20/08/2018

Rundek Cargo Trio – Plavi Avion [Menart, 2010]

Постирано на 22/12/2010 од во Албуми, Музика


По распадот на југословенската социјалистичка идила, од сите легенди, со или без покритие на нејзината рок и поп-сцена, Дарко Рундек, со своите изданија и со пристапот, се наметна како еден од најхрабрите, ако не и најсмелите, автори. Музичарот, што во јануари ќе наполни 55-години, целосно не го исфрли Haustor од секогаш пребукираната концертна агенда. За разлика од многумина, тој не се ни обиде да бега од сопственото минато, за потоа со спринт да му се врати, кога контото баеги ќе зацрвенеше во минус. Спротивно од повеќето, кои се одлучија за полесната и попровидната опција – обидувајќи се да свират и да се однесуваат како да се во екот на младоста – Рундек се дрзна пак да се измисли себеси како акустичен музички скитник. Со тој дух на имигрант, кој патува низ чувствата и мислите барајќи, но никогаш не наоѓајќи го својот дом, вокалистот и гитарист, заедно со двајца истомисленици, го сними новиот албум, Plavi Avion.

Без разлика дали со силна, просечна или со слаба посветеност го следите опусот на Рундек во последниве десетина години, потребно е само едно преслушување за да сфатите дека неговиот свеж материјал не отскокнува драматично од своите албумски претходници. Акустичен до крајниот детаљ, произведен на балкански начин, со неизбрусени рабови и со симпатични фабрички грешки, синиот авион на Рундек лета на дестинации познати од порано, но со десеткуван екипаж. И за разлика од авионот за којшто сите се прашувавме дали има пилот, во плавиов, очекувано, зад контролите е маестро Дарко, но во кабината сега се само Изабел на виолина и Душан Враниќ на пијано и удиралки. На моменти авионот минува низ мали турбуленции, во одредени мигови моторите му поткашлуваат, но во најголем дел, летот, што трае час и десетина минути, е пријатен, удобен, а секој слушател би требало да се чувствува како да е сместен во прва класа.

По бројноста на екипата и скромната употреба на инструменти, ноти и зборови, авионот на Рундек делува како да има седишта исклучиво од економична класа, но, условно кажано, штедливоста, овде значи и нескржавост на емотивен план. Албумот можеби е снимен од тројца музичари и во најголем дел напишан само од еден, но има широчина и длабочина каква што многу погабаритни оркестри и групи никако не можат да ја пронајдат, без разлика на нивната инструментална виртуозност и звучна комплексност. Рундек, нормално, и на Plavi Avion беседи со џипси-меланхолија, ама и со надеж што може да се сретне само кај ромските музичари. Стилски, нема тука блех – сè е сведено на акустичните и електрични гитара и виолина, со пијано-поткрепа, зрно перкусии и клавијатури и семплови за нијансирање на атмосферата. Точно, албумот не е 100 посто акустичен, но расфрланите дигитални звуци ниту најмалку не го нарушуваат впечатокот дека се работи за материјал со камерен карактер. Не е класичен, но, сепак, камерен.

Текстуално, не е никакво изненадување што Рундек и на новиот албум е Рундек. За љубовта повторно пее со младешки идеализам, уличните музичари се негови суперхерои, парите ги расипуваат луѓето, градот му мириса на неповрат, лек за тоа бара во Чет Бејкер и Били Холидеј, луѓето-преселници го фасцинираат, а за Балканот го има следниов стих: “Rakija je jaća, nego briga najveća. Sa Istoka tuga i bol, sa Zapada pare na stol”. Ноншалантноста карактеристична за овие простори, тагата и болката, како и западната прагматичност, се искористени за создавање блузерски (“плав”) авион што лета исклучиво на една редовна линија – од Дарко Рундек до слушателите. И покрај метежот во современиот музички воздушен простор, ова сино летало секогаш без мака ќе се пробива до својата дестинација оти неговиот екипаж не само што мајсторски маневрира, туку и постојано трага по нов начин за пишување совршено човечки песни. На Plavi Avion, повторно го пронајдоа.

Оцена: 90/100

Артист: Rundek Cargo Trio
Албум: Plavi Avion
Датум на објава: 29 ноември 2010
Продуцент: Rundek Cargo Trio и Еди Цукериќ
Издавач: Menart

Листа на песни:

1. Kurdistan – 7:11
2. U Borbi Sa Silama – 4:59
3. Sanjala Si Da Si Sretna – 5:53
4. Li-La – 4:11
5. Para Ljude Vara – 3:45
6. You Think You’re Busy – 5:27
7. Sadimo Lan – 4:33
8. Plavi Avion – 6:20
9. Indijanska – 4:15
10. Ruskaja – 5:31
11. Znak – 3:22
12. Drina – 18:25

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>