16/08/2018

Kanye West – My Beautiful Dark Twisted Fantasy [Roc-A-Fella, 2010]

Постирано на 08/12/2010 од во Албуми, Музика


Стопосто не е свесен за тоа, нема причина да биде, но Kanye West е ист со македонските музичари и уметници – искусни или пилиштари, подеднакво – во неколку работи, сите лоши. Надалеку е познато дека овој 33-годишен продуцент и хипхопер, роден во Атланта, е суетен, самобендисан, егоманијак што веројатно заспива навечер слушајќи снимени монолози од сопствениот глас. Којзнае дали и овдешниве свирачи и пејачи имаат таква приспивна, но многу од нив се однесуваат како ѕвезди уште по првата проба во гаража. Некои, полошо, дури и без проба така размислуваат. Трети, веруваат дека ако еднаш станеш ѕвезда (незначајна, мала или голема), тој статус го имаш дури и откако поминало времето за пензија. Kanye West, сепак, од многу имиња на македонската мејнстрим или андерграунд сцена, се разликува во две, есенцијални точки – типот е талентиран и можеби уште поважно, се окозува од работа. Доказ за обете е неговиот нов, петти по ред, студиски албум, My Beautiful Dark Twisted Fantasy.

Оваа умно замислена и уште поинтелигентна остварена плоча во преден план ги исфрла повеќето добри и лоши страни на карактерот на West и од нив прави мета за поткусурување. Сето тоа се случува на звучна и на продукциска подлога занатски најмајсторски изработена во 14-годишната кариера на битмастерот што широките маси првпат го забележаа на The Blueprint, ремек-делото на Jay-Z од 2001 година. Нормално, најдобриот емси според MTV во 2008, уште од авторското деби The College Dropout (2004), си има свој, уникатен стил, но на новото цеде рецитирањето му е речиси беспрекорно, а семпловите, електрониката, ритмите и изборот на гости, најсоодветен на тонот, бојата и сензибилитетот на песните. Не е ова жесток, нервозен, агресивен рап, туку, чист хип-хоп, но без ниту зрно срам насочен кон потокот во кој се буричка главнината од слушателите. И за разлика од многу рап-артисти што плутаат во исти води, Kanye West плива со широки движења, во нумерите собирајќи сè од блуз, преку хип-хоп, до инди-рок.

Не изненадува што сето тоа цврсто стои на земја. West и на претходните албуми не се срамеше да брише прав од стари плочи или микрофонот да го дели со имиња на кои, гледано со предрасуди, не им е местото на хип-хоп-издание. За винилките перфектен пример е Power, трета трака на дискот, каде што Kanye како еден вид “пострефренска” кулминација, користи семпл од 21st Century Schizoid Man од King Crimson. Колку и да делува неприродно, прог-пионерите незабележително се претопуваат во нумерата. Истото важи за инди-херојот Bon Iver, чиј кршлив вокал супер контрира на груверските Monster и Lost in the World. Jay-Z, на првата од овие две, но и на So Appalled блуе зборовен бараж со ниво на ритмичка самодоверба и прецизност типична само за него. Тука се и Chris Rock, со забавниот монолог на крајот од Blame Game и Gil Scott-Heron, кој со парче од својата Comment No. 1 го затвора албумот на Who Will Survive In America. Сепак, ако треба да се одбере една песна што сама по себе го отсликува духот на албумот, тоа, секако, е Runaway.

За неа, на West, не му биле доволни епските девет минути колку што трае нумерата и, отприлика, спотот, па снимил и 35-минутен филм. Самата трака се основа на неколку ноти отсвирени на по еден клавиш од пијано, околу кои, постепено, се напластува ритам, семплови, лирики и мал шлепер полн други звучни додатоци. Мелодијата, текстот и грувот се полни, но на уво се едноставни, приемчиви, слушливи, што е и најсилен адут на албумот и на човекот што вредно работел на неговото креирање. Сè додека Kanye West го покажува талентот создавајќи албуми како My Beautiful Dark Twisted Fantasy со манијачка трудољубивост, има дозвола да биде посамобендисан од многу неиспилени, искусни или излитени музичари од Македонија. Без разлика што, нивните его-височини или суетни квадратури, дури и за него се недостижни.

Оцена: 92/100

Артист: Kanye West
Албум: My Beautiful Dark Twisted Fantasy
Датум на објава: 22 ноември 2010
Продуцент: Kanye West и други.
Издавач: Roc-A-Fella

Листа на песни:

1. Dark Fantasy – 4:40
2. Gorgeous (feat. Kid Cudi & Raekwon) – 5:57
3. Power – 4:52
4. All of the Lights (Interlude) – 1:02
5. All of the Lights – 4:59
6. Monster (feat. Jay-Z, Rick Ross, Nicki Minaj & Bon Iver) – 6:18
7. So Appalled (feat. Jay-Z, Pusha T, Prynce Cy Hi, Swizz Beatz & The RZA) – 6:38
8. Devil in a New Dress (feat. Rick Ross) – 5:52
9. Runaway (feat. Pusha T) – 9:08
10. Hell of a Life – 5:27
11. Blame Game (feat. John Legend) – 7:49
12. Lost in the World (feat. Bon Iver) – 4:16
13. Who Will Survive in America – 1:38

Тагови: ,

One Response to “Kanye West – My Beautiful Dark Twisted Fantasy [Roc-A-Fella, 2010]”

  1. Ivica 8 декември 2010 at 17:38 #

    Одличен албум од почеток до крај, со пар кулминации во Power и Runaway и купче изненадувања како семплувањето на Avril 14th од Aphex Twin. Еден од најдобрите годинава.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>