор во мала и сиромашна земја како Македонија, но повеќето бендови овде не се решаваат за него.
“Секој што сака бендот кој му прави музика по ќејф да продолжи да му го прави ќејфот, треба од најсебични причини да плати. Така треба да ја чувствува врската со бендот. Тоа се враќа повеќе и наредниот пат – подобро. Подобра прилика за поддршка на бенд што ти се допаѓа не постои. Затоа што е тој тука, дома и заради тебе. И од тебе зависи. Затоа секој ќе го купи албумот ако му се допадне нашата музика – знам, мислам дека не е скапо”.

Уште пред да го издаде првиот албум, освен по оригиналниот звук, “Верка” беше позната и по нагонот за секогаш перфектна или приближно таква, многу увежбана, жива изведба. Вокалистот на групата вели дека самодовербата на бендот пред публика е една работа, а довербата меѓу нив во составот сосема друга.
“Таа доверба, како и кога почнувавме, не е промената. Денеска поретко правиме проби отколку пред години, но веројатно поквалитетни. Но, на крај, од квалитетот на новата музика може да кажат други дали е така. А изведбата ниту порано ниту сега не ни била перфектна, секогаш може подобро. Сепак, фала”.
Од објавата на Jaggah до денес се променија многу работи и на светската рок и метал-сцена. Еден циклус како да заврши, а веќе делува дека почнува нов, малку повеќе ориентиран кон посировиот израз.
“Колку е лошо, толку е и добро што воопшто, не во однос на рок-сцената, туку на светската меинстрим сцена, можевме да слушаме бендови со нов, дури и инспириран од самиот меинстрим, цврст звук. Денес се гради од звукот во 70-тите, што е доста удобно – поминало доста време за новите генерации, кои не ја познаваат таа сензација, да ја чувствуваат за свежа. Не мислам дека тоа е неинвентивност. Напротив, постојат одлични, креативни бендови – не е важно која ти е инспирацијата – важно е да градиш на тоа, а тоа го прават куп бендови. Можеби не е уште време за враќање на гитарите на некакви славни траки, но ако е циклус како што велиш, тогаш е во ред. Ако новиот албум луѓето го чувствуваат за нешто свежо, тоа би бил искрен комплимент за нас”.

MP3: Верка – Црно оро

Тагови: , ,

One Response to “Верка: “Mоторни песни” e албум-чекан”

  1. Pepica 22 декември 2010 at 10:12 #

    Лесно е да дојдеш на публика која ја има, потешко но многу послатко е да ја создадеш публиката. Публиката на Верка секојдневно расте.
    Аирлија нека е.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>